Спорт
Клучниот човек на Макс Ферстапен потпиша за Мекларен
Главниот инженер на Ред Бул, Џанпјеро Ламбиазе, се согласил на трансфер во Мекларен во 2028 година.
Британецот со италијанско потекло, кој со текот на времето се профилираше како „тркачки инженер на Макс Ферстапен“, ќе му биде поддршка на на шефот на Мекларен, Андреа Стела. Точните детали и името на неговата нова функција, засега, се познати само на Мекларен, пишува „Би-Би-Си“.
Британскиот јавен сервис продолжува велејќи дека преселбата е дел од планот за понатамошно зајакнување на тркачките операции на Мекларен во време кога Формула 1 станува сè посложена.
Ниту Мекларен ниту Ред Бул не сакаа официјално да ја коментираат оваа вест, но доверливи извори од двата тима ја потврдија информацијата за „Би-Би-Си Спорт“, инсистирајќи на анонимност.
„Ламбиазе, кој моментално е раководител на тркачкиот инженеринг во Ред Бул, ќе стане третата високо рангирана личност од тој тим што ќе се пресели во Мекларен во последните неколку години. Роб Маршал пристигна како главен дизајнер на почетокот на 2024 година, додека поранешниот раководител на стратегијата Вил Кортни стана спортски директор на Мекларен во јануари оваа година“, наведува „Би-Би-Си“ и потсетува дека заминувањето на клучните луѓе во Ред Бул трае веќе некое време.
„Од друга страна, Ред Бул е без техничкиот директор Адриан Њуи и спортскиот директор Џонатан Витли од почетокот на 2024 година. И двајцата го напуштија тимот пред тогашниот шеф на тимот Кристијан Хорнер да биде заменет во јули 2025 година.“
Ламбиазе е познат по блискиот однос со четирикратниот светски шампион Ферстапен, со кого тесно соработува откако Холанѓанецот пристигна во Ред Бул пред Големата награда на Шпанија во 2016 година.
На последната трка во Јапонија, Макс изјави дека размислува за својата иднина во Формула 1, бидејќи возењето нови автомобили повеќе не му пружа задоволство. Интересно е што и договорот на ферстапен, како и договорот на Ламбијазе, истекува на крајот од сезоната 2027.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Френк Лампард по 25 години го врати Ковентри во Премиер лигата
Ковентри се врати во Премиер лигата по 25 години чекање. Освоениот бод во драматичната завршница на гостувањето кај Блекбурн Роверс, во натпревар што заврши со резултат 1:1, беше доволен за тимот на Френк Лампард математички да обезбеди промоција воелитниот ранг на англискиот фудбал.
„Херој на историската вечер беше Боби Томас, чиј гол со глава во 84-та минута донесе неопислива прослава за навивачите на „Небесно сините“, пишува Би-Би-Си.
Се чинеше дека прославата ќе биде одложена, откако Блекбурн поведе во 54-та минута. Риоја Моришита му донесе предност на Белкбурн.
За домашниот тим, освоениот бод е исклучително важен во борбата за опстанок во лигата.
Поминаа точно 9099 дена од последниот натпревар на Ковентри Сити во Премиер лигата. Враќањето во елитата предизвика силни емоции. По последниот свиреж на судијата, навивачите на трибините беа во солзи, играчите славеа на теренот, а менаџерот Френк Лампард, познат по својата воздржаност, мирно се ракуваше со своите колеги.
Спорт
(Видео) Интер сигурно чекори кон шампионската титула
Фудбалерите на Интер го победија Каљари на домашен терен со 3:0, во 33-то коло од Серија А.
Од самиот почеток, Интер наметна висок ритам на играта, со константен посед на топката и постојан притисок врз последната линија на Каљари. Гостите од Сардинија издржаа во првото полувреме кое заврши без голови.
На првиот гол се чекаше до 52-та минута, кога Маркус Тирам со глава ја испрати топката во мрежата по центаршут од левата страна.
Само четири минути подоцна, Николо Барела, ја дуплираше предноста на својот тим, а конечниот резултат го постави Зиелински во втората минута од судиското продолжение.
По оваа победа, Интер со натпревар повеќе има 12 поени повеќе од Наполи.
Foto/ EPA
Спорт
Почина легендарниот Оскар Шмит
Тажна вест, доцна во петокот, пристигна од Бразил. Оскар Шмит, еден од најголемите стрелци во историјата на кошарката, почина на 69-годишна возраст.
Членот на Салата на славните, познат по прекарот „Света Рака“, страдаше од тумор на мозокот 15 години.
Членовите на неговото семејство потврдија дека Шмит си заминал со „храброст, достоинство и неуморен дух, останувајќи пример за решителност, дарежливост и љубов кон животот“.
Статистичарите евидентираа дека Шмит постигнал вкупно 49.973 поени за време на неговата професионална кариера во сите натпреварувања, што го прави најдобар стрелец во историјата на кошарката до април 2024 година, кога го престигна Леброн Џејмс.
Шмит никогаш не играл во НБА, но бил високо ценет во Бразил поради неговата посветеност на националниот тим и неговите настапи на рекордни пет последователни Олимписки игри.
Тој е рекордер на олимпискиот турнир по бројот на поени. Беше клучен играч на бразилскиот тим во антологиската победа над селекцијата на САД на Панамериканските игри во 1987 година.
Својата професионална кариера ја започна во 1974 година и поголемиот дел од неа го помина во Бразил и Италија, каде што стана идол од детството на идниот великан Коби Брајант. Во 1984 година, тој беше избран од Њу Џерси Нетс во шестата рунда од драфтот на НБА. Тренираше со тимот, но го одби договорот. Во тоа време, на играчите од НБА не им беше дозволено да играат за националните тимови.
Со висина од 205 см, тој беше исклучително прецизен шутер за тројки во 1980-тите, кога тројката не беше ни приближно толку честа како што е денес. Токму затоа го доби прекарот „Мао Санта“ („Света рака“).
