Домашен
Искуството на Баја Маре му пресуди на Металург
Ракометарите на Металург загубија од Баја Маре со 21:23 (9:13) во шестото коло, во Ц групата, во Лигата на шампионите. Металург го забележа четвртиот сезонски пораз, додека Баја Маре со третата победа се израмни на табелата, според бројот на бодовите, со водечките Скјерн и Мотор Запорожје.
Лошото отворање на натпреварот кое го имаше Металург во многу нешта покажа во кава насока ќе се движат случувањата на теренот.
Металург целиот натпревар го одигра во контраритам, особено во првото полувреме домашните играчи имаа проблеми да се справат со длабоката и агресивна зона на романскиот тим. Покрај тоа играчите на Баја Маре успеаја во намерите да го изолираат најдобриот играч на Металург, Божовиќ.
Тимот на Лино Червар никако не можеше да ја најде вистинската игра во нападот, а и на овој меч играчите на Металург во клучните моменти направија многу технички грешки.
Агресивната зона му донесе предност на романскиот состав од 1:5 по само пет минути игра. Во десеттата минута Ромаците имаа позитива од пет голови (3:8), а во 23-та на своето конто имаа постигнато двојно повеќе голови од Металург (6:12).
До крајот на полувремето Металург успеа да направи серија од 3:1 и на паузата да замине со негатива од четири голови (9:13).
Стартото на вториот дел навести подобра игра на Металург, по четири минути се доближи на два гола од противникот (12:14). Сепак искуството на ракометарите на Баја Маре не дозволи Металург да направи и целосен пресврт, туку лесно ја одржуваа предноста од два до–три гола.
На влезот во последните десет минути Металург лесно прокоцка четири напади да се доближи на само гол негатива, но за нивна среќа ниту противникот не успеваше да погоди.
Во финишот екипата успеа да ја раздвижи голманот Дупјачанец, неговите три одбрани во финишот му овозможија на Металург лесни погодоци и прво водство на мечот во 55.минута (21:20).
И наместо Металург целосно да го притисне противникот, во последните пет минути одново заредија грешките, Баја Маре до крајот постигна три гола и забележа значајна победа.
Голманот Дупјачанец беше најдобриот играч на Металург, тој натпреварот го заврши со 12 интервенции, додека Божовиќ со шест голови беше најефикасен на натпреварот.
Металург во наредното коло ќе го пречека украинскиот Мотор Запорожје, натпреварот ќе се одигра на 12.ноември. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.