Домашен
Гоце Седлоски е новиот спортски директор на ФК Вардар
Прославениот македонски репрезентативец Гоце Седлоски во вторникот официјално беше промовиран како нов спортски директор на фудбалскиот клуб Вардар. Седлоски кој за македонската репрезентација има одиграно 100 натпревари, најави дека поради новата функција, во мирување ќе ја стави својата тренерска кариера.
„Вардар е синоним на клупскиот фудбал во Македонија и затоа ми претставува голема чест што сум дел од овој проект. Не се чувствувам дека доаѓам во нова средина. Во клубот се многу познати имиња од мак-фудбалот кои се мои пријатели од минатото или соиграчи од репрезентацијата. Никогаш како фудбалер не бев во можност да го носам дресот на Вардар, но секогаш кога играв во Скопје и кога настапував за репрезентацијата ја чувствував таа поддршка од ’комитите’ кои секогаш се 12-ти играч на клубот, како и на националниот тим. Од денеска па во иднина целото мое искуство како играч и како тренер го ставам во функција на Вардар. Сите мои пријатели и контакти ќе ги искористам за да успееме да создадеме што е можно посилен клуб кој сите во Македонија ќе бидат горди“, изјави Седлоски.Поранешниот капитен на националниот тим, нагласи дека поради новата функција ја повлекол кандидатурата за селектор на репрезентацијата до 21 година.„Имав желба, имав визија како да се води оваа национална селекција, но за сето тоа немаше слух кај одредени личности коишто, за жал, ја имаат таа сила и глас да даваат одлуки околу тоа кој треба да биде селектор. Лично сум разочаран од таквиот однос на таквите функционери кои не ги познавам дека некогаш играле фудбал, а сепак некој им дал таква сила моќ со носењето на одлуки поврзани околу иднината на фудбалот во Македонија“, дополни Гоце Седлоски./крај/мф/нц
Извор: fkvardar.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.