Спорт
Катерина Милевска под менторство на селекторот на САД, нашиот Влатко Андоновски, дел од врвна програма на ФИФА
Нашата селекторка на македонската женска репрезентација до 17 години, Катерина Милеска е дел од програмата на ФИФА и учесник во проектот „Coach Mentorship Programme” за развој на нова генерација женски тренери.
20 женски тренери учествуваат во програмата на ФИФА под менторство на 20 најуспешни тренери на женски репрезентации во светот.
Катерина Милевска за свој ментор го доби селекторот на женската репрезентација на САД, нашиот Влатко Андоновски.
Двајцата за прв пат имаа можност да се запознаат на Светското првенство за девојки до 20 години кое се одржа во август во Костарика. Таму беше организирана тридневна работилница, која всушност за младите женски тренери значеше непроценливо искуство за добивање знаење од врвните тренери, како и учество во анализа на тренинзите и натпреварите од шампионатот за млади фудбалерки.
Покрај обезбедувањето на талентирани тренери со ментори од светска класа, програмата исто така, има за цел да им помогне на женските тренери да постигнат поголеми резултати на нивните сегашни позиции, да понуди тренерски насоки и поддршка за развој на кариерата.
„Ова е одлична програма. Ни овозможува да запознаеме одлични тренери, со неверојатно искуство зад себе кога е во прашање женскиот фудбал. Исто така, ни овозможува да ги споделиме сите наши искуства на теренот, да комуницираме едни со други за работи низ кои сме поминале, или кои можеби ги поминуваме. За мене е голема привилегија што Фудбалската федерација на Македонија ми даде можност да бидам дел од оваа програма, а посебно што за свој ментор го имам Влатко Андоновски. Навистина е важно за мене да научам колку што можам повеќе, да слушам колку што можам повеќе и да споделувам колку што можам повеќе. Имаме неверојатна можност да учиме од најдобрите во женската игра“, вели Катерина Милеска.
По завршувањето на семинарот во Костарика, Влатко Андоновски неколку денови помина во нашата држава, каде што заедно со Катерина Милевска работеа на подготовка на следниот нејзин предизвик со репрезентацијата на Македонија до 17 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тонали сега е на удар и на Англичаните поради обложувањето
Играчот од средниот ред на Њукасл, Сандро Тонали е под истрага од Фудбалската асоцијација (ФА) поради прекршување на правилата против обложување.
Италијанецот веќе отслужува 10-месечна суспензија од Италијанскиот фудбалски сојуз поради обложување за време на неговото играње за Милан.
Новите докази покажуваат дека Тонали се обложувал и кога дошол во Њукасл. Младиот 23-годишен играч го прекршил правилото дури 50 пати од 12 август до 12 октомври 2023 година.
На Тонали му е даден рок до 5 април да одговори на обвиненијата.
„Добивме потврда дека е покрената истрага. Клубот и Тонали целосно ќе соработуваат. Тоа е се што можеме да кажеме во моментов“, се вели во соопштението за медиумите на клубот.
Тонали пристигна во Њукасл минатиот јули во трансфер вреден 60 милиони фунти од Милан.
Спорт
Најдобриот судија во БиХ поради закани одби да им суди на Железничар и Сараево
Шампионатот на Босна и Херцеговина влегува во завршна фаза, а локалниот портал „Спортспорт“, пишува дека најдобриот судија, Ирфан Пељто одбил да им суди на клубовите кои доаѓаат од главниот град Железничар и Сараево) до крајот на сезоната.
Пељто тоа го направил поради наводните закани што ги добивал тој и неговото потесно семејство, кои ги пријавил во полиција. Најдобриот судија од БиХ за својата одлука го известил Судискиот комитет на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, кој ја прифатил неговата одлука.
Железничар и Сараево ќе одиграат неколку дерби натпревари до крајот на сезоната, но Пељто нема да суди на ниту еден од нив.
Тој требаше да биде главен судија викендов на дербито меѓу Железничар и Вележ, но главен судија на „Грбавица“ ќе биде Елведин Топузовиќ. .
Пељто гради завидна кариера на меѓународен план и често суди натпревари во Лигата на шампионите. Неодамна судеше на пријателскиот натпревар меѓу Словенија и Португалија, а претходно го судеше и натпреварот Лајпциг- Реал Мадрид.
Речиси е сигурно дека ќе суди на ЕП.
Спорт
Интер подготвува нов договор за Инзаги
Интер е апсолутен лидер во Серија А, прашање е само кога и математички ќе ја обезбеди шампионската титула, која ќе биде прва во кариерта на Симоне Инзаги. 47-годишниот тренер досега има освојувано трофеи само во Купот и Суперкупот на Италија.
Она што Инзаги го направи оваа сезона во Серија А, ги натера клупските челници да ја сменат својата стратегија и да му понудат нов договор на тренерот.
Инзаги досега двапати го продолжуваше договорот со Интер, во 2022 и 2023 година, двата пати клубот му понуди едногодишен договор. Овој пат на 47-годишниот тренер ќе му биде понуден двегодишен договор.
Во однос на претходните години, разликата е што на Инзаги ќе му биде понуден нов договор пред да заврши сезоната, а не откако таа ќе заврши.
Интер е на чекор до освојување на шампионската титула во Серија А, откако по 29 кола е прв на табелата со 76 бодови, 14 повеќе од второпласираниот градски ривал Милан.