Меѓународен
Фудбалска револуција, падна „законот на Босман“
Ласана Дијара по две години го заврши судскиот процес, а судот пресуди во корист на играчот на кого ФИФА и Фудбалскиот сојуз на Белгија сега му должат како обесштетување шест милиони евра. Но многу поважно од тоа е што со оваа пресуда „падна“ прочуениот „закон на Босман“ стар две децении.
Ласана Дијара пред судот во Шарлроа ги тужеше ФИФА и ФС на Белгија бидејќи не му дозволија да го раскине договорот со Локомотив Москва и да се пресели во Шарлроа. Францускиот репрезентативец пред две години имаше важечки договор со Локомотив, но клубот на штета на играчот сакал да го смени договорот.
Кога играчот не ги прифатил условите започнале и проблемите, тој бил отстранет од екипата и бил испратен да тренира со вториот тим.
Дијара решил да си замине од Локомотив и започнал преговори со Шарлроа. Меѓутоа ФИФА и ФС на Белгија тогаш решиле дека Дијара не го почитува актуелниот договор и дека доколку сака да си замине ќе мора да исплати 10 милиони евра, поради предвремен раскин на договорот.
Шарлроа немал пари да го плати обештетувањето поради што се повлекува од преговорите со Дијара, но играчот не сакал да попушти и летото 2015 година се сели во Марсеј.
Две години подоцна судот во Шарлроа пресуди дека ФИФА и ФС на Белгија со своите одлуки ги прекршиле прописите на Европската унија за слободата на движењето на работниците и утврдил дека изборот на фудбалерот за кој клуб ќе настапува треба да биде пред „законот на Босман“. Овој закон пред две децении направи вистинска револиција во фудбалот бидејќи на играчите им дозволува по истекот на договорот да можат да одат во друг клуб без обесштетување.
Слично како и „законот на Босман“ и оваа пресуда може да предизвика тектонски пореметувања во фудбалскиот свет, односно да предизвика многу добри работи за фудбалерите и не толку добри за клубовите.
ФИФА и ФС на Белгија најавија дека ќе ја обжалат пресудата на судот во Шарлроа, додека светското Здружение на професионалните фудбалери ФИФПро ја поздрави одлуката на судот.
ФИФПро од минатата година започна акција чиј краен исход треба да биде оспорување на трансфер системот. Идејата на оваа акција е фудбалерите во било кој период од годината да можат да го сменат клубот без да се соочат со некакви последици.
Уште една важна работа стои во пресудата на судот од Шарлроа. Судот утврдил дека фудбалерите своите спорови со клубовите и ФИФА ќе можат да ги решаваат пред граѓанските судови и дека Спортскиот суд во Лозана треба да биде крајна инстанца, а неговите одлуки обврзувачки доколку фудбалерот однапред потпише согласност. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
