Спорт
Италијанците го селат Елмас од Наполи во Бенфика
Фудбалскиот клуб Наполи, како последица на пандемијата со коронавирусот, се соочува со големи финансиски проблеми, кои ќе се зголемат доколку клубот не избори пласман во Лигата на шампионите. Поради тоа, претседателот Аурелио Де Лаурентис, планира да направи реконструкција во летниот преоден рок.
Еден од фудбалерите кои би можеле да го напуштат клубот е и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.
Елмас, во летниот преоден рок во 2019 година, за сума од околу 16 милиони евра од Фенербахче пристигна во Наполи. Првата сезона, во клубот, беше сосема добра за него, ако се има во предвид дека пристигна во многу посилно првенство од турското, но според италијанските медиуми, во клубот биле разочарани од неговите настапи оваа сезона.
Сигурно е дека „заслуги“ за ова има и тренерот Џенаро Гатузо, од кого Елмас започна да добива повеќе шанси дури откако Наполи се соочи со голем број на повредени играчи.
Наводно, интерес за Елмас, покажал португалскиот великан Бенфика. Наполи за соодветна сума би се согласиле на трансфер. Италијанците тврдат дека за 20 милиони евра, Наполи би се согласил да го продаде Елмас.
Прашање е само дали Бенфика ги има овие пари, бидејќи и нив ги погоди финансиската криза.
Елмас има одиграно 63 натпревари за Наполи, на кои постигнал четири гола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Челси го плати 62 милиони евра, тој одигра 36 минути и ја заврши сезоната
Челзи ги извести своите навивачи дека до крајот на сезоната е завршена за 20-годишниот играч од средниот ред Ромео Лавија. Кариерата на талентираниот фудбалер е забавена поради повредите, последната повреда е трета од доаѓањето во Челси.
Лавија пристигна во Манчестер сити од Андерлехт на 16-годишна возраст, а во тимот на Пеп Гвардиола дебитираше на 17-годишна возраст. Сепак, во 2022 година беше продаден на Саутемптон за нешто повеќе од 22 милиони евра. Челзи го донесе во август минатата година во трансфер кој надмина 62 милиони евра.
Оттогаш, тој пропушти 10 натпревари поради повреда на скочниот зглоб и пет поради фитнес проблеми, а потоа во декември минатата година заработи повреда на тетивата, поради која ја заврши сезоната.
Оваа сезона одигра само 36 минути, сите против Кристал Палас.
Спорт
Нејмар сака да се врати во Барселона
Нејмар по само една година, во која одигра само неколку натпревари за Ал-Хилал, бил подготвен да ја напушти Саудиска Арабија. Шпанските медиуми тврдат дека тој ќе се врати во Барселона.
Бразилецот наводно веќе разговарал со претседателот на Каталонците Џоан Лапорта.
Нејмар играше седум години на Камп Ноу, од 2010 до 2017 година, кога се пресели во француски ПСЖ за рекордни 222 милиони евра.
Тој освои осум трофеи со Барса, вклучувајќи две титули во шпанската лига и една во Лигата на шампионите.
За Барселона одигра вкупно 186 натпревари, постигна 105 гола и забележа 76 асистенции.
По шест години минати во Париз, минатата година ја прифати астрономската понуда на Ал-Хилал од 150 милиони евра по сезона.
Сепак, по само пет натпревари, на кои постигна еден гол, ги повреди предните вкрстени лигаменти на левото колено.
Според Шпанците, пореално е да се очекува евентуалното враќање на Нејмар во Барса во летото 2025 година, кога ќе му истече договорот.
Причината се финансиските проблеми во каталонскиот клуб поради кои има ограничен буџет за трансфери и плати.
Спорт
Родри една година не доживеал пораз
Фудбалерот на Манчестер сити и шпанската репрезентација, Родри (27) зад себе има неверојатно достигнување. Еден од главните адути на Пеп Гвардиола нема загубено натпревар за клубот или репрезентација веќе една година.
Последниот пораз Родри го имаше во дресот на Шпанија од Шкотска во квалификациите за Европското првенство на 28 март минатата година.
Оттогаш Манчестер сити и Шпанија се непоразени во натпреварите во кои играше Родри. Шпанија неодамна загуби од Колумбија во пријателски натпревар, но со одлука на селекторот Луис де ла Фуенте Родри не играше на тој натпревар. Тој играше на следниот натпревар и со два гола беше најдобар играч во ремито (3:3) со Бразил.
Во овој период без пораз, Родри со Сити ги освои Лигата на шампионите, Премиер лигата, ФА Купот, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство. Некои истакнуваат дека го загубил „Комјунити Шилд“ од Арсенал, на почетокот на сезоната, но тој натпревар официјално заврши без победник по 120 минути, подоцна Арсенал славеше по изведувањето пенали.