Домашен
Секоја победа на ЕП ќе биде успех за кошаркарите
Македонската кошаркарска репрезентација е подготвена за настап на Европското првенство, кое првпат во историјата ќе се одржува во четири држави (Франција, Германија, Латвија, Хрватска). Петтото учество на континенталните првенства македонските кошаркари ќе го стартуваат во Ц групата, во Загреб.
Полн со дебитанти националниот тим е подготвен за сите предизвици кои го очекуваат на Европското првенство. Групата во Загреб е исклучително тешка (Хрватска, Словенија, Грција, Грузија, Холандија) и според селекторот Србиновски и претседателот на Федерацијата Петар Наумовски, секоја победа ќе биде голем успех за овој тим.
„Очекувањата на Федерацијата од ова ЕП се, пред сѐ, афирмација на младите играчи кои во наредните квалификации ќе започнат да покажуваат вистински резултати. Сите сме свесни дека оваа селекција и овие играчи, односно поголем дел од нив, немаат никакво искуство на ЕП-а. Верувам дека младоста и искуствот ќе се сплотат на вистински начин, а успех ќе биде доколку победиме на еден или два натпревара, сѐ повеќе од тоа сметам дека ќе биде како да сме освоиле медал“, рече првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Петар Наумовски.
„Секоја победа на оваа репрезентација ќе биде успех, доколку победиме на две среби и се пласираме во следната фаза, тоа ќе биде фантастичен резултат. Сепак, нема да ни биде лесно, ги знаеме противниците и знаеме во какви состави ќе играат. Нашата шанса е мечот од второто коло со Холандија, тука треба да одиграме максимално за да победиме, а потоа да почекаме да ни се ‘отворат картите’ за пласман во наредната рунда. Според мене, мечот со Холандија е клучен за натамошниот тек на ЕП. Ние ќе сториме сѐ за да ја победиме Холандија“, рече селекторот Србиновски.
Македонија во подготвителниот период одигра девет натпревари, забележа четири победи и пет порази.
„Контролните натпревари беа корисни за воигрување на играчите. Квалификациите ги играше еден тим, сега ситуацијата е малку поинаква со Владо Илиевски и Предраг Самарџиски. Хендрикс се приклучи малку подоцна и мора да признаам дека на подготовките дојде со некој килограм повеќе, значи беше целосно неподготвен. Ние се обидовме на оваа турнеја целосно да го вратиме во натпреварувачкиот ритам. Турнејата беше напорна, можеби тоа и ги спречи играчите да го дадам максимумот. Мислам дека сме подогтвени за настап на ЕП и дека во Загреб ќе се прикажеме во вистонски светло“, дополни Србиновски.
Селекторот претходно во вторникот го соопшти конечниот список на играчи коишто ќе ги бранат боите на Македонија на ЕП. Последни кои отпаднаа од списокот беа Андреј Магдевски и Марјан Јаневски.
„Кратењето на списокот беше најтешкото нешто во овие подготвки. Да избришете двајца кошаркари кои комплетно ги минаа подготвките е тешка задача, можам да кажам дека сите играчи кои ги минаа подготвките заслужија да играат на ЕП. Сепак, мислам дека овие 12 кошаркари во моментов можат да дадат најмногу“, додаде селекторот.
Македонските кошаркари ЕП ќе го отворат со натпреварот против Грција на 5-ти септрмври, а потоа ги очекуваат дуелите против Холандија (6. септември), Хрватска (8. септември), Грузија (9. септември) и Словенија (10. септември).
Македонија на ЕП ќе ја преставуваат: Владо Илиевски, Војдан и Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Александар Костовски, Марко Симоновски, Владимир Брчков, Стојан Ѓуровски, Љубомир Младеновски, Предраг Самарџиски, Ричард Хендрикс и Бојан Трајковски. Нашите најдобри кошаркари во четврток рано наутро со авион заминуваат за Загреб каде ќе се одигра првата фаза на Првеството. Инаку покрај селекторот Србиновски во стручниот штаб на нашиот национален тим се и тренерите Перо Блажевски и Александар Јончевски и италијанскиот стручњак за физичка подготовка Џакомо Браида./крај/мф/нц
Извор: makfax
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.