Домашен
Рекорден број натпреварувачи ќе трчаат на Скопскиот маратон
В недела (8.мај), по скопските улици по 12-ти пат ќе се трча „Виз Ер Скопски маратон“. Организаторите, на прес конференцијата која се одржа во петкот, најавија дека ќе биде срушен рекордот според бројот на учесници во сите конкуренции, односно дека се очекува учество на над 7.000 натпреварувачи од 45 земји во светот.
„Градот Скопје, организаторите и големиот број волонтери реализираат веќе интернационално афирмиран спортски настан на кој секоја година се пријавуваат сè повеќе професионалци, рекреативци, граѓани, ученици од основните и од средните училишта, пријатели на спортот и на позитивната енергија. Можам слободно да кажам дека за Градот Скопје и за Република Македонија, маратонот има и културна, економска и туристичка димензија, толку потребна за афирмирање на имиџот на нашиот главен град и на нашата држава“, истакна скопскиот градоначалник, Коце Трајановски.
Градот Скопје за оваа манифестација од својот буџет издвои 1.200.000 денари, кои се ставени на располагање на сите јавни градски претпријатија, кои според градоначалникот, беспрекорно си ја вршат својата работа.
Наградниот фонд на маратонот изнесува 17.000 евра. Победниците во машка и ќенска конкуренција ќе добијат чек на 2.000 евра, додека второто и третото место ќе биде наградено со 1.200, односно 700 евра.
Во случај победникот во машка конкуренција да оствари резултат под два часа и 20 минути, ќе добие дополнителен бонус од 1.200 евра, а истиот бонус е предвиден и за најдобрата во женска конкуренција, доколку резултатот е под два часа и 49 минути.
„Од организаторска гледна точка, навистина е убаво чувството да се знае дека постои голем интерес за оваа спортска манифестација, како од наши граѓани, така и од странство, најмногу поради фактот што со секое ново издание на маратонот, се подобрува и квалитетот на истиот, со поквалитетни понудени услови за учество. Поради тоа Виз Ер Скопскиот Маратон се вбројува во еден од најдобрите маратони кој може да се спореди со познатите маратони од други светски метерополи. Овој интерес е сè поголем со секоја измината година. Виз Ер Скопскиот Маратон е спој на годишна традиција која внесува млад дух и елан во главниот град на Македонија секоја пролет и ги потсетува сите граѓани за важноста да се биде спортски и физички активен. Овој спортски хепенинг ги потсетува сите и за важноста да се учествува во настан од ваков вид дури и за самиот себе, сè со цел да се подобри карактерот, но и психичката издржливост и упорност да се исполни одредена зацртана цел“, рече директорот на Виз Ер Скопскиот Маратон, Кире Синадиновски.
Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската Унија. Маратонот ќе се одржи на 8-ми мај по повод Денот на Европа, со почеток во 08:45 часот на стартната линија во центар, во срцето на главниот град.
Стартот на маратонот, в недела, ќе биде во 8:45 часот на плоштадот Македонија.крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.