Спорт
Доминација на Јокиќ во Бруклин, трипл-дабл на Дончиќ, 10 тројки на Убре, Букер броеше до 43

Никола Јокиќ и Лука Дончиќ уште еднаш ја обележаа ноќта во НБА-лигата. Србинот доминираше во Бруклин, а Словенецот со трипл-дабл го предводеше Далас до победата над Портланд. Успешно враќање по повредата имаше Богдан Богдановиќ. Најефикасен измината ноќ беше Девин Букер, кој постигна 43 поени. Шарлот постигнаа 158 поени против Индијана, а Кели Убре уфрли 10 тројки.
Денвер ја забележаа втората победа на турнејата по Источната конференција. Нагетси победија во Бруклин со 124:118. Никола Јокиќ одигра лошо првото полувреме, но се разбуди во второто и го реши натпреварот. На крајот тој забележа 26 поени, 10 скока и осум асистенции.Покрај Јокиќ кај Денвер се истакна и Остин Риверс кој погоди седум тројки од 10 обиди, мечот го заврши со 25 поени.
Бруклин играше без Кевин Дурент, Џејмс Харден и Кајри Ирвинг. Најефикасен беше Кем Томас со 25 поени.
Далас го декласира Портланд со 132:112. Дончиќ мечот го заврши со 15 поени, 10 скока и 15 асистенции. Уште шетворица кошаркари на Далас мечот го завршија со двоцифрен број поени.
Финикс санс во дербито славеше кај Јута Џез. Блескаше Девин Букер, кој постигна 21 поен во првата четвртина, а натпреварот го заврши со 43 поени и 12 скокови.
Атланта хокс го победи Сакраменто со 121:104. Богдановиќ, против поранешниот тим постигна 18 поени. Тре Јанг забележа 17 поени и 10 асистенции. Кај Сакраменто се истакна Херисон Барнс со 28 поени.
Шарлот ја растури Индијана со 158:126. Кели Убре постигна 10 тројки од 15 обиди, мечот го заврши со 39 поени. Ламело Бол запиша трипл-дабл од 29 поени, 10 скока и 13 асистенции.
Мемфис ја потврдија одличната форма и против Сан Антонио Спарс. Мефис победи со 118:110. Свое шуо имаше Џа Морент кој постигна 41 поен. Морент на последните четири натпревари има просек од 36,7 поени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Герет Бејл подготвен за финалето на ЛШ

Напаѓачот на Реал Мадрид, Герет Бејл, се опорави од повредата на грбот и ќе му биде на располагање на Карло Анчелоти за финалето од Лигата на шампионите против Ливерпул в сабота, на 28 мај.
Пресметката во француската престолнина Париз ќе биде последниот натпревар за Бејл во дресот на „кралскиот клуб“. Велшанецот го напушта „Сантијаго Бернабеу“ по девет години минати во Мадрид.
Бејл нема играно за Реал Мадрид од 9. април, кога тренерот Карло Анчелоти ги објави проблемите на напаѓачот.
На претходниот финален дуел меѓу Реал Мадрид и Ливерпул во ЛШ, Герет Бејл беше одлучувачки фактор.
Спорт
Милан ќе го „врзе“ Томори до 2027 година

Раководството на Милан ќе му понуди нов договор на дефанзивецот Фикаjо Томори, откриваат италијанските медиуми. Поранешниот дефанзивец на Челси имаше импресивна сезона за „росонерите“, кои ја освоија титулата за првпат по 11 години.
Од централата на Милан се фасцинирани од настапот на дефанзивецот и подготвуваат нов договор за фудбалерот до 2027 година.
Томори дојде на позајмица во Милан во 2021 година, но шест месеци подоцна договорот стана постојан. Актуелниот договор на дефанзивецот има важност до летото 2025 година, но Паоло Малдини сака да го „врзе“ до 2027 година.
Спорт
Симона Халеп загуби еден сет, Медведев убедлив на стартот на Ролан Гарос

Романската тенисерка Симона Халеп триумфално стартуваше на првиот меч на Ролан Гарос. Поранешната најдобра тенисерка во светот беше подобра од Настасја Шунк од Германија со 2:1 во сетови (6:4, 1:6, 6:1).
Халеп добро отвори, но имаше пад во вториот сет кој го загуби убедливо. Сепак, се врати во третиот во добар ритам и славеше победа.
Пласман во второто коло во Париз обезбедија и Плишкова, Бадоса, Круниќ, Колинс, Корнет и Пегула.
Кај мажите, вториот светски рекет Данил Медведев без проблеми се пласираше во второто коло откако со 3:0 во сетови (6:2, 6:2, 6:2) го победи Аргентинецот Факундо Бањис. Следен противник на Медведев ќе биде српскиот тенисер Ласло Ѓере.