Спорт
Макрон: Навивам за Олимпик Марсеј, но му советував на Килијан да остане во Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон призна дека имал „посредна“ улога во одлуката на Килијан Мбапе да остане во Пари Сен-Жермен, откако шпанските и француските медиуми тврдеа дека тој го убедувал репрезентативецот да остане во француската Лига 1.
„Никогаш не сум бил вклучен во никаков фудбалски трансфер. Едноставно, како секој друг граѓанин, кога се работи за спортот, сакам да бидам добар натпревар и да навивам за мојот тим, во мојот случај Олимпик Марсеј. Но, вистина е дека разговарав со Килијан Мбапе пред тој да ја направи одлуката за својата иднина. Се ограничив на тоа да го советувам, на неформален начин, да продолжи во Франција. Тоа е мојата одговорност како претседател, да ја браниш сопствената земја кога ќе бидеш запрашан за такви прашања“, вели Макрон.
Тој исто така се извини на навивачите на Ливерпул и Реал Мадрид, кои имаа проблеми со билетите и со острата реакција на француската полиција во финалето на Лигата на шампионите.
„Секако, сочувствувам со тие кои платија билети, а не можеа да влезат на стадионот и за тие мора да има компензација. Исто така барам целосна транспарентост за случките, да се одреди одговорноста и да се објасни на француската, британската и шпанската јавност“, додаде Макрон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Пике му се извини на Хамилтон, доби забрана за посета на Ф1 боксовите

Трикратниот светски шампион, Нелсон Пике јавно се извини на седумкратниот шампион Луис Хамилтон за расистичкиот израз во интервју дадено минатиот ноември, посочувајќи дека зборот кој го користел е „изваден од контекст“. Покрај ова, „ЕСПН“ јавува дека поради инцидентот, Формула 1 шампионатот ќе му забрани посети на боксовите во следните трки.
69-годишниот Пике го нарече Хамилтон „црнче“ коментирајќи го судирот на Хамилтон со Макс Ферстапен (инаку момче на неговата ќерка Кели) на минатогодишното Британско ГП, кога Британецот го истурка Ферстапен од патеката. Иако интервјуто беше дадено минатата недела, тоа стана контроверзно вчера, по што Хамилтон побара казна за Пике.
Пике се извини, но посочи дека тој збор „Neguinho“ нема расистички конотации во Бразил.
„Би сакал да ги разјаснам приказните кои циркулираат во медиумите за коментар кој го дадов на интервју минатата година. Тоа што го кажав беше лошо изразено, и не сакам да го бранам, но сакам да објаснам дека тој термин историски се користи во бразилскиот португалски јазик со години како синоним за ‘момче’ или ‘личност’ и беше кажано без намера за навреда. Никогаш не би го користел зборот за кој ме обвинија во некои преводи. Ги отфрлам тврдењата дека зборот беше искористен за да се навреди возач поради неговата боја на кожата. Се извинувам на сите кои се почувстуваа навредени, вклучувајќи го и Луис, кој е неверојатен возач, но преводот за кој ме обвинуваат не е точен“, се вели во изјавата на Пике.
Спорт
Ѓоковиќ го декласираше Кокинакис за два часа

Актуелниот шампион, Новак Ѓоковиќ, покажа дека е подготвен за одбрана на титулата, откако во второто коло на Вимблдон со 6:1/6:4/6:2 го декласираше Австралиецот Танаси Кокинакис.
Србинот почна фуриозно, правејќи предност од 3:0 во првиот сет, кој на крајот го освои за само 31 минута игра. Кокинакис беше постабилен во вториот сет, но еден брејк во третиот гем беше доволен за Ѓоковиќ да дојде до 2:0 предност во сетови, по што во третиот сет продолжи со одличната игра за комплетирање на лесната победа.
Следен противник на Ѓоковиќ може да биде неговиот сонародник, Миомир Кецмановиќ, кој во второто коло имаше 2:1 предност во сетови против Чилеанецот Алехандро Табило.
Ѓоковиќ сега нема пораз на Вимблдон неверојатни 1.812 дена, односно последен пат загуби од сега веќе пензионираниот чешки тенисер, Томаш Бердих на 12 јули 2017 година.
Финалистот од Ролан Гарос, Каспер Руд, пак испадна во второто коло, губејќи со 3:6/6:2/7:5/6:4 од Французинот Иго Умбер.
Спорт
Челси се фокусира на Калиду Кулибали

Англискиот премиерлигаш Челси ќе бара квалитетни засилувања за одбраната во Италија. Доколку не успее во намерата да го доведе Матијс де Лихт од Јувентус, тогаш втора опција на менаџерот Томас Тухел е Калиду Кулибали од Наполи.
По заминувањето на Андреас Кристенсен и на Антонио Рудигер, раководството на Челси се обидува да доведе квалитетни замени во одбранбениот бедем.
Сенегалецот Кулибали има договор со „наполитанците“ до следното лето, па Челси би можел да го доведе во овој трансфер прозорец за релативно добра цена.
За Кулибали имаше интерес и од Барселона, но се чини дека каталонскиот клуб полека се откажува од трката.