Домашен
Иџе подготвен за македонско славење во Бузет
На последната трка од годинешната сезона во Хрватска, македонски возач Игор Стефановски – Иџе, заедно со стотина македонски фанови ќе го прослави и официјалното освојување на европската титула
На последната трка од годинешната сезона во Хрватска, македонски возач Игор Стефановски – Иџе, заедно со стотина македонски фанови ќе го прослави и официјалното освојување на европската титула
Најдобриот македонски автомобилист и нов европски шампион на ридски патеки, Игор Стефановски – Иџе, викендов во Бузет ќе настапи на последната трка од Европското првенство на ридски патеки со која ќе ја заокружи својата најуспешната сезона во кариерата. Желбата е таа да се заврши во стил, односно онаму каде што Иџе мина најголем дел од годината – на највисокото место на пиедесталот.
Освоената титула и осумте победи на единаесет трки не ги задоволуваат апетитите на Иџе и има намера со триумф да ја прослави титулата, а со тоа да им овозможи уште поголема радост на стотината негови најверни фанови, кои отпатува во Хрватска за да бидат сведоци на најголемиот успех на македонскиот автомобилизам со што практично, за прв пат сезонава Иџе ќе ја има вистинската поддршка покрај патеката.
„Бузет е една од најлегендарните патеки од овој спорт како во регионот, така и во европски рамки. Има феноменална атмосфера од тамошната публика, перфектна организација и најсилна можна конкуренција. На неа традиционално учествува целата европска елита од овој спорт бидејќи се работи за последна трка од ЕП. Одиме во Хрватска да победиме и со стил да ја прославиме европската титула. Дополнителен мотив ќе ми биде и навивачкиот карван од Македонија кој ќе допатува во Бузет и сакам да им приредам убави моменти и сите заедно да го прославиме големиот успех. Моја желба е да поставам рекорд на патеката во мојата група N со што на вистински начин би ја потврдил титулата“, рече Стефановски.
Новиот шампион од организаторот доби ВИП третман и категорија на специјален гостин. Тој е ослободен од котизација за настап и има повластено место во распоредот на боксовите на екипите. Истото важи и за македонскиот карван составен од претставници од спонзорите, медиумите, навивачите и пријателите на тимот на Иџе кои ќе имаат бесплатен влез на патеката и посебен резервиран дел за следење на трката.
Што се однесува до конкуренцијата, во групата N во која спаѓа Иџе има пријавено дури 27 возачи од шест земји (Хрватска, Словенија, Чешка, Романија, Италија и Австрија). Севкупно, за сите шампионати за кои се бодува трката во Бузет се пријавени 222 екипажи.
Патеката во Бузет е домаќин на трките на ридски патеки уште од 1982 година. Од 2000 година успеа да се вброи во календарот од Европскиот шампионат. Долга е 5.001 метар со просечен успон од 5 рпоценти и висинска разлика од 250 метри. Рекордот е 2:11.858 минути, а го држи Италијанецот Симоне Фаџиоли со „Osella FA30“. Рекордот што ќе го брка Иџе, за возила во групата N го држи домашниот ас и минатогодишен европски шампион на ридски патеки, Томислав Мухвиќ и изнесува 2:43.577 минути./крај/мф/мм
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.