Домашен
Реми на Вардар против Мешков
Ракометарите на Вардар со реми против Мешков Брест 34-34 (15-18) ја започнаа новата сезона во СЕХА лигата. Натпреварот во кој Вардар во последните три минути имаше три голови предност беше решен во последните три секунди, кога најпрвин Цендриќ постигна гол за македонскиот првак, а потоа Стојковиќ од пенал го постави конечниот резултат.
Скопската публика имаше можност да види тројца од четворицата нови играчи на Вардар (Борозан, Канељас, Рожерио) и две различни полувремиња на играчите во „црвено-црни“ дресови.
Мешков Брест ја контролираше играта во првото полувреме, максимално ги користеше грешките кои вардарци ги правеа во одбраната, а благодарение на голманот Пешиќ, два пати имаше и предност од четири голови.
Вардар успеа да се консолидира во вториот дел, трпеливо ја градеше играта и ја топеше предноста на противникот, а во 50-та минута стигна до предност од еден гол.
Во последните три минути Вардар влезе со резултат 33-30, но со две технички грешки во нападот му дозволи на белорускиот тим да се врати во мечот. Кристопанс на нецели 20 секунди до крајот израмни на 33-33, а потоа драмата кулминираше во последните три секунди.
Циндриќ од тешка позиција, со својот петти гол погоди за 34-33, Белорусите се обидоа да изведат брз центар, Бабичев се обиде да го погоди празниот гол, но беше фаулиран од Стоилов, според новите правила вардаровиот капитен доби директен црвен картон, а гостите удар од седум метри кој го реализираше Стојковиќ кој ги постави конечните 34-34.
Штербик со 11 одбрани и Дибиров со девет голови го предводеа Вардар, а Канељас дебитираше со шест гола. Кај Мешков Стојковиќ постигна шест гола,, а Џамали и Кристопанс по пет,, но прво име на тимот беше голманот Пешиќ кој одбрани 12 удари.
На 6.септември во Скопје ќе се одигра македонското дерби помеѓу Металург и Вардар. крај/мф/нц
Извор: макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.