Спорт
Еклстоун се брани: Не сум крив што сум белец!
Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстоун вели дека не му е грижа ако некој е „жолт, зелен, кафеав или розев“, откако на негова сметка беа упатени бројни критики за изјавата дека многу црни луѓе се поголеми расисти од белците.
Контроверзната изјава за „Си-ен-ен“ во петокот исто така предизвика реакција и од шесткратниот Ф1 шампион Луис Хамилтон, кој го критикуваше човекот кој ја изгради модерната Формула 1.
„ Навистина сум тажен и разочаран од овие коментари. Берни е надвор од спортот и е друга генерација. Но, токму тоа е погрешно – неуки и неедуцирани коментари кои покажуваат колку треба да се придвижиме како општество пред да има вистинска еднаквост. Сега е јасно зошто ништо не се направи да се зголеми разновидноста во спортот. Сега е време за промени“, напиша Хамилтон.
И официјалната Формула 1 се дистанцираше од Еклстоун велејќи дека за такви коментари нема место во Ф1 или во општеството и дека Берни нема врска со Ф1 по заминувањето од 2017. Еклстоун, кој е во својот дом во Швајцарија каде што неговата бразилска сопруга, 44-годишната Фабијана го очекува нивниот син, врати остро во интервју за „Мејл он сандеј“ по најавите дека Ф1 ќе му забрани да присиствува на Ф1 трките.
„ Ќе ми забранат да одам на трките? Не би им советувал да го направат тоа. Нека се обидат во Русија. Најверојатно ќе најдам влезница. Кога Чејс Кери побара да си заминам, велеше дека моето почесно претседателство е многу важно. Но, гледаме колку е важно. Пред 20 години ме направија почесен доктор на Империјал колеџ во Лондон, па не одам и се нарекувам доктор Еклстоун. Убаво што кажаа кога заминав од Ф1, за да не ми ги припишуваат работите кои тие ги прават. Тие сега се борат против расизмот поради тоа што се случува во Америка. Чејс донира 1 милион долари за разновидност, а тоа е доволно еден механичар да почне во картинг“, одговори Еклстоун.
Тој уште еднаш повтори дека не е расист.
„ Јас не сум против црните луѓе. Целосна спротивност од тоа, секогаш сум ги поддржувал. Самиот татко на Луис сакаше да прави бизнис со мене. Во текот на годините сретнав многу бели луѓе кои не ги сакам, но никогаш црн човек кого не го сакам. Бев ограбен неколку пати, еднаш од тројца црни луѓе. Завршив во болница, но не кажав ништо против црните луѓе. За мене Луис не е ниту бел, ниту црн, туку е само Луис. Не сум виновен што сум бел, или што сум понизок од просекот. Црните луѓе треба да се грижат за себе. Рон Денис не му пречеше на Луис да стане Ф1 возач. Вили Рибс беше првиот црн човек во Формула 1 за мојот тим во седумдесетите. Но, сега е во мода да се зборува за разновидноста“, додава Еклстоун.
Еклстоун: Црните луѓе честопати се поголеми расисти од белците!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тонали сега е на удар и на Англичаните поради обложувањето
Играчот од средниот ред на Њукасл, Сандро Тонали е под истрага од Фудбалската асоцијација (ФА) поради прекршување на правилата против обложување.
Италијанецот веќе отслужува 10-месечна суспензија од Италијанскиот фудбалски сојуз поради обложување за време на неговото играње за Милан.
Новите докази покажуваат дека Тонали се обложувал и кога дошол во Њукасл. Младиот 23-годишен играч го прекршил правилото дури 50 пати од 12 август до 12 октомври 2023 година.
На Тонали му е даден рок до 5 април да одговори на обвиненијата.
„Добивме потврда дека е покрената истрага. Клубот и Тонали целосно ќе соработуваат. Тоа е се што можеме да кажеме во моментов“, се вели во соопштението за медиумите на клубот.
Тонали пристигна во Њукасл минатиот јули во трансфер вреден 60 милиони фунти од Милан.
Спорт
Најдобриот судија во БиХ поради закани одби да им суди на Железничар и Сараево
Шампионатот на Босна и Херцеговина влегува во завршна фаза, а локалниот портал „Спортспорт“, пишува дека најдобриот судија, Ирфан Пељто одбил да им суди на клубовите кои доаѓаат од главниот град Железничар и Сараево) до крајот на сезоната.
Пељто тоа го направил поради наводните закани што ги добивал тој и неговото потесно семејство, кои ги пријавил во полиција. Најдобриот судија од БиХ за својата одлука го известил Судискиот комитет на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, кој ја прифатил неговата одлука.
Железничар и Сараево ќе одиграат неколку дерби натпревари до крајот на сезоната, но Пељто нема да суди на ниту еден од нив.
Тој требаше да биде главен судија викендов на дербито меѓу Железничар и Вележ, но главен судија на „Грбавица“ ќе биде Елведин Топузовиќ. .
Пељто гради завидна кариера на меѓународен план и често суди натпревари во Лигата на шампионите. Неодамна судеше на пријателскиот натпревар меѓу Словенија и Португалија, а претходно го судеше и натпреварот Лајпциг- Реал Мадрид.
Речиси е сигурно дека ќе суди на ЕП.
Спорт
Интер подготвува нов договор за Инзаги
Интер е апсолутен лидер во Серија А, прашање е само кога и математички ќе ја обезбеди шампионската титула, која ќе биде прва во кариерта на Симоне Инзаги. 47-годишниот тренер досега има освојувано трофеи само во Купот и Суперкупот на Италија.
Она што Инзаги го направи оваа сезона во Серија А, ги натера клупските челници да ја сменат својата стратегија и да му понудат нов договор на тренерот.
Инзаги досега двапати го продолжуваше договорот со Интер, во 2022 и 2023 година, двата пати клубот му понуди едногодишен договор. Овој пат на 47-годишниот тренер ќе му биде понуден двегодишен договор.
Во однос на претходните години, разликата е што на Инзаги ќе му биде понуден нов договор пред да заврши сезоната, а не откако таа ќе заврши.
Интер е на чекор до освојување на шампионската титула во Серија А, откако по 29 кола е прв на табелата со 76 бодови, 14 повеќе од второпласираниот градски ривал Милан.