Спорт
„Кралот“ во Амстердам, „милионерите“ во Лондон
Нови два натпревара вечерва ќе се одиграат во нокаут-рундата во Лигата на шампионите. Европскиот првак Реал во првиот меч од осмина-финалето ќе гостува кај Ајакс, а Тотенхем ќе ја пречека Борусија Дортмунд.
Дуелот на арената „Јохан Крјф“ во Амстердам тежи 17 трофеи во најквалитетното клупско натпреварување. Пред два месеца Реал беше во криза и тогаш Ајакс изгледаше како фаворит. Во меѓувреме работите се сменија, Реал ја крена својата форма, влезе во серија победи и се врати во шампионската трка во Шпанија.
Од друга страна, формата на Ајакс е далеку од потребното ниво за вакви натпревари. Кога во првенството, на домашен терен, испушти предност 3:1 против Херенвен (4:4), доживеа дебакл во дербито кај Феенорд (2:6), а кризата ја продлабочи минатиот викенд со поразот од Хераклес.
Линиите во Реал изминатиот месец функционираат речиси беспрекорно, оската Модриќ-Каземиро-Крос функционира одлично, Бензема влезе во голгетерска форма, а тинејџерот Винисиус Жуниор е вистинско освежување во нападот. Дополнителна стабилност и сигурност дава и дефанзивниот бедем, во кој се Рамос и Варан.
Ајакс е комбинација на младост и искуство. Лидер во тимот е Србинот Тадиќ за кого клубот на Саутемптон му плати рекордни 20 милиони евра. Тадиќ е прв стрелец (пет гола) и асистент (три асистенции) на Ајакс во Лигата на шампионите. Во нападот најголемата опасност доаѓа од поранешниот играч на Реал, Хунтелеар, а играта на тимот во многу нешта зависи од младите Де Лихт и Де Јонг.
Овие двајца се најбараните млади играчи во Европа. Де Јонг веќе го договори својот трансфер во Барселона, а за Де Лихт ќе се тепаат Баерн, Барселона, Јувентус, Манчестер јунајтед, Манчестер сити.
На „Вембли“ во Лондон, Тотенхем ќе ја пречека првопласираната екипа во Бундеслигата, Борусија Дортмунд. Имињата на тимовите и пристапот што го имаат кон играта гарантира две атрактивни пресметки.
Она што е важно пред првиот меч е што двајцата тренери, Маурисио Покетино (Тотенхем) и Лусиен Фавр (Борусија), имаат сериозни кадровски проблеми.
Покетино не може да смета на најдобриот играч Кејн, потоа на Деле Али, Дејвис, веројатно и Ламела, а кај Борусија ќе ги нема капитенот Ројс, најдобриот стрелец Пако Алкасер, како и Аканџи, Вагл, Пишчек.
Натпреварите во Амстердам и Лондон ќе почнат во 21 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Претседателот на Ла Лига јавно кажа дека е навивач на Реал
Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас отворено призна дека навива за Реал Мадрид во интервју за „Експансион“. Овој факт е познат од поодамна, но сега за прв пат е и јавно потврден. Овој детал Тебас го откри додека го коментираше евентуалниот трансфер на Килијан Мбапе во Реал.
„Прво и основно, сето ова го кажувам како навивач на Реал Мадрид. Тоа е неверојатен трансфер, Мбапе е еден од најдобрите фудбалери во светот. Не можам да кажам дека е најдобар бидејќи мислам дека Белингам е најдобар, и зад него е Винисиус“, рече тој и потоа додаде:
„Мбапе е еден од најдобрите фудбалери во светот, затоа мора да бидеме среќни бидејќи таков играч доаѓа во нашата лига. Знам како Реал Мадрид планира да го обезбеди неговиот потпис, и покрај загриженоста и нестрпливоста на медиумите. Тоа го направија во добар момент.”
Да потсетиме, Мбапе на лето доаѓа во Реал Мадрид како слободен играч, откако ќе му заврши договорот со ПСЖ.
Спорт
(Видео) Кобајаши леташе 291 метар
Јапонскиот ски скокач Рјоју Кобајаши постави неофицијален светски рекорд во Исланд прелетувајќи 291 метар, што е за 37,5 метри подобро од официјалниот светски рекорд.
Рекордот Кобајаши го постави на специјално изградена скокалница во ски-центарот Хлидарфјал.
Кобајаши ги помести границите со летови од 256, 259 и 282 метри во двата дена од пробното натпреварување, а во средата го постави конечниот рекорд од 291 метар. Осум секунди бил во воздух и достигнал најголема брзина од 107,5 километри на час.
„Долго сонував за овој скок, отсекогаш сум сакал да летам подалеку од сите други и сакам да ги поместам границите“, изјави Кобајаши по најдолгиот лет во историјата.
Според соопштението за печатот на Ред Бул, специјалната скокалница е целосно изградена од снег. Врвот на залетиштето е на 1115 метри, а зоната на слетување завршува 360 метри подолу и има наклон од 36 степени.
Јапонецот во кариерата има 32 победи во Светскиот куп, два пати беше севкупен победник, има златен и сребрен медал од Олимписките игри во 2022 година, а три пати ја освојуваше и Новогодишната турнеја.
𝟐𝟗𝟏 𝐌𝐄𝐓𝐑𝐎́𝐖 ❗️
Ryoyu Kobayashi udowodnił, że niemożliwe nie istnieje ❗️#skijumpingfamily pic.twitter.com/Or7frTerSh
— Eurosport Polska (@Eurosport_PL) April 24, 2024
Спорт
Навивачите на Челси бараат клубот да го отпушти Покетино
Лошата сезона на Челзи кулминација доживеа синоќа на „Емирати“. Челси беше прегазен со 5:0 од градскиот ривал Арсенал.
Медиумите, а по нив и навивачите, за дебаклот го обвинија менаџерот Маурисио Покетино.
Револтираните навивачи на „сините“, како што пренесува „Фудбал инсајдер“, бараат аргентинскиот стручњак под итно да добие отказ.
Челси, досега има 13 победи, односно победи во една третина од натпреварите во Премиер лигата, премалку со оглед на вложувањата пред стартот на првенството.