Домашен
Металурзите желни за докажување, одат на победа против Елверум
Металург, в сабота, на домашен терен ја отвора новата сезона во ракометната Лига на шампионите. Прв противник на четата која ја предводи Лино Червар ќе биде норвешкиот шампион Елверум.
Норвешки Елверум е противник со кој Металург се сретна и минатата сезона во Лигата на шампионите, македонскиот вицепрвак лани победи во Скопје, а загуби во Норвешка.
Елверум, исто како и Металург, во паузата помеѓу двете сезони, направи одредени промени во составот, но клучните играчи останаа, пред сѐ двајцата високи пивотмени на кои се базира одбранбената формација 6-0.
„Имаат двајца високи играчи кои играат во централниот дел на зоната, ќе мора да ја развлечеме таа нивна одбрана доколку сакаме да победиме“, рече Червар на прес конференцијата во четвртокот.
„Првиот меч за нас е исклучително важен. Елверум е сериозен тим, малку изменет во однос на минатата година, но главните играчи останаа. Тука е голманот Мортен, потоа левото крило Линбое, им останаа двајцата пивоти преку кои многу играат во нападот. Имаат двајца нови играчи на позицијата лев бек, Тоф и Словенецот Поклар, опасен е средниот бек кој целосно диригира со нивната игра. Десен бек е еден искусен играч, Лестергард, а на десно крило го имаат Иванчик. Нивната снага е во одбраната, во Норвешка сѐ уште се без пораз“, дополни Червар.
Металург против Норвежаните ќе игра без повредените Обрадовиќ и Дрогришки, но Червар верува дека неговата млада екипа, која игра добро од почетокот на сезоната, ќе може да стартува со победа во ЛШ.
„Играме добро од стартот на сезоната но на секој меч кој го одигравме ни се случуваа одредени падови во играта. На овој натпревар не смееме да си дозволиме да имаме „црни дупки“ во играта, бидејќи Елверум тоа ќе знае да го казни. Металург е млад тим, најмлад во ЛШ. Ниту еден тим во ЛШ нема, какви што се Талески, Нелоски, Кузмановски, Велкоски, кои на возраст од 19 и 20 години толку влијаат врз играта“, рече стратегот на Металург.
„Елверум е познат противник за нас, игравме лани со нив. Овој меч е прв во Лигата на шампионите, прв кој ќе го играме во овој состав и сите сме желни за докажување. Ќе го дадеме максимумот, сите ќе се бориме како еден, очекувам да одиграме добар меч и со помош на публиката да обезбедиме победа“, изјави капитенот на тимот Филип Талевски.
„Прв меч за нас, за нас кои сме млади играчи, ќе биде голем потстрек кон она што го посакуваме, а тоа е победа. Евентуална победа ќе многу ќе ни значи во продолжение на натпреварите во ЛШ“, рече голманот Дарко Арсиќ, кој со формата која ја презентира на воведните мечеви во СЕХА лигата ги собра симпатиите на навивачите.
Натпреварот Металург-Елверум ќе се одигра в сабота од 17:30 часот во арената „Борис Трајковски“. крај/мф/нц
Извор: макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.