Спорт
ЛШ: Барса со Брајтвајт и Јуве со Мората во осминафинале, Халанд е незапирлив!
Барселона и без Лионел Меси во составот, ја забележа четвртата победа во четири кола во Лигата на шампионите, овојпат со 3:0 кај Динамо Киев за да се пласира во осминафиналето заедно со Јувентус, каде што многу блиску се и Манчестер јунајтед и Борусија Дортмунд по убедливите победи со кои останаа на врвот во своите групи.
Тимот на Роналд Куман беше на мета на критики по најлошиот старт на сезоната во Ла лига по речиси две децении, но затоа Лигата на шампионите одлично им одговара и без капитенот Лео Меси. Ѕвезда на вечерта во Киев беше Мартин Брејтвајт, откако Данецот постигна два гола во второто полувреме и му асистираше на Сержињо Дест за убедливиот триумф.
Јувентус, пак, им се приклучи на Каталонците по драматичната 2:1 победа дома над Ференцварош. Акцијата беше во првото полувреме кога прво Мирто Узуни го донесе унгарскиот тим во водство со провокативно славење, пред Кристијано Роналдо со убав гол да израмни на 1:1. „Бјанконерите“ не успеваа да го скршат отпорот на Ференцварош до 94. минута, кога Алваро Мората беше „џокерот“ на Андреа Пирло за пласман во осминафинале.
„Рехабилитација“ доживеаја и Манчестер јунајтед, кои со 4:1 ги совладаа Башакшехир, одмаздувајќи им се за гостинскиот пораз и заддржувајќи предност од три поени пред ПСЖ и Лајпциг. Бруно Фернандеш постигна еден фантастичен, еден среќен гол во првото полувреме, за Маркус Рашфорд од пенал да зголеми на 3:0. Во Париз пак, во меч кој мораа да го добијат, ПСЖ стигнаа до минимална 1:0 победа над Лајпциг благодарение на голот од пенал на Нејмар.
Ерлинг Халанд, пак, е незапирлива гол-машина – по четирите гола против Херта во текот на викендот, тој постигна уште два гола при 3:0 победата на Дортмунд над Бриж за да се заддржи првото место на табелат пред Лацио, кои со 3:1 го совладаа Зенит.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 4.КОЛО
ГРУПА Ф
Борусија Дортмунд – Клуб Бриж 3:0
Лацио – Зенит 3:1
Табела: 1.Борусија Д. 9, 2.Лацио 8, 3.Бриж 4, 3.Зенит 1
ГРУПА Г
Динамо Киев – Барселона 0:4
Јувентус – Ференцварош 2:1
Табела: 1.Барселона 12, 2.Јувентус 9, 3.Ференцварош 1, 4.Динамо Киев 1
ГРУПА Х
Манчестер јунајтед – Башакшехир 3:1
Пари Сен-Жермен – РБ Лајпциг 1:0
Табела: 1.Манчестер ј. 9, 2.ПСЖ 6, 3.РБ Лајпциг 6, 4.Башакшехир 3
ДИНАМО КИЕВ – БАРСЕЛОНА
МАНЧЕСТЕР Ј. – БАШАКШЕХИР
ЈУВЕНТУС – ФЕРЕНЦВАРОШ
ДОРТМУНД – БРИЖ
ПСЖ – ЛАЈПЦИГ
ЛАЦИО – ЗЕНИТ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Барселона го продава Де Јонг
Фудбалскиот клуб Барселона го подготвува трансферот на Френки де Јонг. Клубот ќе ги разгледа понудите на заинтересираните за услугите на Холанѓанецот. Де Јонг поради повреда ја заврши сезоната, па не е исклучено дека настапот во Ел Класико (во неделата Барселона загуби 3:2 од Реал), да биде негиот последен меч во дресот на Барселона.
Локалните медиуми тврдат дека Чави Ернандез и неговиот стручен штаб повеќе не го сметаат Де Јонг за недопирлив во тимот. Наводно им станало јасно дека не може сам да игра во дефанзивниот ред за врска. Токму на оваа позиција Барселона планира да се засили во летниот преоден рок.
„Релево“ тврди дека Де Јонг е достапен за сум од 70 милиони евра. Тие пари потоа клубот би ги вложил во врвен заден играч за врска, а во оптек се неколку имиња: Мартин Зубименди (Реал Сосиедад), Џошуа Кимих (Баерн Минхен) и Андре Онана (Евертон).
Дополнително, Де Јонг е убедливо најплатен играч на Барселона, а неговата плата дополнително ќе се зголеми во сезоната 2024/25, бидејќи еднаш потпиша нов договор поради коронавирусот каде што неговите приходи постепено ќе се зголемуваат од година во година.
Де Јонг пристигна во Барселона во летото 2019 година од Ајакс за 75 милиони евра, а се чини дека никогаш не го достигна целиот свој потенцијал и не ја направи разликата според очекувањата. Исто така, планот беше тој да биде замена за Серхио Бускетс, но во Барселона најмногу играше како централен, а не како заден играч од средниот ред.
Холанѓанецот претходно беше мета на Баерн Минхен, Пари Сен Жермен и Манчестер Јунајтед.
Спорт
Шпанскиот суд ја блокираше сметката на Пике
Шпанскиот суд нареди замрзнување на банкарската сметка на компанија со која раководи Жерар Пике, додека трае истрагата за бизнис зделката за преместување на Суперкупот во Саудиска Арабија.
Судот ги потврди извештаите на локалните медиуми дека истражниот судија Делија Родриго постапил по барањето на државниот обвинител за замрзнување на банкарска сметка на компанијата „Космос“, чии основач и управител е Пике.
Шпанската полиција го уапси поранешниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Луис Рубиалес претходно овој месец како дел од истрагата за корупција и активности за перење пари за време на неговиот мандат.
Уште седум лица беа уапсени во март кога полицијата изврши претрес во канцелариите на Сојузот во Мадрид и домот на Рубиалес во Гранада.
Рубиалес го „пресели“ домаќинството на Суперкупот од Шпанија во Саудиска Арабија во 2020 година, со договор наводно вреден 40 милиони евра по турнир. Пике, кој во тоа време играше за Барселона и играше во Суперкупот на Шпанија, помогна да се заврши договорот преку неговата компанија „Космос“.
Државните обвинители започнаа истрага за договорот во 2022 година, откако беа обелоденети аудио снимки од разговори помеѓу Рубиалес и Пике во врска со провизија од неколку милиони долари.
Во меѓувреме Пике се повлече од фудбалот, а доживеа бродолом и во приватниот живот, бидејќи се разведе од колумбиската поп-ѕвезда, Шакира.
Космос се вклучи и во „реновирањето“ на тенискиот Дејвис куп, а лансираше и алтернативно фудбалско натпреварување – Кралската лига во Шпанија.
Рубиалес поднесе оставка во септември откако предизвика меѓународен скандал бакнувајќи ја во уста Шпанката Џени Хермосо, без нејзина дозвола, за време на церемонијата на доделување медали на Светскиот куп за жени во Сиднеј, каде Шпанија го освои првото место.
Спорт
(Видео) Кам-бек на Хиршер, ќе скија за друга држава
Еден од најдобрите скијачи во историјата, Марсел Хиршер, на 36 годишна возраст реши да се врати во Светскиот куп.
Хиршер, кој осум пати го освои Големиот кристален глобус, се пензионираше во 2019 година.
Интересно е што тој нема да се натпреварува под знамето на Австрија, туку ќе ги брани боите на Холандија.
Имено, Хиршер сака да настапи за Холандија и на тој начин да ја исполни желбата на својата мајка која е од таа земја.
Според правилата на Светската скијачка федерација (ФИС), скијачот може да го смени спортското државјанство на почетокот на новата сезона, а официјално тоа може да го направи од 1 јули.
Во својата кариера, покрај осумте последователни титули на Светските првенства од 2012 до 2019 година, Хиршер освои и три олимписки медали (две златни), 11 светски медали, а има вкупно 67 победи во Светскиот куп.