Домашен
Кастратовиќ: Одбраната и „долгата клупа“ ќе го решат Ларвик
Ракометарките на Вардар два натпревара ги делат од зацртаната цел, пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионките. На патот кон третото последователно учество на Фајнал Фоур турнирот, на вардарки им стои норвешки Ларвик, екипа која во последните шест години четири пати беше дел од најдобриот квартет, а во 2011 година ја освои титулата. Првата од двете пресметки меѓу ЖРК Вардар и Ларвик е в сабота, во Скопје (17:30 ч), во СЦ „Јане Сандански“.
Вардарки подготвени го очекуваат дуелот со Ларвик, тактиката е подготвена, се очекува голема подршка од трибините, а фактот што првиот меч го играат на домашен терен не го сметаат за хендикеп.
„Вардар на секој натпревар, против кого и каде и да игра, без калкулации оди на победа“, рече на прес-конференцијата во пресрет на мечот, претседателката на клубот Гордана Нацева.
Ларвик е типичен претставник на норвешкиот ракомет, сака да игра брзо, но не секогаш во нивните напади владее трпение. Брилијантната Нора Морк е лидер на тимот, а според најавите во Скопје нема да допатува Ања Един-Хамерсенг, влијателна на бековските позиции.
„Тоа е тим кој можеби во овој момент подобро игра на гостински терен. Типичен претставник на скандинавскиот ракомет, тим кој сака 60 минути да игра во истото темпо. Ние имаме играчи, кои можат да го испратат тој ритам. Мислам дека тимот што ќе биде поконцентриран во двата натпревара и тимот што ќе има поголема ротација, а мислам дека тука сме во предност, таа екипа и ќе победи“, рече тренерот Индира Кастратовиќ, која дополни дека доколку се задржи Нора Морк, тогаш на тимот ќе му биде многу полесно.
„Имаме посебна тактика за Нора Морк, но сега нема да ја откријам“, рече Кастратовиќ и се надоврза: „Ларвик има перфектна контра, многу се организирани кога одат во контранапад. Слабост им е нападот, бидејќи не секогаш имаат трпение да го одиграат плански. Поради тоа потенцирам дека нашата цврста одбрана може да ни донесе посакуван резултат. Знаеме дека скандинвските тимови не сакаат кога против себе имаат цврста одбрана, тогаш се оддалечуваат од зоната и нерезонски се обидуваат да реализираат“.
Дуелот кој ќе започне во 17:30 часот, оние навивачи кои нема да бидат во салата, ќе можат да го следат во фан зоната пред СЦ „Јане Сандански“./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.