Спорт
Марсело со солзи во очите се збогуваше со Реал

Марсело, денеска на прес конференција, полна со емоции се прости од Реал Мадрид каде настапуваше последните 15 години. 34-годишен Бразилец едвај ги спојуваше речениците додека зборуваше, не можеше да не заплаче. Тој го напушта Реал како играч со најмногу трофеи (25) во клупската историја.
„Си ветив дека нема да плачам, но навистина е тешко. Благодарам на сите мои соиграчи и тренери, но најголема благодарност луѓето од обезбедувањето и сите оние луѓе во сенка кои вршат многу валкани работи за нас. сакам да истакнам колку се важни затоа што ние играчите треба само да играме, тие се погрижија за се друго“, рече Марсело со солзи во очите и продолжи.
„Кога заминав од Бразил сакав да играм во Лигата на шампионите. Денеска заминувам како најуспешен играч во историјата на најголемиот клуб во светот. Ќе кажам нешто што никогаш не сум го направил. Посебна благодарност до Раул кој седи овде .Многу ми помогна кога дојдов и кога се роди мојот син. Ти и твоето семејство отсекогаш се грижевте за нас, неизмерно сум ти благодарен. Ова беше прекрасна авантура. Дојдов како момче и си заминувам како човек. Ви благодарам на сите“.
Бразилецот дојде во Реал во 2007 година од Флуминенсе за 6,5 милиони евра. За Реал одигра 545 натпревари, постигна 38 гола и забележа 103 асистенции. Има освоено шест титули во Примера, два Купа на Кралот, пет шпански Суперкупа, пет Лиги на шампиони, четири Светски клупски првенства и три европски Суперкупа.
#Marcelo crying ?
pic.twitter.com/sIh8mHKPgT— ????? (@zi_46) June 13, 2022
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Меси го прослави 35. роденден во „одбрано“ друштво на Ибица

Лионел Меси, живата легенда на светскиот фудбал, денеска го прослави својот 35. роденден, потсетувајќи дека е во последните години од неговата кариера. Местото на прослава беше посебно избрано, изнајмен хотел на островот Ибица во друштво на најблиските пријатели.
Откако беа посебни гости на свадбата на Жорди Алба, сопругата на Луис Суарез, Софија Балби сподели фотографија на социјалните мрежи каде што покрај двајцата поранешни соиграчи од Барселона беа и Цеск Фабрегас и неговата сопруга, како и сестрата на Балби, Марија Балби со нејзиниот партнер.
Меси и Фабрегас, кои се познаваат од деновите во кои беа дел од славната „Ла масија“ на Барселона, веќе неколку дена уживаат на Ибица, каде што од неодамна се приклучи уште еден поранешен фудбалер на Каталонците, Луис Суарез.
Спорт
Ледецки по петти пат златна на 800 метри, нов триумф за домашниот фаворит Милак!

Американката Кејти Ледецки победи и во својата четврта дисциплина на Светското првенство во пливање во Будимпешта, завршувајќи го настапот со своја петта последователна титула на 800 метри слободно, нешто што досега не успеало на ниту еден пливач.
Со време од 8:08.4, Ледецки беше за 10.73 секунди пред Австралијката Каја Мелвертон, за сега да ги има 27-те најдобри резултати во историјата на дисциплинта. Ова беше петто најбрзо во историјата. Со вкупно 19 освоени златни медали на СП, таа се одвои на второто место на вечната листа пред Рајан Лохти и заостанува само зад 26-те на Мајкл Фелпс.
Унгарецот Кристоф Милак, пак, повторно ја воодушеви домашната публика, победувајќи на 100 метри пеперутка со време од 50.14 секунди, победувајќи го Јапонецот Наоки Мизунума и Канаѓанецот Џош Лиено. Милак претходно во вторникот на 200 метри пеперутка стигна до златото со нов светски рекорд (1:50.34).
Швеѓанката Сара Сјестром, пак стигна до својот 18. медал на СП, победувајќи на 50 метри пеперутка, и може да стигне до 19-тото злато на 50 метри слободно, каде што е апсолутна фаворитка.
Спорт
Јунајтед не можат да комплетират трансфер, Глејзери си исплатија дивиденда

Семејството Глејзери, вклучувајќи ги извршните ко-претседатели Џоел и Аврам Глејзер добија 11 милиони фунти дивиденда од Манчестер јунајтед во петокот, навлекувајќи го бесот на независната навивачка група на клубот.
Исплатата доаѓа по најлошата сезона на „ѓаволите“ во Премиерлигата, која ја завршија на 6. место и не влегоа во Лигата на шампионите. Покрај тоа, иако му беа ветени средства за засилувања на новиот менаџер Ерик Тен Хаг, Јунајтед засега не успеаја да донесат ниту еден фудбалер, и се вклучени во игра на нерви со Барселона, околу Френки де Јонг.
Според Трастот на навивачи на Манчестер јунајтед (МУСТ), одлуката е „целосно неприфатливаа“.
„Денеска Глејзери ќе си платат голем дел од дивидендата од 11 милиони фунти на крајот на една од најлошите сезони во нашето сеќавање. Награда за неуспех е лоша практика за било кој бизнис, и целосно неприфатлива ако се земе состојбата на работите во Јунајтед. МУСТ постојано бара вклученост во одлуките на клубот, за да се слушне гласот на навивачите, но ова е непростливо. Ќе бараме одговори на директните состаноци“, се вели во објавата на МУСТ.
Јунајтед нема освоено трофеј од 2017 година, а за титула од Премиерлигата чекаат од 2013 година.