Спорт
Ферстапен со победа за крај на сезоната во Абу Даби
Макс Ферстапен стартуваше од пол-позицијата и не беше предизвикан од возачите на Мерцедес во 55 круга на Абу Даби ГП трката, завршувајќи ја сезоната со својата втора победа и со надеж дека следната година ќе биде поинтересно и понеизвесно во борбата за трофејот.
Ферстапен беше над 10 секунди пред Валтери Ботас и повратникот Луис Хамилтон во Мерцедес, за своја прва победа по таа на Шпанското ГП во Барселона и вкупно 11-то искачување на подиумот оваа сезона, во трка каде што најголема опасност имаше од трошењето на гумите на Пирели. Ова е десетта победа во кариерата на 23-годишниот Холанѓанец.
Неговиот колега Алекс Албон беше четврти, по што следуваше двојката на Мекларен, Лендо Норис и Карлос Саинс Јуниор, за обезбедувањето на третото место во генерален пласман пред Рејсинг поинт, откако Ленс Строл беше само десетти, а на Серхио Перез, во можеби својата последна Ф1 трка му откажа моторот уште на стартот.
Даниел Рикардо во последната трка за Рено пред трансферот во Мекларен беше на седмото место, пред Пјер Гасли во Алфа Таури, додека деветти беше Естебан Окон откако го помина Строл во последниот круг. Една од најлошите сезони за Ферари во историјата заврши неславно – Шарл Леклер ја заврши трката на 13-тото место пред Себастијан Фетел, а двајцата беа зад Кими Раиконен, кој во Алфа Ромео вози со моторот на Ферари.
Сега, не очекува долга пауза до следната сезона во март, иако подготовките на новите болиди ќе почнат веќе по Нова Година, а тестирањето се враќа во февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Коман го пропушта Евро 2024
Кингсли Коман (27), крилниот напаѓач на Баерн го повреди адукторот во 49. минута од првенствениот меч со Келн (2:0), го напушти теренот на носилки бидејќи не можеше да застане на десната нога, а се испостави дека станува збор за сериозна повреда.
Требаше да паузира неколку недели, а се испостави дека францускиот репрезентативец ќе го пропушти ЕП во Германија, дознава „Лекип“.
Магнетна резонанца утврди дека закрепнувањето ќе трае подолго од очекуваното, а од самиот почеток беше јасно дека сезоната за него е завршена, но имаше индикации дека ќе се опорави за ЕП, со оглед на тоа што селекторот на триколорите, Дидие Дешам сериозно сметаше на него.
Франција го игра воведниот натпревар против Австрија во Дизелдорф.
Инаку, Коман поради претходни повреди оваа сезона веќе пропушти 13 натпревари во сите натпреварувања, а на тоа ќе додаде уште најмалку шест, во зависност од тоа дали Баерн ќе се пласира во финалето на Лигата на шампионите.
Коман, роден во Париз, ги помина сите младински селекции на Франција, а за сениорската селекција дебитираше во 2015 година. Досега има 55 настапи со осум постигнати голови.
Спорт
Емери уште три години во Бирмингем
Раководството на Астон Вила реши да го задржи тренерот Унаи Емери. Клубот на шпанскиот тренер му понудил нов, тригодишен договор.
Вила од „јо-јо“ тим, повторно стана релевантна сила во англискиот фудбал. Оваа сеозна се бори за место во Лигата на шампионите и трофејот во Конференциската лига. Не е изнендување што управата сака да го задржи Емери кој е најзаслужен за овие резултати.
Емери и се приклучи на Вила во октомври 2022 година, кога тимот се бореше за опстанок. На крајот од таа сезона со тимот избори место во Конференциската лига, во кое оваа сезона стигна до полуфиналето.
Во лигата жестоко се бори со Тотенхем за четврто место и пласман во Лигата на шампионите. Откако Емери ја презеде Астон Вила, само Манчестер Сити, Ливерпул и Арсенал имаат освоено повеќе бодови во Премиер лигата.
Унаи Емери е поранешен тренер на Алмерија, Валенсија, Спартак Москва, Севилја, Пари Сен Жермен, Арсенал и Виљареал.
Спорт
Репрезентациите на Евро со 26 наместо со 23 играчи
Европската фудбалска унија (УЕФА) е блиску до конечна одлука за зголемување на бројот на фудбалери во репрезентациите за овогодинешното Европско првенство во Германија, пренесува „Скај Спортс“.
Иако долго се споменуваше, оваа промена за првпат беше официјално предложена на почетокот на април во Дизелдорф, на иницијатива на селекторот на Србија, Драган Стојковиќ Пикси, каде што се одржа завршната едукативна работилница на УЕФА.
Како што пренесува „Скај Спортс“, делегатите на националните натпреварувања во понеделникот гласале за промена и зголемување од 23 на 26 фудбалери кои треба да им бидат на располагање на селекторите во Германија.
Тоа не е конечна одлука, бидејќи прво треба да биде одобрена од Извршниот одбор. Се очекува тоа да се случи пред 22 мај, за кога е закажана следната седница на ова тело.
Последен пат проширените тимови беа користени во 2021 година на Европското првенство, како мерка што им олесни на селекторите да се справат со пандемијата на коронавирусот.
Фудбалските сојузи имаат рок до 7 јуни да ги испратат конечните списоци со играчи за Европското првенство.
Натпреварувачката сезона во Европа ќе заврши со финалето на Лигата на шампионите на 1 јуни, а Европското првенство ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во Германија.