Спорт
Македонија против Англија: Милевски посакува добар резултат, Саутгејт најавува победа

Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва, ќе заокруѓи уште еден неуспешен квалификациски циклус. Последниот натпревар, во групата, Македонија во Скопје ќе го одигра против Англија, официјално четврта селекција на ФИФА листата.
Натпреварот во Скопје, нема резултатско значење, за разлика од оној во Леверкузен, каде во директна пресметка Украина и Италија ќе решат која селекција ќе биде втора во групата.
Можеби дуелот не и значи ништо на Англија, но на Македонија може многу да и донесе. Момците на Благоја Милевски ќе играат за својата чест, ќе играат да покажат дека дебаклот од 7:0 на „Олд Трафорд“ во Манчестер, беше само лош ден.
„Овие натпревари се одлична шанса, да ги споредите своите можности со најдобрите во Европа и светот. Свесни сме дека проблемот со темпото ни е актуелен веќе со месеци наназад. Ростерот е тој, играчите имаат доста проблеми во своите клубови, ама тука не можеме да помогнеме“, рече пред мечот селекторот Милевски, кој се очекува да направи одредени измени во составот во однос на тимот кој започна во петокот против Италија.
Македонија и Англија досега одиграле пет натпревари, три пати победиле Англичаните, два натпревари завршиле без победник.
Англискиот селектор Герет Саутгејт најави дека неговиот тим ќе игра на победа. Бара од играчите подобра игра од онаа која ја прикажаа во петокот кога со 2:0 славеа над аутсајдерот Малта.
„Ние во овие мечеви имаме јасна визија за тимот кој ќе игра на Европското првенство. Играчите мора да бидат свесни дека конкуренцијата е голема. Не бевме на потребното ниво со Малта, против Македонија сакаме да го промениме тоа и да ја вратиме нашата игра Очекувам добар натпревар, полн стадион и одлична атмосфера“, рече по пристигнувањето во Скопје, Герет Саутгејт.
Натпреварот ќе започне во 20:45 часот. ФФМ им порача на навивачите да дојдат на Националната арена „Тодор Проески“ пеш или со јавен превоз. Сообраќајот и паркирањето ќе бидат забранети на паркинг местата во потесната зона на Националната арена поради ограничениот број паркинг места, освен за акредитирани возила.
Препорака на ФФМ до навивачите е да дојдат на стадионот што е можно порано (се препорачува 90 минути пред почетокот на дуелот). Вратите на Националната арена ќе бидат затворени 30 минути пред почетокот на натпреварот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ас: ПСЖ има свои адути со кои ќе се обиде да го убеди Мбапе да остане

За помалку од еден месец, Килијан Мбапе ќе може слободно да преговара со заинтересираните клубовите. Тоа значи дека ПСЖ има помалку од еден месец да го обезбеди неговиот потпис за продолжување на договорот или барем да го избегне ризикот големата ѕвезда на светскиот фудбал да го напушти клубот на крајот од сезоната без шбесштетување.
Мбапе веќе еднаш беше во слична ситуација, поголемиот дел од светските медиуми го преселија во Реал, но тогаш доби нестварна понуда од клубот да остане во Париз.
Според „Тајмс“, Мбапе добил 125 милиони евра како бонус за потпис на договорот и 250 милиони евра за тригодиешн договор.
Во Париз повторно се надеваат дека ќе успеат со таков план, а покрај огромната сума пари имаат, како што пишува „АС“, имаат и два адути во ракавот со кои ќе се обидат да го убедат Мбапе да остане во клубот.
Првиот адут е Олимпијадата во Париз, а другиот е можноста да стане најдобар стрелец на францускиот шампионат на сите времиња.
Мбапе е роден во Париз, а пораснал во блискиот Бонди и дека Олимписките игри ќе се одржат во Париз следната година. Мбапе на тој начин би можел да настапи на домашен терен како еден од тројцата играчи над 23 години.
Со голот што го постигна завчера против Ле Авр, Мбапе стигна до 179 гола во Лига 1, на 230 одиграни натпревари. 16 постигна за Монако, а останатите за ПСЖ на 189 натпревари. Рекордер е Делио Онис, кој постигна 299 гола на 449 натпревари во периодот од 1971 до 1986 година.
Спорт
Навивачите на Динамо во притвор ќе останат уште најмалку шест месеци
Навивачите на фудбалскиот клуб Динамо од Загреб ќе останат во грчките затвори уште најмалку шест месеци, објави денеска Вечерњи лист, повикувајќи се на изјавите на адвокатите.
Првата група навивачи, во понеделникот , дадоа изјава пред судот во Атина.
„Следната одлука што ја чекаме е кој ќе излезе од истражен притвор и кој ќе одговара и кој ќе оди на судење, а кој на слобода“, рече адвокатот.
Дотогаш ќе помине најмалку половина од максималниот истражен рок од 18 месеци, наведува Вечерњи лист.
Вкупно 102 хрватски навивачи се во затворите ширум Грција, каде што беа уапсени во август поради нереди ден пред натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите против АЕК, во кој беше убиен навивач на грчкиот клуб.
Грчкиот адвокат на мнозинството навивачи на Динамо, Атанасиос Каименакис, некогашен член на навивачката група на Панатинаикос „Гејт 13“, по завршувањето на распитот на неговите клиенти изјави дека за 60 од 90-те што тој ги застапува нема материјални докази, нема видеа, нема примероци од ДНК врз основа на кои се задржани во истражен затвор.
„Нашата одбрана е цврста, апелирам до семејствата на моите клиенти да останат смирени. Кога ги посетив Бед Блу Бојс во затворите, чуварите ми рекоа дека се крајно дисциплинирани и добро се однесуваат. Многу сум горд на нив“, изјави Каимеакис.
Меѓутоа, кога навивачите беа донесени во судот од полициската станица, тие извикуваа пцовки кон луѓето што беа собрани пред судот, пренесе Хина.
Неофицијално се дознава дека читањето на приговорите би можело да трае околу 15 дена, на што ќе работат бројни преведувачи. Пред судијата ќе се појават уште 44 членови на Бед Блу Бојс, додека останатите ќе дадат изјави во среда.
Спорт
Финалето на ЛШ продадено на Абу Даби за 2,4 милијарди евра

Финалето на Лигата на шампионите во 2030 година ќе се игра во Абу Даби како дел од новиот шестгодишен договор на УЕФА со Обединетите Арапски Емирати, тврди шпански „ОК Диарио“. За ова задоволство ОАЕ ќе издвојат 2,4 милијарди евра.
Овој договор меѓу УЕФА и ОАЕ е одговор на судската одлука поврзана со проектот наречен Суперлига, кој се очекува наскоро во Луксембург.
„УЕФА знае дека на 21 декември може да ја изгуби тужбата пред Судот на Европската унија поврзана со Суперлигата и се договори со Абу Даби да ја спонзорира Лигата на шампионите. Тие сакаат да ја направат поатрактивна за клубовите и да избегнат дезертерство во Суперлигата“, изјави добро информираниот шпански новинар Едуардо Инда во емисијата „Ел Чирингито“. Одлуката треба да биде официјална на 7 февруари, пред ждрепката на Лигата на нации.
УЕФА, пишуваат Шпанците, ќе ги продаде правата за сите свои натпреварувања, вклучително и женски фудбал и мал фудбал, за подрачјето на Блискиот Исток. Главен човек во преговорите од страната на УЕФА е Џорџо Маркети, кој се консултира со Извршниот одбор за да се осигура дека сè ќе помине во најдобар ред.
Договорот вклучува договор за покривање на правата за ТВ преноси на сите клупски натпреварувања на УЕФА. Абу Даби ќе биде задолжен за обезбедување на стадиони, сместување и транспорт за различните финалиња на УЕФА, кои ќе се одржат во Емиратите.
Главен настап во овој проект ќе биде финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2029/2030, за кое веќе е извесно дека ќе се одржи во Абу Даби, додава шпанскиот извор.
Со овој пакт, УЕФА има намера да ја обезбеди својата економска исплатливост во иднина без страв од тоа што потенцијалната Суперлига може да им понуди на клубовите.
Шпанците додаваат дека Чеферин на крајот им се поклонол на петродоларите во страв од формирање на нова Суперлига, за што најмногу се залага претседателот на Реал, Флорентино Перез.