Домашен
Ристевски спортист на Скопје за 2014
Антонио Ристевски е најдобриот спортист во традиционалниот избор на Град Скопје и Сојузот на спортови за 2014 година.
Ристевски, оваа година, учествуваше на Зимските олимписки игри чии домаќин беше Сочи, каде во слалом, по двете возења, го освои 29-то место. Инаку Ристевски во кариерата има настапено на 360 меѓународни натпревари, има учество на седум светски првенства и две олимпијади.
„Имам голем трема, поголема од онаа кога се наоѓам на стартот. Ова е голема чест за мене. Пред неколку години, кога наградата ја освои Атанас, бев меѓу најдобрите десет и си размислував што ќе се случи јас да ја бидам добитник на ова признание. Можам да ветам дека во иднина ќе се обидам да постигнувам уште подобри резултати, да се обидам да бидам меѓу првите десет или првите пет“, рече Ристевски.
Награди за најуспешни спортисти-сениори покрај Ристевски добија и Игор Стефановски-Иџе (автомобилизам, европски првак во ридско брзински трки), Томи Стефановски (маратонско пливање, втор во вкупниот поредок на светската листа), минатогодишниот лауреат Евгениј Поп Ацев (маратонско пливање), Јулија Николиќ (ракомет, ЖРК Вардар), Стојанче Стоилов (ракомет, РК Вардар), Ренато Вугринец (ракомет, РК Металург), Јасин Реџелари (борење, златен медал на Медитерански игри, осмо место на ЕП), Симона Заборска (карате, второ место на Балканијада, деветто на СП) и Јасир Асани (фудбал, ФК Вардар).
Наградата за најуспешна екипа им припаднаа на ракометарките на Вардар, додека наградата за тренер на годината ја доби Иван Лесевски од скијачкиот клуб Работнички.
Најуспешни младинци се Мери Јанева и Александар Соколовски, тие на Светското првенство во двојки освоија бронзен медал. Покрај нив наградени беа Бобан Јанкуловски (тенис), Филип Талевски (ракомет), Бобан Илиоски (кик бокс) и Бехар Махмути (борење).
Во категоријата лице со посебни потреби наградата ја доби Ристо Фотевски успешен спортист во повеќе дисциплини (шах, пинг-понг, трки со инвалидски колички на 100, 200 и 400 метри)
Наградата за спортист со особени достигнувања јадоби Здравко Дејановиќ кој успеа да го освои познатиот врв К2 висок 8611 метри.
На свечената церемонија беа доделени и наградите за посебни достигнувања во спортот, кои им припаднаа на кошаркарската школа „Јуниор“, карате клубот „Цветан Димов“, тренерот по борење Назми Али, ултрамаратонецот Јовица Јованчев, односно Александар Чекоров и Александар Смилков кои го урнаа гинисовиот рекорд во туркање на автомобил.
Градот Скопје, наградата за спортист на годината започна да ја доделува во 1986 година, оттогаш награди добиле над 500 спортисти, тренери, екипи и спортски работници. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.