Спорт
Флик го брани Кимих: Тој не е антиваксер
Германскиот селектор Ханси Флик застана во одбрана на ѕвездата на Баерн Минхен, Џошуа Кимих, повикувајќи го за репрезентативните обврски во квалификациите за СП и посочувајќи дека тој не е поддржувач на теориите за заговор во врска со Ковид-19.
26-годишиот Кимих беше цел на критичарите кога одби да се вакцинира против коронавирусот поради „недостиг на долгорочни студии“ за последиците од вакцината. Кимих инсистира дека вакцинацијата треба да е индивидуална одлука и дека продолжува да ги почитува сите хигиенски мерки. Флик, кој учествуваше во кампањата на Германската фудбалска федерација (ДФБ) за вакцинација, вели дека Кимих треба да биде оставен на мир.
„Јас сум вакциниран и ја поддржав кампањата бидејќи сум уверен во тоа. Би било идеално сите фудбалери да се вакцинирани, но мислам дека се поминува границата на пристојно однесување кога се оди со навреди и се ставаат во група каде што не припаѓаат. Џо не е вакциниран, но тоа не значи дека не верува во Ковид-19. Не е меѓу теоретичарите на заговори, сите што го познаваат знаат каков е. Тој секогаш има прашања, сака да знае и да направи вистинска одлука и понекогаш му треба време да оформи мислење“, вели Флик во интервју за весникот „Франкфуртер алемајне цајтунг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тонали сега е на удар и на Англичаните поради обложувањето
Играчот од средниот ред на Њукасл, Сандро Тонали е под истрага од Фудбалската асоцијација (ФА) поради прекршување на правилата против обложување.
Италијанецот веќе отслужува 10-месечна суспензија од Италијанскиот фудбалски сојуз поради обложување за време на неговото играње за Милан.
Новите докази покажуваат дека Тонали се обложувал и кога дошол во Њукасл. Младиот 23-годишен играч го прекршил правилото дури 50 пати од 12 август до 12 октомври 2023 година.
На Тонали му е даден рок до 5 април да одговори на обвиненијата.
„Добивме потврда дека е покрената истрага. Клубот и Тонали целосно ќе соработуваат. Тоа е се што можеме да кажеме во моментов“, се вели во соопштението за медиумите на клубот.
Тонали пристигна во Њукасл минатиот јули во трансфер вреден 60 милиони фунти од Милан.
Спорт
Најдобриот судија во БиХ поради закани одби да им суди на Железничар и Сараево
Шампионатот на Босна и Херцеговина влегува во завршна фаза, а локалниот портал „Спортспорт“, пишува дека најдобриот судија, Ирфан Пељто одбил да им суди на клубовите кои доаѓаат од главниот град Железничар и Сараево) до крајот на сезоната.
Пељто тоа го направил поради наводните закани што ги добивал тој и неговото потесно семејство, кои ги пријавил во полиција. Најдобриот судија од БиХ за својата одлука го известил Судискиот комитет на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, кој ја прифатил неговата одлука.
Железничар и Сараево ќе одиграат неколку дерби натпревари до крајот на сезоната, но Пељто нема да суди на ниту еден од нив.
Тој требаше да биде главен судија викендов на дербито меѓу Железничар и Вележ, но главен судија на „Грбавица“ ќе биде Елведин Топузовиќ. .
Пељто гради завидна кариера на меѓународен план и често суди натпревари во Лигата на шампионите. Неодамна судеше на пријателскиот натпревар меѓу Словенија и Португалија, а претходно го судеше и натпреварот Лајпциг- Реал Мадрид.
Речиси е сигурно дека ќе суди на ЕП.
Спорт
Интер подготвува нов договор за Инзаги
Интер е апсолутен лидер во Серија А, прашање е само кога и математички ќе ја обезбеди шампионската титула, која ќе биде прва во кариерта на Симоне Инзаги. 47-годишниот тренер досега има освојувано трофеи само во Купот и Суперкупот на Италија.
Она што Инзаги го направи оваа сезона во Серија А, ги натера клупските челници да ја сменат својата стратегија и да му понудат нов договор на тренерот.
Инзаги досега двапати го продолжуваше договорот со Интер, во 2022 и 2023 година, двата пати клубот му понуди едногодишен договор. Овој пат на 47-годишниот тренер ќе му биде понуден двегодишен договор.
Во однос на претходните години, разликата е што на Инзаги ќе му биде понуден нов договор пред да заврши сезоната, а не откако таа ќе заврши.
Интер е на чекор до освојување на шампионската титула во Серија А, откако по 29 кола е прв на табелата со 76 бодови, 14 повеќе од второпласираниот градски ривал Милан.