Спорт
Клоп и Тухел удрија по мундијалот во Катар
Менаџерите на Челси и на Ливерпул, Томас Тухел и Јирген Клоп, го изразија своето незадоволство од Светското првенство во Катар, кое ќе се одржува во ноември и декември сметајќи дека така се поставуваат нереални очекувања од нивните фудбалери.
Според Тухел, фудбалерите ќе бидат под влијание на подготовките на мундијалот неколку месеци пред тој да се случи, а Клоп призна дека е лут што ФИФА и УЕФА не прават повеќе да ги заштитат фудбалерите. Премиерлигашката сезона ќе биде во пауза од 12 ноември и ќе се врати на 27 декември за да се направи место за мундијалот, кој ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември.
„Навистина нема многу смисла. Фудбалерите уште сега се фокусирани на Светското првенство, што е добро бидејќи се во форма и се грижат за својата подготвеност. Но, исто така е лошо бидејќи како ќе се доближува мундијалот, нема да се тука ментално. Ќе видиме како ќе влијае на перформансите во октомври, на пример. Ќе бидат исцрпени. Голем успех или големо разочарување може да влијаат и ментално, така што не сум сигурен дека ова е одбра идеја“, вели Тухел.
Клоп, пак, ја спореди ситуацијата со климатските промени велејќи дека сите зборуваат, но никој не се активира.
„Ако одите во финале на Светското првенство и го освоите или загубите, веќе сте одиграле многу, а потоа една недела подоцна треба да играте. Да имаа сите фудбалери пауза, немаше да биде проблем. Но, ова е како зимска пауза, што ја имавме во Германија, како фудбалер и три-четири недели пауза се многу. Кога ќе зборувам за ова, многу се лутам. Исто како со климата. Сите знаеме дека мора да се смени нешто, но никој не презема ништо. Играчите треба да се најважни во овој спорт. Ова Светско првенство се случува во погрешен момент поради погрешни причини“, вели Клоп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Столе правеше чуда, Рајо Ваљекано остана непоразен на „Ноу Камп“

Столе Димитривски и на третиот натпревар против Барселона успеа да го одбрани својот гол. Рајо Ваљекано на отворањето на сезоната во примера, на „Ноу Камп“ во Барселона одигра 0:0 против Барселона. Минатата сезона Рајо Ваљекано два пати со по 1:0 ја победи Барселона.
Засилувањата кои пристигнаа во Барселона во летниот преоден рок, со исклучок на жил Кунде, дебитираа пред домашните фанови, но не успеаја да го демонстрираат својот квалитет.
Рафиња и Кристенсен беа заменети во второто полувреме, Левандовски имаше само една шанса, а Кеси на теренот влезе во финишот на натпреварот.
Во текот на целиот натпревар играчите на Барселона најчесто се обидуваа со удари од далечина. На крајот Барса упати 15 удари кон голот на Димитриевски, голманот на Рајо забелеѓа шест одбрани.
Рајо воопшо не беше наивен противник, првите две чисти шанси ги имаа играчите на Андони Ираола. Гарсија во ситуација „еден на еден“ не успеа да го совлада Тер Штеген, Германецот го одбрани неговиот удар во финишот на првиот дел, а во второто полувреме Камељо немаше сили да ја заврши акцијата.
Најдобрата шанса за Барса ја имаше Обамејанг, кога Димитиревски беше совлада, меѓутоа Каден успеа да интервенира пред гол линија.
Барселона со играч помалку го заврши натпреварот. Во 94.минута капитенот Бускетс го доби вториот жолт картон.
Спорт
Динамо го победи Хајдук – Спектакуларен гол на Атанасов

Динамо Загреб го победи најголемиот ривал Хајдук со 4:1, во дербито одиграно во рамките на петтото коло, во шампионатот на Хрватска. По гол во дербиот постигнаа македонските репрезентативци Јани Атанасов и Аријан Адеми.
Атанасов, во втората минута од судиското надополнување на времето во првиот дел, со евро-гол го шокираше „Максимир“.
Динамо направи пресврт за само три минути, во 61.минута Батурина израмни, а во 64. Адеми погоди за водство 2:1.
Гојак во 84.минута ја зголеми предноста на „модрите“, а конечните 4:1 ги постави Оршиќ во 91.минута.
Спорт
Интер со гол во 95.минута го победи Лече, Торино победи во Монца

Интер и Торино со идентични гостински победи (2:1) ја започнаа новата сезона во Серија А. Торино рутински славеше кај дебитантот Монца, додека Интер во 95.минута дојде до победата во Лече.
Две минути му беа потребни на Ромелу Лукаку да постигне гол,во својот кам-бек во Серија А. Лече израмни преку Асан во 48.минута.
Од тој момент Интер тргна во целосна офанзива. Инзаги последните 20 минути ги одигра со четворица напаѓачи, но победата им ја донесе десниот дек Дензел Дамфрис во 95.минута.
Торино во Монца дојде до предност во 43.минута со голот на Мирначук. Репрезентативецот на Русија постигна гол во својот деби настап за Торино. Санабрија ја зголеми предноса во 66.минута.
Почесниот гол за Монца, кој воедно е прв за овој тим во Серија А го постигна Дани Мота во 94.минута.