Спорт
Холанѓаните ја декласираа Белгија, Австрија на Рангник ја победи Хрватска, Данска со триумф во Париз!

Холандија стигна до фантастична 1:4 победа во соседското дерби со Белгија во првото коло од новата сезона од Лигата на нации, Ралф Рангник имаше совршено деби на клупата на Австрија со 0:3 победа кај Хрватска, додека Данска направи пресврт за 1:2 победа кај светскиот шампион Франција во изненадувачка вечер европски фудбал.
Белгија, репрезентацијата составена од фудбалски ѕвезди како Кевин де Брујне, Ромелу Лукаку и Еден Азар, доживеа понижувачки пораз на „Крал Бадуин“ во Брисел. Лошата вечер беше најавена во 27. минута, кога Лукаку се повреди и бараше да биде заменет, за во 40. минута, гостите да поведат со голот на Стивен Бергвајн по асистенција на Френки де Јонг.
Роберто Мартинез го извади Азар во игра и го внесе напаѓачот на Наполи, Дрис Мертенс во второто полувреме, но тогаш следуваше фуриозниот напад на тимот на Луис ван Гал. Мемфис Депај во 51. минута зголеми на 0:2, Дензел Дамфрис 11 минути подоцна даде гол за 0:3, за Депај да ги „дотепа“ Белгијците со својот втор гол во 66. минута. Мичи Батшуаи во 93. минута го постигна утешителниот гол за Белгија.
Во Осиек, пак, актуелните светски вице-шампиони Хрватска исто така доживеаја „студен туш“, откако Австрија, првпат под водство на поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник, стигна до лесна 0:3 победа. Марко Арнаутовиќ го отвори резултатот во 41. минута со убав гол, а во второто полувреме, Михаил Грегорич (54.) и Марсел Забицер (57.) ги обезбедија трите поени за гостите.
Франција на „Стад де Франс“, почна одлично, откако Карим Бензема ја продолжи голгетерската серија оваа сезона со гол во 51. минута, пред Андреас Корнелиус да израмни во 68. минута од мечот. Корнелиус беше херој на гостите, кога во 89. минута успеа да го совлада Иго Љорис за голема победа.
ЛИГА НА НАЦИИ
ЛИГА А, ГРУПА 1
Франција – Данска 1:2
Хрватска – Австрија 0:3
ЛИГА А, ГРУПА 4
Белгија – Холандија 1:4
ЛИГА Ц, ГРУПА 3
Казахстан – Азербејџан 2:0
Белорусија – Словачка 0:1
ЛИГА Д, ГРУПА 1
Летонија – Андора 3:0
Лихтенштајн – Молдавија 0:2
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Онс Жабер е првата финалистка на Вимблдон

Онс Жабер од Тунис е првата финалистка на престижниот грен-слем турнир Вимблдон. Втората носителка ја оправда фаворитската улога во полуфиналната пресметка со Татјана Мариа и славеше со 2:1 во сетови (6-2, 3-6, 6-1).
Тунижанката подобро го почна мечот, веднаш стигна до брејк и првиот сет го доби со 6-2. Но, германската тенисерка Татјана Мариа возврати во вториот со 6-3.
Финалистот се одлучуваше во третиот сет. Жабер тргна фуриозно и ги освои првите пет гема, а потоа го комплетираше мечот со 6-1.
Елена Рибакина и Симона Халеп ќе го играат второто полуфинале во женска конкуренција на Вимблдон.
Спорт
Уште еден демант од Минхен: Не сме заинтересирани за Роналдо

Фудбалскиот клуб Баерн Минхен ги отфрли шпекулациите дека ќе се заинтересирани за играчот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, објавија германските медиуми.
Генералниот директор на Баерн, Оливер Кан, изјави дека потпишувањето на договор со 37-годишниот Португалец би било „против клупската филозофија“, објави магазинот „Кикер“.
Роналдо сака да го напушти Манчестер јунајтед и да се приклучи на клуб со кој би играл во Лигата на шампионите. Јунајтед минатата сезона заврши на шестото место во Премиер лигата, а оваа сезона ќе игра во Лига Европа.
Роналдо освои пет титули во Лигата на шампионите, четири со Реал (2014, 2016, 2017, 2018) и една со Манчестер Јунајтед (2008).
Британските медиуми објавија дека Манчестер јунајтед ќе го пушти Роналдо за 15 милиони евра.
Спорт
Џоу ќе вози во Австрија

Гуању Џоу ги помина сите лекарски прегледи и викендов ќе ја вози трката за Големата награда на Австрија.
Кинезот зад воланот на Алфа Ромео имаше страшна несреќа на минатонеделната трка во Силверстон, но за среќа неповреден излезе од автомобилот кој неколку пати се преврте.
Според неговите зборови, ореолот што го имаат сите болиди му го спасил животот.
Џоу има освоено пет бода во сезоната и се наоѓа на 16. место во поредокот кај возачите.
Трката за Големата награда на Австрија се вози на патеката Ред Бул ринг во Спилберг.
Finished the final medical check, all good to go! Thanks to all of the people who supported me during this time, means the world. ❤️ #AustrianGP LET’S GO! ???????? pic.twitter.com/VdArFWcRoB
— 周冠宇 | Zhou Guanyu ???????? (@ZhouGuanyu24) July 7, 2022