Спорт
ЛЕ: Арсенал лесно со Наполи, Бенфика го доби Ајнтрахт во „бурен“ меч (видео)
Арсенал со 2:0 го совлада Наполи во првиот меч од четврт-финалето од Лига Европа, Бенфика и Ајнтрахт одиграа луд и „бурен“ меч во кој португалскиот клуб славеше со 4:2, шпанската пресметка меѓу Вилјареал и Валенсија ја добија гостите со два гола во судското продолжение (1:3), а Челси во финишот на мечот стигна до 0:1 победа на гостувањето кај најголемото изненадување, Славија Прага.
„Топчиите“ дома работата ја завршија во првите 25 минути од мечот, откако прво Арон Ремзи во 15-тата минута го совлада Мерет, за десет минути подоцна Калиду Кулибали да си постигне автогол. Гостите имаа неколку шанси преку Инсиње, но на крајот ќе ги пречекаат Арсенал дома со големо заостанување.
Во Лисабон, ѕвездата на Ајнтрахт Лука Јовиќ успеа да постигне гол против својот поранешен клуб, но Бенфика предводена од хет-трикот на Жоао Феликс стигна до убедлива 4:2 победа. Мечот беше „расипан“ уште во 20-тата минута, кога Обите Н’Дика доби црвен картон и беше досуден пенал за Бенфика. На крајот, резултатот не е толку голема катастрофа за „орлите“, бидејќи сега им е потребна 2:0 победа (или 3:1) за да се пласираат во полуфиналето.
Маркос Алонсо со гол во 86. минута донесе минимална, но супер-важна победа на Челси на гостувањето кај Славија, додека шпанскиот дуел меѓу Вилјареал и Валенсија почна со два пенали во првото полувреме, пред Валенсија да стигне до 3:1 победа со два гола по 90-тата минута на Вас и Гуедеш.
ЛИГА ЕВРОПА, 1/4 ФИНАЛЕ, ПРВ МЕЧ
Арсенал – Наполи 2:0
Бенфика – Ајнтрахт Франкфурт 4:2
Славија Прага – Челси 0:1
Вилјареал – Валенсија 1:3
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Шекил: Сакам Симонс да ме научи како за 55 натпревари заработи 80 милиони долари
Изјавата на Шекил О’Нил во еден подкаст, во пресрет на почетокот на плеј-офот во НБА лигата, привлече големо внимание во САД.
Еден од најдобрите центри во историјата на кошарката, саркастично одговори на прашањето за кои играчи би платил карта да ги гледа во живо.
„Бен Симонс, затоа што сакам да научам како можеш да заработиш 80 милиони, а да одиграш само 55 натпревари. Научи ме човеку. Научи ме како можеш да одиграш 55 натпревари во три сезони и да добиеш 30 милиони, 40 милиони и уште 40 милиони само за да рекол дека го боли грбот“, рече четирикратниот шампион во НБА.
Симонс во 2016 година беше прв пик на драфтот, го избра Филалделфија, во чии редови беше до 2022 година кога се пресели во Бруклин Нетс. За Бруклин во првата сезона одигра 40 натпревари, а оваа само 15.
Спорт
Педри и Де Јонг ќе бидат подготвени за ПСЖ
Фудбалерите на Барселона, Педри и Френки де Јонг, најверојатно ќе се вратат во тимот за првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен.
„Педри и Де Јонг се повредија на почетокот на месецот на мечот против Атлетик Билбао (0:0) во шпанското првенство, но се опоравија и би можеле да бидат во тимот за дуелот во Париз“, пишува „Мундо депортиво“.
Според оовј извор, Педри веќе почнал сам да тренира, а Де Јонг се уште е на рехабилитација, но наскоро ќе почне да тренира. Лекарскиот тим на Барселона е уверен дека тој ќе биде подготвен за натпреварот против ПСЖ на 10 април.
Андреас Кристенсен и Роналд Араухо имаат проблем со ситни повреди и најверојатно поради претпазливост ќе го пропуштат претстојниот првенствен натпревар во Барселона против Лас Палмас.
Спорт
Тренер на Лестер доби отказ – бил во врска со фудбалерка од тимот
Менаџерот на женскиот фудбалски клуб Лестер сити, Вили Кирк (45) е отпуштен откако со внатрешна истрага било откриено дека го прекршил кодексот на однесување.
Британските медиуми објавија дека Кирк е под истрага за наводна врска со фудбалерка од тимот.
Кирк првично беше суспендиран, а сега е отпуштен, со што заврши неговиот двегодишен престој во клубот.
„По опсежни внатрешни дисциплински постапки и почитување на индивидуалната приватност, Вили го прекрши кодексот на однесување до степен што ја прави неговата позиција неодржлива“, велат од клубот.
Тој му се приклучи на Лестер во јули 2022 година како спортски директор и ја замени Лидија Бедфорд на клупата четири месеци подоцна. Лестер моментално е деветти на табелата во англиската лига.