Домашен
Трчајте на „Виз Ер Скопски маратон“ со својот омилен број
Интересен новитет внесуваат организаторите на „Виз Ер Скопски маратон“ за трката која ќе се одржи на 7. мај 2017 година. Најбрзите заинтересирани кои ќе се пријават да учествуваат во некоја од четирите трки (маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5 километри), ќе имаат ексклузивна можност да го одберат својот омилен број.
Онлајн пријавувањето за учество на некоја од четирите трки на „Виз Ер Скопски маратон“, ќе започне во среда на 26. октомври во 8:45 часот на интернет страницата skopskimaraton.com.mk. Организаторот на сите заинтересирани им нуди ексклузивна можност да го одберат својот омилен број.
Инаку, изборот на стартниот број ќе се одвива при процесот на онлајн регистрација, и во овој период плаќањето ќе може да се изврши само со плаќање преку онлајн системот. Овој прозорец на слободен избор ќе трае само до 27. октомври, до 23:59 часот.
Пријавувањето и регистрацијата за „Виз Ер Скопски Маратон 2017“ ќе може да се изврши преку официјалната интернет страница, http://skopskimaraton.com.mk/ како и преку партнерот за онлајн регистрација на „Виз Ер Скопски Маратон“, www.smartrace.club.
Како и секогаш, брановите за регистрација и оваа година ќе бидат распределени во повеќе етапи а првиот завршува на 30.ноември, потоа цените ќе се зголемуваат на секои два месеци.
И оваа година, при регистрацијата сите кои во 2016 не ја искористиле можноста за бесплатна регистрација, а биле пријавени на маратонот, полумаратонот или на штафетниот маратон во 2015, ќе можат да побараат купон за бесплатна регистрација и истиот да го искористат за регистрација за трките во 2017 година./крај/мф
Извор: skopskimaraton.com.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.