Спорт
Голден стејт победа го дели од шампионската титула

Кошаркарите на Голден стејт вориорс славеа во петтиот меч во финалната серија против Бостон селтикс. Вориорси, предводени од Ендрју Вигинс, победија со 104:94 и за прв пат го презедоа водството во серијата. Една победа ги дели од шампионскиот прстен.
И покрај лошата игра на главната ѕвезда на тимот, Стеф Кари, Вориорси имаа предност во поголемиот дел од натпреварот. Во првото полувреме со одлична одбрана го спуштија Бостон на само 39 поени, а нивната предност постојано изнесуваше од девет до десет поени.
Сепак, во третата четвртина – која е заштитен знак на Голден Стејт, Бостон возврати. Селтикси направија серија на стартот и стигнаа до израмнување.
Голден Стејт клучната предност ја оствари во решавачкиот период кога направи серија од 10-0, таа предност беше недостижна за Селтикс.
На две минути до крајот Вориорси имаа плус од 15 поени.
Тимот на Голден Стејт до победата го предводеше маестралниот Ендрју Вигинс, кој постигна 26 поени со 13 скока. Клеј Томпсон постигна 21 поен, погоди пет тројки.
Стеф Кари одигра лош натпревар, забележа 16 поени и осум асистенции, но шутираше 7/22 од игра. Раритет е што не погоди ниту една тројка од девет обиди.
Во тимот на Бостон најефикасен беше Џејсон Тејтум со 27 поени, десет скока и четири асистенции.
Шестиот натпревар се игра во Бостон, ноќта меѓу четврток и петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Војдан Стојановски: Да дадеме се од себе и да ги завршиме квалификациите со барем една победа

Сосема малку одмор имаше за капитенот на нашиот национален кошаркарски тим, Војдан Стојановски, по крајот на регуларниот дел од сезоната која ја заокружи со шампионска титула со МЗТ Скопје Аеродром. Го искористи за мини-рекуперација нашиот искусен кошаркар, и прв се појави во салата „Борис Трајковски “ во Скопје каде денеска беше означен почетокот на мини-циклусот пред она што следува во првите денови од јули, квалификациските натпревари со Шпанија, односно со Украина, за пласман во следната фаза од квалификациите за место на Светскиот куп 2023 година.
„Малку сме од искусните што останавме, имаме повеќе млади. Атмосфера секогаш имало и ќе има во репрезентацијата…“ – потенцира капитенот.
„За натпреварите, Шпанија е со истиот состав кој играше во Македонија. Дали е ‘Б’ или ‘А’ тим, Шпанија е Шпанија, ние ќе дадеме се од себе. Најважно ќе биде да се одигра достојно и против селекција од Евролигата и од Еврокупот. Дома, пак, со Украина, сакаме да одиме на победа и да ги завршиме квалификациите барем со една победа. Во овој циклус научивме дека нема слаби репрезентации. Штета што цело време не сме комплетни, поради повреди и отсуство на играчи. Последен пат бевме комплетни на ЕП 2015 во Загреб“ – констатира Стојановски.
Спорт
Бајиќ: Повторно не сме комплетни, жалам што не можеме да ја покажеме вистинската сила

Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија со утринскиот собир во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, денеска ги стартуваше подготовките за последните два натпревари во квалификациите за Светскиот Куп кој ќе се игра во 2023 година.
На првата прозивка на селекторот Драган Бајиќ се појавија сите 14 повикани кошаркари: Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов, Дамјан Робев, Стојан Ѓуроски, Андреј Маслинко, Страхил Николов, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Тео Симиќ, Андреј Јакимовски и Рубин Стефанов.
Тоа е добрата вест за стручниот штаб, предводен од селекторот Драган Бајиќ кој ги кажува своите очекувања во пресрет на јулскиот ФИБА прозорец.
„Добро е познато дека уште ги немаме загубено шансите кога говориме за шансите за следниот круг, туку од Украина. Мора да ги одиграме што е можно подобро последните два меча. Повторно сме хендикепирани, ни недостасуваат неколку играчи… Секој круг се повторува истото, по моето доаѓање, никогаш не бевме комплетни. И жалам за тоа што не можеме да ја покажеме вистинската сила. Но, тоа е што е, ќе се обидеме да извлечеме максимум од двете средби и ако ни се даде шанса ќе одиме на победа“.
Селекторот вели дека мора да постои стратегија како понатаму…
„Мора да имаме стратегија со екипата, посебно со младите играчи. Мора да се насочиме и кон нив, за во некоја блиска иднина повторно да имаме добри резултати. Не можев да ги видам сите играчи кои ги сакав од младите, некои беа со младинскиот тим и им дозволив да бидат таму. И тука имаме некои млади имиња, кои ќе добијат шанса на последните два меча“- најавува Бајиќ инволвирање на некои од младите играи кои се најдоа на списокот за јулскиот квалификациски циклус.
Нашиот национален тим прво гостува кај Шпанија (1, јули), а потоа за крај следи домашен меч со Украина (4 јули). Селекторот Драган Бајиќ го собра најдоброто во моментов и на тренингот располагаше со вкупно 14 кошаркари.
Спорт
Американецот Керли истрча шесто најдобро време во историјата на 100 метри

Американецот Фред Керли го постигна најдоброто време во сезоната на 100 метри, трчајќи ја делницата во полуфиналето на американскиот шампионат за 9,76 секунди. Керли, освојувачот на сребрениот медал на Олимписките игри во Токио, на тој начин го истрча шестото најдобро време во историјата.
Во второто полуфинале најбрз беше Трејвон Бромел со време 9,81 секунди, додека третопласиран беше Кристијан Колман со 9,87 секунди.
Колман, кој беше суспендиран на 18 месеци поради прекршување на антидопинг протоколот, поради што ги пропушти Олимписките игри во Токио, а се квалификуваше за Светското првенство што се одржа во Јуџин на крајот на јули како бранител на титулата.
Кај жените најбрза беше Мелиса Џеферсон со време од 10,69 секунди.