Домашен
Случајот Матиќ талка низ лавиринтите на ФИФА
Урош Матиќ, помалдиот брат на познатиот српски репрезентативец и играч на Челзи, Немања Матиќ, сé уште ја чека дозволата од ФИФА за да може да настапува за фудбалската репрезентација на Македонија.
Техничкиот директор на македонскиот национален тим, Саша Чириќ, одговарајќи на новинарско прашање изрази надеж дека ФИФА наредната недела би можел да испрати позитивен одговор во врска со ‘случајот Матиќ’.
„Интензивно работиме на откривање на талентирани фудбалери кои имаат македонско потекло. Во моментов работиме на случајот Матиќ меѓутоа заглавивме со процедуралните работи, односно ФИФА ја закочи целата таа работа. Настојуваме случајот со Матиќ да го затвориме пред овие два дуели, не успеавме барем засега. Поради тоа и оставивме простор во списокот, евентуално доколку наредната недела успееме да ги завршиме сите процедури во ФИФА, односно доколку комисијата на ФИФА ни даде зелено светло, тогаш и Матиќ ќе ѝ се приклучи на репрезентацијата“, рече Чириќ.
Првиот оперативец на националниот тим на прес-конференцијата на која селекторот Друловиќ го соопшти списокот со играчи за мечевите со Луксембург и Шпанија рече дека на неговиот ‘радар’ има уште неколку имиња кои се интересни за македонската репрезентација.
„Мора да го споменам голанот Дејвид Нилсон Митов кој настапува за Норчепинг и кој веќе четири години е член на шведската репрезентација и е стандарден во екипата на Норчепинг. Меѓутоа, и тој случај се наоѓа пред комисијата на ФИФА и очекуваме дека наредната недела комисијата на ФИФА да се состане и, ако ништо друго, позитивно да ни одговори“, рече Чириќ.
Околу 50 фудбалски имиња на играчи кои имаат македонско потекло во моментов се наоѓаат во списокот на Чириќ, во меѓувреме завршена е процедурата за Ѓорѓов кој доби дозвола за настап во македонските селекции.
„Реален проблем е дека кога ќе наидеме на добар и квалитетен играч се појават и националната федерација за кој тој настапува и ја блокира процедурата. Таков е примерот со Никола Ѓорѓев кој настапува за У 19 на Швајцарија, има само 17 години и игра за првиот тим на Грасхоперс, но Швајцарците со сите сили се обидуваат да го задржат. Успеавме да придобиеме еден 16-годишен играч Ѓорѓов од Борусија Дортмунд кој во малдите генерации настапувал за Австралија, тој веќе беше присутен на Кипар во селекцијата на Вујадин Станојковиќ“, рече Чириќ./крај/мф/нц
Извор: макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.