Домашен
Иџе одбраната на титулата ја почнува во Франција
Најдобриот македонски автомобилист и европски шампион на ридски патеки, Игор Стефановски – Иџе во француското градче Сент Жан ду Гард ќе ја почне одбраната на европскиот трон.
Викендов на програмата е првата трка од Европското првенство на ридски патеки, а најдобриот македонски спортист за минатата година ќе се најде пред уште поголем предизвик бидејќи многу е потешко да се одбрани трофејот отколку да стигне до него.
Противниците веќе се свесни за квалитетот и можностите на Иџе и на неговото Mitsubishi Lancer EVO IX и ќе сторат се да го сопрат неговиот победнички од на Стариот континент.
Предноста на македонскиот возач е што оваа година не оди на „слепо“ и ја познава патеката, која според неговите зборови е со просечна должина и е релативно тешка, а поради специфичниот асфалт е многу лизгава и возилото се однесува нестандардно во одредени свиоци.
„Генерално сме подготвени за новата сезона. Сега веќе сме далеку посвесни што нè очекува, одиме во позната насока, што е позитивно, но, од друга страна е што ќе ја имаме врз себе тежината на освоената титула, фаворитскиот статус и дополнителниот притисок кој од тоа доаѓа“, вели Иџе.
Трката ќе се вози на патеката од Сент Жан до врвот Кол Сент Пјер во должина од 5.280 метри. Предвидени се два саботни тренинзи и три возења во неделата, а за вкупниот пласман ќе се смета збирот од двете најдобри неделни возења.
Ова е 43-то издание на оваа трка, а освен за Европскиот, ќе се бодува и за домашниот шампионат на ридски патеки. Бидејќи домашните автомобилисти возат за својот национален шампионат по малку помодификувани правила, различни од оние на ФИА за Европскиот шампионат, тие не се бодуваат за ЕП. Оттука и стартната листа на учесници кај автомобилите е нешто помала од вообичаено. Во неговата група Н, на Иџе освен познатите противници од лани, чешкото дуо, Лос и Јерман, друштво ќе му прават уште и европскиот шампион од 2013 година, Хрватот Мухвиќ и младиот Србин Миљковиќ.
„Имаше најави за некои нови возачи во шампионатот, како од Балканот така и од други земји, и во мојата и во групата А. Ќе видиме кој како се подготвил на првата трка. Секако, ние сме фокусирани на нашиот настап, стандардно, како и секогаш одиме на триумф и да ја почнеме сезоната со победа во Франција“, оптимистички најави Стефановски.
Според правилата, бодувањето во генералниот пласман се врши според пласманот во одделните групи, односно победникот во секоја група добива 25 бода, второпласираниот 18 итн. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.