Домашен
Компанијата Цермат стана доминантен сопственик на ФК Пелистер
Реномираната битолска компанија Цермат, официјално е новиот доминантен сопственик на ФК Пелистер. Одлуката доаѓа после повеќемесечните обиди да се избере најповолен понудувач кој ќе овозможи нова сила за Пелистер.
„На големо задоволство доминантен сопственик е нашиот угледен стопанственик кој што е денеска со нас. Тој прифати директно да влезе во фудбалскиот клуб. Најдобрата понуда ја формулиравме на следниот начин:Тој понуди шест години да стопанисува со ФК Пелистер, а за првите четири побара помош од општина Битола. Неговиот влог е околу 390 илјади евра, а нашата поддршка останува следните четири години и ќе се движи до 8 милиони денари. Од сите понуди тоа беше најдобрата и ние како општина прифативме да го поддржуваме клубот и остануваме со 25% од акциите, а 75% ги зема Цермат. На овој начин создадовме услови за врвен фудбал“, изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, нагласувајќи дека на овој начин започнува една нова страница во спортот во Битола.
Доминантниот сопственик „Цермат“ нагласи дека во идниот период стратегијата на компанијата ќе биде насочена кон издигнување на ФК Пелистер кон врвот, негово враќање на местото кое го заслужува и надминување на сите досега постигнати резултати.
„Пелистер оставил голема трага во фудбалскиот живот во Македонија. Следната година е еден голем јубилеј 70 години ФК Пелистер. Ќе се потрудиме да ги постигнеме и да ги надминиме сите досегашни успеси на Пелистер. Немојте да очекувате дека од утре работите ќе се сменат 100% и дека одеднаш ќе ги решиме сите натрупани проблеми. Ние ќе почнеме да работиме и само со работа и работа ќе постигнеме големи резултати. Како мотив за успешен европски Пелистер треба да ни биде Лудогорец. Посебен акцент ќе ставиме на младите. Неможе да има еден голем Пелистер без подмладок. Сериозно ќе вложуваме во младинската школа, а секако очекуваме и максимална соработка со оние без кои не може клубот, навивачката група „Чкембари“, рече на денешната прес конференција, Зоран Ристевски, сопственик на компанијата „Цермат“ од Битола./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.