Домашен
Самсоненко приредил луда и незаборавна забава за делегацијата на Динамо
Вардар и Динамо Загреб, во вторникот, го одиграа првиот натпревар од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите. Мечот во Скопје, заврши со победа на Динамо 1-2, а делегацијата на хрватскиот првак и според многумина, во овој момент, најдобриот клуб од просторите на поранешна Југославија, долго ќе ја памети ноќта пред натпреварот, односно свечената вечера која ја приредил сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко.
Новинарот на „Јутарњи лист“, Томо Ничота, пишува дека Самсоненко поради натпреварот Вардар-Динамо го прекинал својот одмор во Хрватска, а наместо официјална вечера, како што налагаат правилата на УЕФА, на своите гости од Загреб им приредил нешто што ќе го паметат засекогаш.
„Динамо никогаш и никаде не бил пречекан како во Скопје“, коментирале членовите на делегацијата на Динамо.
Самсоненко приредил невиден спектакл, по вкусната храна следувало шоуто на сопственикот на Вардар.
„Самсоненко го зеде микрофонот и започна да пее. Глас како од Суперталент. Да се натпреваруваше ќе победеше. Се вклучија и неговите соработници. Македонците, домаќините, започнаа да му наздравуваат на Динамо. Потоа тргнаа со стиховите на Тоше Проески. Самсоненко пееше. Се чинеше како Тоше да воскреснал. Потоа Здравко Чолиќ. Музичарите свиреа, а Самсоненко ги редеше стиховите. Тој прочуената „Ти си ми во крвта“ ја претвори во стихови во кои ги вметна Динамо, Торцида, Армада. Што правеше човекот, просто неверојатно“, пишува во текстот на „Јутарњи лист“.
„Забавата кулминираше кога Самсоненко започна да крши тањири. Онака како што некогаш се правеше во Грција, не да се крши туку од забава. Настратаа околу 50 тањири, неколку шишиња и сето тоа со насмевка и во братска атмосфера. Делегацијата на Динамо само гледаше и уживаше во атмосферата, не може да се сетат кога славеа со толку позитвна атмосфера како тука“.
И за крај, авторот на текстот пренесува зборови од еден од членовите на делегацијата на Динамо: „Да ги ангажираме сите ресторани во Загреб и сите тамбураши, не можеме да им направиме пречек каков што тие ни направија“. крај/мф/нц
Извор: jutarnji.hr
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.