Домашен
Лазаров: Со овој тим Вардар дома ќе биде фаворит против било која екипа
Второто коло во регионалната ракометна лига СЕХА, го носи големото дерби меѓу македонските ривали Вардар и Металург. Првата пресметка во СЕХА конкуренцијата е прва од најмалку шесте дуели кои големите ривали ќе ги одиграат меѓу себе оваа сезона.
Вардар, кој е актуелен шампион во СЕХА лигата, сезоната ја започна со победа над Војводина во Нови Сад, а со победа во новата сезона. и тоа над Татран во Скопје, стартуваше и Металург.„Многу важен меч за нас во СЕХА лигата е овој дуел со Металург. Ние оваа сезона сакаме да ја одбраниме титула во ова натпреварување. Значи сакаме да играме повторно на завршниот турнир во СЕХА, а за да го постигнеме тоа ќе мораме да ги победуваме нашите ривали, меѓу кои е и Металург. Сепак, оваа сезона за нас ќе биде најважна Лигата на шампиони каде што почетокот е многу важен и каде уште од самиот почеток ќе мора да освојуваме бодови“, рече стратегот на Вардар, Раул Гонзалес.„Тимовите сé уште не го даваат најдоброто од себе, бидејќи е почеток на сезоната, нормално е дека и ние и нашиот противник во сабота се подготвуваме најдоброто да го дадеме на почетокот на натпреварите во Лигата на шампиони. Сите мечеви до почетокот на ЛШ, кои ќе ги играме во СЕХА, ќе ги искористиме за што подобро да се подготвиме. Оваа сезона сме поквалитетни отколку минатата, дојдоа неколку искусни играчи кои знаат како се освојуваат титули на големите натпреварувања. Поради тоа, оваа сезона кога играме на домашен терен сме фаворити против секоја европска екипа, па и против Металург, кој е една исклучително квалитетна екипа“, рече на прес-конференцијата во четвртокот капитенот на тимот, Филип Лазаров.Вардар и Металург во подготвителниот период се сретнаа на турнирот во Струга, во финалето победи екипата од Автокоманда. „СЕХА лигата е нешто друго, мечот во Струга беше пријателски, ние дури по тој меч започнавме со посериозни подготовки“, рече Гонзалес.Вардаровиот тренер истакна дека е задоволен од тоа како засилувањата се вклопиле во екипата, сите тие ќе бидат во конкуренција за место во тимот за мечот со Металург. Раул Гонзалес единствено нема да може да смета на Владимир Петриќ кој уште некое време ќе биде надвор од тренажниот процес поради повреда на рамото.Вардар и Металург првиот дуел во СЕХА лигата ќе го одиграат в сабота во СРЦ Кале, мечот ќе стартува во 20:15 часот./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.