Спорт
ЕП 2020: Португалски бек скокна 75 см., Шмит непогрешлив во додавањe!
Во моментов е во тек првиот меч (Шпанија-Чешка) од втората фаза на Европското ракометно првенство што се игра во Австрија, Шведска и во Норвешка. Сепак не е предоцна да се сумираат некои карактеристики од групната фаза во која сите селекции одиграа по 3 меча. Почетната бројка од 24 репрезентации на првенството, сега е преполовена.
Според статистиките, на ЕП во групната фаза беа постигнати 1.948 гола, а имаше 761 успешна голманска интервенција.
Најефикасни беа Шпанците со дадени 102 гола, а зад нив беа ко-домаќините – Австрија со 98.
Најдобра одбрана играше селекцијата на Хрватска која на трите меча прими само 65 гола, просечно 21,6 по меч.
Најмногу претрчаа Швајцарците, 98 километри, а БиХ имаше најмногу додавања на турнирот – 2.680.
Што се однесува до една поспецифична статистика, средниот бек на Португалија, Мигел Мартинс имаше највисок скок од 75 сантиметри.
Голманот на Чешка, ветеранот Мартин Галиа го одбрани најсилниот шут со 141 километар на час.
Нашиот репрезентативец, Филип Талески групната фаза ја заврши како ракометар кој го упатил најсилниот удар кој завршил во мрежата. Топката одела со 141 километар на час.
Босанскиот репрезентативец Ибрахим Хасељиќ (десно крило) истрча најбрзо, со 31 километар на час.
Алфа и омега во селекцијата на Швајцарија беше средниот бек, Андре Шмит кој имаше најдобар процент на точни додавања (736/739).
Пивотот на Белорусија, Артем Каралек групната фаза ја заврши со најмногу блокови, дури 7, а средниот бек на Шведска, Џим Готфритсон имаше најмногу грешки – 11.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тројцата исклучени во дербито ги дознаа казните
Дисциплинскиот судија во Серија А експресно ги одреди казните за играчите кои синоќа беа исклучени на натпреварот помеѓу Милан и Интер во 33. коло од Серија А. Интер славеше со 2.1 и ја обезбеди титулата на пет кола до крајот на сезоната.
Капитенот на Милан, Давиде Калабрија, доби црвен картон во 97.минута, откако го удри без топка Давиде Фратези. Тој е суспендиран на два натпревари.
Во петтата минута од судиското надополнување дојде до тепачка помеѓу играчот на Милан, Тео Ернандез и играчот на Интер, Дензел Дамфрис, по што и двајцата добија црвени картони. Тие ќе пропуштат еден натпревар.
Дисциплинскиот судија им изрече и парични казни од по 10.000 евра.
Спорт
Покетино: Лукаку е играч на Челси
Ромелу Лукаку, во целост ја оживеа кариерата во Рома. Клубот има можност да го откупи неговиот договор, но прашање е дали има пари да вложи во трансферот на Белгиецот.
Лукаку не успеа да се наметне во Челси, самиот побара да замине, а неколку пати изјави дека нема намера да се враќа во Лондон. Минатата сезона ја мина во Интер, а оваа е во Рома.
За статусот на курпулентниот Белгиец проговори и тренерот на сините, Маурисио Покетино.
„Тој е играч на Челзи, па ќе обрнеме внимание на него. Ваков став во овој момент има клубот, но се уште немаме донесено никаква одлука“, изјави Покетино.
Лукаку оваа сезона постигна 18 гола на 41 натпревар за Рома во сите натпреварувања.
Спорт
Инзаги по освојувањето на титулата: Неверојатно чувство, момците се исклучителни
Со победата од 2:1 над градскиот ривал Милан, фудбалерите на Интер синоќа ја освоија 20. титула во италијанската Серија А и ја сошија втората ѕвезда над грбот на својот клуб.
Интер ја круниса доминантна сезона во Италија и на пет кола до крајот има 17 бода повеќе од Милан.
„Нероаѕурите“ беа убедливи во текот на целата сезона, на 33 натпревари претрпеа само еден пораз, и тоа на домашен терен од Сасуоло.
Тренерот Симоне Инзаги конечно стигна до Скудетото во неговата трета сезона во Интер.
Едвај ја задржа работата на крајот од првата сезона, кога во финишот на сезоната 2021/2022. му ја предаде титулата на Милан, но минатата сезона го одведе Интер до финалето на Лигата на шампионите, а сега ја освои Серија А.
„Неверојатно е чувството, постигнавме нешто извонредно. Има многу протагонисти во овој успех. Пред се, играчите, исто така и директорите, а потоа и Стивен Жанг, за се што ни овозможи на ова патување. Моите мисли одат и кај моето семејство, сопругата и децата, родителите… Мојата мана е што понекогаш не можам да ја напуштам работата и да ја носам дома, но моето семејство е основата на сè“, рече Инзаги.