Домашен
Кастратовиќ: Време е да славиме над Будуќност
Ракометарките на Вардар против Будуќност ќе го одиграат дерби мечот во претпоследното коло, во фазата по групи во Лигата на шампионките. ЖРК Вардар во досегашните дуели никогаш не славел против Будуќност, а во таборот на македонските шампионки се надеваат в недела (17:30 ч) ќе стават крај на негативната традиција.
Оптимизмот, желбата за победа и тимската хемија се факторите кои во ЖРК Вардар се повикуваат пред дуелот со европскиот првак. Претседателката на клубот Гордана Нацева, на прес-конференцијата, натпреварот го најави како дуел на екипи кои ќе играат на завршниот турнир во Лигата на шампионките, додека тренерот Индира Ластратовиќ смета дека традицијата постои за да биде урната.
Вардарки имаат причина за оптимизам, тој се темели на последните две средби, во кои тимот со сигурна игра забележа две убедливи победи. Инаку тие две победи дојдоа по убедливиот пораз токму од Будуќност пред еден месец (31:19).
„Сакам в недела салата да биде полна, за да покажеме дека поразот во првиот меч беше само еден лош ден. Мислам дека нé очекува интересен натпревар, а од наша страна можам да ветам борба до самиот крај. Дефинитвно, не треба да се трошат премногу зборови за тимот на Будуќност, го респектираме овој тим, добро ни е позната нивната игра. Треба да се обидеме да ја пробиеме нивната одлична одбрана и да бидеме поуспешни од нивната голманка која во последно време брани во голема форма. Ме радува што нашата форма оди по нагорна линија и поради тоа се надевам дека можеме да ги освоиме бодовите“, рече ракометарката на Вардар, Сања Дамјановиќ.
„Исклучително значаен меч за нас. Би требало да забележиме победа, доколку го направиме тоа, мислам дека конечно ќе ја надминеме таа психолошка бариера. Целосно сме посветени на овој меч, се надевам дека ќе одиграме перфектно како што игравме во Букурешт. Будуќност игра перфектна одбрана, во секој меч прима малку голови, доколку успееме да постигнеме повеќе од 22 гола, мислам дека можеме да победиме“, рече тренерот на ЖРК Вардар, Индира Кастратовиќ.
Во пресрет на последните две кола во Групата 2, Будуќност води со 13 бодови, два повеќе од Ѓер, а три од ЖРК Вардар./ крај/мф/нц
Извор: макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.