Спорт
Јувентус не може да си го објасни поразот: „Им се извинуваме на навивачите“
Јувентус доживеа катастрофа во Торино откако загуби со 0:3 од Вилјареал и повторно е елиминиран на самиот старт од нокаут фазата во Лигата на шампионите. Се чинеше дека „старата дама“ има отворен пат за пласман понатаму, на првиот меч во Шпанија немаше победник (1:1), но тимот на Масимилијано Алегри комплетно потфрли на реваншот.
„Ова е Лига на шампионите, има тимови на многу високо ниво и не се простуваат грешки. Мораме да научиме од ова бидејќи, за да се натпреваруваш на највисоко ниво, треба да бидеш фокусиран до крајот. Ние не бевме и затоа сме казнети. Направивме некои грешки, а во ова натпреварување деталите прават разлика. Тешко е да се разбере што ни се случи, можеме само да им се извиниме на нашите навивачи и да се обидеме да научиме нешто од оваа лекција“, изјави дефанзивецот на Јувентус, Данило.
Јувентус трета година по ред е елиминиран во осминафиналето од Лигата на шампионите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Инзаги по освојувањето на титулата: Неверојатно чувство, момците се исклучителни
Со победата од 2:1 над градскиот ривал Милан, фудбалерите на Интер синоќа ја освоија 20. титула во италијанската Серија А и ја сошија втората ѕвезда над грбот на својот клуб.
Интер ја круниса доминантна сезона во Италија и на пет кола до крајот има 17 бода повеќе од Милан.
„Нероаѕурите“ беа убедливи во текот на целата сезона, на 33 натпревари претрпеа само еден пораз, и тоа на домашен терен од Сасуоло.
Тренерот Симоне Инзаги конечно стигна до Скудетото во неговата трета сезона во Интер.
Едвај ја задржа работата на крајот од првата сезона, кога во финишот на сезоната 2021/2022. му ја предаде титулата на Милан, но минатата сезона го одведе Интер до финалето на Лигата на шампионите, а сега ја освои Серија А.
„Неверојатно е чувството, постигнавме нешто извонредно. Има многу протагонисти во овој успех. Пред се, играчите, исто така и директорите, а потоа и Стивен Жанг, за се што ни овозможи на ова патување. Моите мисли одат и кај моето семејство, сопругата и децата, родителите… Мојата мана е што понекогаш не можам да ја напуштам работата и да ја носам дома, но моето семејство е основата на сè“, рече Инзаги.
Спорт
И Аргентинец ќе суди на ЕП во Германија
Европската фудбалска федерација (УЕФА) го објави списокот на судии на кои смета за претстојното Европско првенство во Германија.
Најмногу претставници, по двајца имаат Англија, Италија, Франција и Германија. Од судиите од регионот, во Германија ќе го видиме само Славко Винчиќ од Словенија, кој ќе работи заедно со неговите помошници Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ.
Словенија ќе има претставници и во ВАР-собата, Нејц Кајтазовиќ (како ВАР судија), Раде Обреновиќ и Јуре Прапротник (како помошни ВАР судии или четврти судија).
Меѓу ВАР судиите ќе бидат и Ирфан Пељто и Сенад Ибришимбеговиќ од Босна и Херцеговина.
Факундо Тељо од Аргентина доби специјална покана врз основа на соработката на УЕФА и КОНМЕБОЛ.
Судии на ЕУРО:
Ентони Тејлор, Мајкл Оливер (Англија), Марко Гуида, Даниеле Орсато (Италија), Даниел Зиберт, Феликс Цвајер (Германија), Клемон Турпан, Франсоа Летексиер (Франција), Дани Макели (Холандија), Шимон Марчињак (Полска), Артур Диас (Португалија), Иштван Ковач (Романија), Иван Крузлиак (Словачка), Славко Винчиќ (Словенија), Хесус Хил Манзано (Шпанија), Глен Ниберг (Шведска), Сандро Шерер (Швајцарија) и Халил Умут Мелер (Турција) + Факундо Тељо (Аргентина).
Спорт
Коман го пропушта Евро 2024
Кингсли Коман (27), крилниот напаѓач на Баерн го повреди адукторот во 49. минута од првенствениот меч со Келн (2:0), го напушти теренот на носилки бидејќи не можеше да застане на десната нога, а се испостави дека станува збор за сериозна повреда.
Требаше да паузира неколку недели, а се испостави дека францускиот репрезентативец ќе го пропушти ЕП во Германија, дознава „Лекип“.
Магнетна резонанца утврди дека закрепнувањето ќе трае подолго од очекуваното, а од самиот почеток беше јасно дека сезоната за него е завршена, но имаше индикации дека ќе се опорави за ЕП, со оглед на тоа што селекторот на триколорите, Дидие Дешам сериозно сметаше на него.
Франција го игра воведниот натпревар против Австрија во Дизелдорф.
Инаку, Коман поради претходни повреди оваа сезона веќе пропушти 13 натпревари во сите натпреварувања, а на тоа ќе додаде уште најмалку шест, во зависност од тоа дали Баерн ќе се пласира во финалето на Лигата на шампионите.
Коман, роден во Париз, ги помина сите младински селекции на Франција, а за сениорската селекција дебитираше во 2015 година. Досега има 55 настапи со осум постигнати голови.