Спорт
Компани: Пробавме сè, но тие се најдобри
Баерн Минхен не успеа да се пласира во финалето на Лигата на шампионите откако беше елиминиран од Пари Сен Жермен. По поразот 5:4, во првиот меч, во реваншот одиграа 1:1. Тренерот на баварскиот гигант, Венсан Компани, не го криеше своето разочарување по натпреварот.
„Тешко е да се прифати ова, загубивме со минимална разлика. Му париравме на Пари Сен Жермен, мали детали ги решаваат ваквите натпревари. Нашето прво полувреме беше добро, имав чувство дека сме подобриот тим и често влегувавме во зоните каде што сме опасни, но Пари Сен Жермен ги бранеше нафрлувањата многу добро. Беа многу активни. Иако влегувавме во опасни ситуации, се погрижија да не го испратиме последниот удар“, рече Компани и продолжи.
„Енергијата е секогаш основа, а тимот повторно го покажа тоа. За жал, не сме во финалето. Мора да признаеме дека игравме против одличен противник. Лигата на шампионите сега е завршена за нас, но ќе има уште моменти и нови можности, што е голема мотивација за мене.
Нивото на двата тима беше многу, многу високо. Пари Сен Жермен има огромен квалитет, тие се веројатно најдобриот тим во Европа во последните две години. Игравме против нив пет пати досега – двапати победивме, двапати загубивме и еднаш завршивме нерешено. Се обидовме со сè, морам да го кажам тоа. Честитки до Пари Сен Жермен, ние ќе се обидеме повторно“, рече Компани.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Диого Жота на списокот на Португалија: Трогателен гест на селекторот Мартинез
Да не беше трагедијата во Кернадиља минатото лето, името на Диого Жота сигурно ќе беше на списокот на португалскиот селектор, Роберто Мартинез.
Сакајќи да му оддаде постхумна почит на фудбалерот кој прерано нè напушти, Роберто Мартинез го прочита неговото име на списокот на учесници на Светското првенство во САД, Мексико и Канада.
Диого нема да биде физички таму, но неговиот дух продолжува да живее меѓу играчите на Португалија кои, една година по веста за смртта на неговиот соиграч, ќе се обидат да станат светски шампиони и во негова чест.
Диого Жота почина на 3 јули минатата година во сообраќајна несреќа што го потресе фудбалскиот свет и Португалија. Имаше 28 години.
Веста за трагедијата во која неговиот брат, Андре Силва, исто така го загуби животот, предизвика бран емоции кај навивачите, соиграчите и спортските легенди.
Со години, Жота беше еден од најважните играчи на португалската репрезентација. Дебитираше за репрезентацијата во 2019 година и одигра 49 натпревари за Португалија, постигна 14 гола.
голмани: Диого Коста, Руи Силва, Ѓозе Са, Рикардо Вељо
дефанзивци: Матеуш Нунеш, Диого Далот, Нелсон Семедо, Жоао Кансело, Рубен Диаш, Гонзало Инасио, Томаш Араухо, Ренато Веига и Нуно Мендес
играчи од средниот ред: Саму Коста, Рубен Невеш, Витиња, Жоао Невеш, Бруно Фернандеш, Бернардо Силва
напаѓачи: Рафаел Леао, Франциско Консеисао, Педро Нето, Тринкао, Жоао Феликс, Гонзало Гуедес, Гонзало Рамос, Кристијано Роналдо.
На Светското првенство, Португалија ќе игра во групата К, во која се уште и Колумбија, Демократска Република Конго и Узбекистан.
Спорт
Аморим ќе го наследи Мурињо во Бенфика
Рубен Аморим е првиот кандидат да го замени Жозе Мурињо на клупата на Бенфика, пишуваат португалските медиуми.
Поранешниот играч на великанот од Лисабон моментално е надвор од терените откако беше отпуштен од Манчестер Јунајтед оваа сезона.
Се очекува двете страни брзо да постигнат договор. Аморим играше за Бенфика од 2008 до 2017 година.
Интересно е што Аморим забележа брилијантни резултати како тренер на градскиот ривал Спортинг. Во периодот од 2020 до 2025 година, тој освои две титули во португалското првенство.
Сепак, Аморим не се прослави во Премиер лигата и по малку повеќе од една година, беше отпуштен од клупата на Јунајтед.
Foto/ Depositphotos
Спорт
Силекс и Шкендија утре ќе се борат за трофејот во Купот
Екипите на ФК Силекс и ФК Шкендија утре од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе се соочат во финалето од Купот на Македонија, натпревар кој ќе го даде последниот трофеј сезонава и место на европската сцена.
За Силекс ова е можност успешната сезона да ја круниса со трофеј, откако шампионатот го заврши на четвртата позиција. Тренерот Александар Васоски очекува тежок и неизвесен дуел против искусниот состав на Шкендија.
„За нас ова е натпревар на сезоната, бидејќи носи излез во Европа. Шкендија е квалитетен и искусен противник, можеби и во мала предност поради европските натпревари што ги има одиграно. Но, ќе се обидеме да ги искористиме сите слабости што ќе ни се понудат. Која би била предноста на Силекс? Според мене, тоа е што Шкендија има одиграно 54 мечеви сезонава. Посакувам добро финале и нека победи подобриот“, изјави Васоски.
Во таборот на Шкендија владее оптимизам пред финалето, а тренерот Јетон Беќири потенцира дека неговиот тим ќе влезе максимално мотивирано во борбата за трофејот.
„Мислам дека Шкендија по 8 години е во финале на Купот и нормално ќе влеземе максимално во овој меч и како екипа која сака да се надигрува. Имаме почит кон Силекс кои последниве две години играат одлично. Лани до последно коло се бореа со нас за титулата. Нијанси ќе одлучуваат. Можеби имаме мала предност од нашето европско искуство, но во еден меч тоа ништо не значи бидејќи секогаш во овие мечеви одлучува еден момент. Ние ќе дадеме се од себе да победиме утре. Пред се сакам фер натпревар и да има коректно судење, па кој ќе е посреќен нека се радува на крај“, рече Беќири.
Капитенот на Шкендија, Арбин Зејнулаи, истакна дека клубот секогаш има највисоки амбиции.
„Шкендија секогаш пред почетокот на сезоната игра за титули дома и добар настап во Европа. Ова е многу важен меч за нас и ако го дадеме максимумот, мислам дека на крајот ќе стигнеме до трофејот“, изјави Зејнулаи.
Дарко Анѓелески, капитенот на Силекс вели дека ќе гледаме одлично финале, предводникот на кратовчани верува во квалитетите на тимот.
„Ова е најважниот натпревар за нас сезонава и подготвени сме да го дадеме максимумот за да го освоиме трофејот. Знаеме дека не очекува тежок противник, но веруваме во нашите квалитети и во тимскиот дух. Се надевам на добро финале, фер игра и радост за нашите навивачи на крајот“, изјави капитенот на Силекс, Дарко Анѓелески.
Шкендија на утрешниот натпревар ќе биде без најдобриот стрелец Бесарт Ибраими, кој поради повреда нема да настапи во финалето и за него сезоната е завршена.
Izvor i Foto/ FFM.MK
