Домашен
Страхиња Милиќ меч винер во Сегед
Ракометарите на Вардар, забележаа значајна победа над ПИК Сегед 31:29 (13:14), во претпоследното коло во Лигата на шампионите. Вардар до победата го предводеше голманот Страхиња Милиќ, кој имаше брилијантен настап во второто полувреме.
ПИК Сегед и Вардар се тимови кои играчки располагаат со сличен квалитет и сличен стил на игра, со оглед на тоа дека Шпанци ги предводат двата тима.
Квалитативно израмнетите тимови одиграа егал во првото полувреме. Двата тима играа во серии, така и погодуваа, ниту еден тим не создаде предност поголема од два гола, а на полувреме домаќинот замина со гол предност.
Слично започна и второто полувреме, со по еден гол на двете страни, а тогаш на сцена стапи Страхиња Милиќ, кој буквално направи разлика на теренот.
Српскиот голман, најпрвин беше креатор на серијата на Врадар од 7:2, со која „црвено-црните“ се одлепија најпрвин на 20:16, а недолго потоа и на 25:19.
До крајот на мечот Сегед имаше неколку обиди да фати резултатски приклучок, но не успеа во тоа бидејќи Милиќ блескаше на голот на Вардар.
Милиќ натпреварот го заврши со 13 интервенции, додека стрелците кај македонскиот шампион ги предводеше Македа со осум голови, пет постигна Душебаев, а четири Горбок.
Осум голови кај Сегед реализираше Бомбач.
Вардар со победата над Сегед направи голем исчекор кон освојување на третото место во групата. За да се реалзира таквото сценарио, Вардар ќе мора во последното коло, на 5.март, да слави над Монпелје, а во исто време Рајн Некар да загуби во Барселона, односно Сегед да доживее пораз кај Кјелце. крај/мф/нц
Извор: макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.