Домашен
Металург ги официјализира трансферите на Коциќ и Липовина
Голманот Мирослав Коциќ и десниот бек Владан Липовина во вторникот ги официјализираа своите трансфери во редовите на ракометниот шампион на Македонија, Металург.
Искусниот 33-годишен голман Коциќ пристигна од редовите на Војводина, тој е замена за Раде Мијатовиќ кој се пресели во Унгарија. Коциќ за место во тимот ќе има конкуренција во Дарко Станиќ и Никола Митревски.
Во кариерата Коциќ настапувал за Дубочица, Планика, Заечар, Железничар и Ал Џаиш.
„Презадоволен сум од можноста да заиграм за екипата на Металург, која секако е една од најдобрите во Европа, што и го покажа со своите пласмани во последните две сезони од Лигата на шампионите. Мило ми е што ќе играм во Скопје каде ракометот е повеќе од спорт. Знам дека во Металург конкуренцијата на моето место е жестока и јас исклучително ги почитувам и Станиќ и Митревски. Сепак, во колективен спорт каков што е ракометот, најважно е сите тројца да бидеме во функција на клубот и сметам дека ќе има доволно натпревари во кои сите ние ќе имаме можност да ги покажеме своите квалитети. Морам да признам дека ниту во еден момент не се двоумев да ја прифатам поканата и да потпишам за Металург“, изјави Коциќ за интернет страницата на клубот.
Црногорскиот репрезентативец Владан Липовина има 21 година, во тимот пристигна на местото на Никола Кеџо, тој треба да биде соодветна замена за Ренато Вугринец. Минатат сезона Липовина настапуваше во шпанското првенство во екипата на Сиудад Енкантада.
„Мојот потпис за Металург претставува голем напредок во мојата кариера. Иако имав доста понуди, ја прифатив поканата на Металург, бидејки тоа е екипа која учествува во Лигата на шампионите и постигнува феноменални резултати во ова натпреварување. Металург е познат по својата работа со млади ракометари, а тренерот Лино Червар е еден од најценетите во светот. Особено ми е мило што ќе играм покрај Ренато Вугринец од кого ќе имам што да научам. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата на клубот и дека ќе имам можност да допринесам во идните успеси на Металург“, изјави Липовина./крај/мф/нц
Извор: rkmetalurg.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.