Спорт
Меси: Чудни работи се случуваат во Барселона
Лионел Меси, првпат по расправијата со спортскиот директор Ерик Абидал, се огласи во медиумите. Аргентинецот одговарал на прашањата на новинарот на „Мундо депортиво“. Тој на почетокот потенцирал дека нема намера да ја напушта Барселона сѐ додека клубот го сака.
„Ако клубот сака да останам, секако дека ќе останам. Не размислувам да ја напуштам Барселона. Сакам повторно да ја освојам Лигата на шампионите“, изјавил Меси на почетокот.
Голема прашина се крена во јавноста, а особено во Барселона, кога Абидал изјави дека некои играчи го саботирале тренерот Ернесто Валверде поради што клубот морал да му врачи отказ.
„Не знам што му се случи на тој човек, но морав да му одговорам, почувствував дека нè напаѓа. Не се чувствував така само јас, туку и целиот тим. Се зборува дека јас носам играчи, менувам тренери, дека сум моќен… Секако дека имам проблем кога тоа го мисли и спортскиот директор. Неодговорно е да се каже дека играчите го смениле тренерот. Абидал е директор и тој мора да ја преземе одговорноста, тој ги носи одлуките. Не можев да дозволам да ме напаѓа. Абидал со тие зборови ме повреди мене како личност, но и капитен на овој тим. Лично ме повреди тоа што се мисли дека јас ги носам одлуките, дека јас командувам, а тоа не е вистина“, рекол Меси.
„Не знам зошто се вртат такви муабети. Ми се случуваше тоа и во Аргентина. Ме обвинуваа дека сум ги избирал селекторите, дека играат моите пријатели во репрезентацијата. Веројатно е тоа така бидејќи долго време сум на истото место. Верувајте, многупати се случувало јас да имам едно мислење, а клубот да го направи спротивното“.
Деновиве нов скандал ја тресе Барселона. Наводно, претседателот Џозеп Марија Бартомеу ангажирал ПР-агенција, која била задолжена да им го урива угледот на Меси, Пике, Чави, Иниеста, Гвардиола и на многу други луѓе поврзани со Барселона бидејќи ја критикувале неговата работа.
Бартомеу тие обвинувања ги демантира, а потоа имал и состанок со играчите за да ги убеди дека тоа нема врска со вистината.
„Бев малку изненаден. Претседателот ни го кажа истото она што го кажа и во медиумите. Дека не го направил тоа. Вистината е дека гледам некои чудни работи во клубот, но тие ветија дека ќе излезат и со докази. Ќе почекаме да видиме дали е тоа вистина или не. Дотогаш не можеме да коментираме. Но, се согласувам дека ова е чудна тема“.
Најдобриот светски фудбалер говорел и за тековната сезона во Лигата на шампионите и се потсетил на неверојатните порази што Барселона ги доживеа во изминатите две сезони – од Рома и од Ливерпул.
„Тоа сè уште не можам да си го објаснам, особено она во Ливерпул. Рома се случува само еднаш, се случува да ве изненадат, но доколку тоа се случи и наредната година, тогаш за такво нешто не постои објаснување“, рекол Меси и ги посочил фаворитите за титулата во Лигата на шампионите.
„Сите противници се тешки. ПСЖ загуби во Дортмунд, Ливерпул во Мадрид од Атлетико. Мислам дека Ливерпул, Јувентус, ПСЖ и Реал Мадрид се главни фаворити сезонава“, заклучил Меси, без да ја спомене Барселона во групата на фаворити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тонали сега е на удар и на Англичаните поради обложувањето
Играчот од средниот ред на Њукасл, Сандро Тонали е под истрага од Фудбалската асоцијација (ФА) поради прекршување на правилата против обложување.
Италијанецот веќе отслужува 10-месечна суспензија од Италијанскиот фудбалски сојуз поради обложување за време на неговото играње за Милан.
Новите докази покажуваат дека Тонали се обложувал и кога дошол во Њукасл. Младиот 23-годишен играч го прекршил правилото дури 50 пати од 12 август до 12 октомври 2023 година.
На Тонали му е даден рок до 5 април да одговори на обвиненијата.
„Добивме потврда дека е покрената истрага. Клубот и Тонали целосно ќе соработуваат. Тоа е се што можеме да кажеме во моментов“, се вели во соопштението за медиумите на клубот.
Тонали пристигна во Њукасл минатиот јули во трансфер вреден 60 милиони фунти од Милан.
Спорт
Најдобриот судија во БиХ поради закани одби да им суди на Железничар и Сараево
Шампионатот на Босна и Херцеговина влегува во завршна фаза, а локалниот портал „Спортспорт“, пишува дека најдобриот судија, Ирфан Пељто одбил да им суди на клубовите кои доаѓаат од главниот град Железничар и Сараево) до крајот на сезоната.
Пељто тоа го направил поради наводните закани што ги добивал тој и неговото потесно семејство, кои ги пријавил во полиција. Најдобриот судија од БиХ за својата одлука го известил Судискиот комитет на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, кој ја прифатил неговата одлука.
Железничар и Сараево ќе одиграат неколку дерби натпревари до крајот на сезоната, но Пељто нема да суди на ниту еден од нив.
Тој требаше да биде главен судија викендов на дербито меѓу Железничар и Вележ, но главен судија на „Грбавица“ ќе биде Елведин Топузовиќ. .
Пељто гради завидна кариера на меѓународен план и често суди натпревари во Лигата на шампионите. Неодамна судеше на пријателскиот натпревар меѓу Словенија и Португалија, а претходно го судеше и натпреварот Лајпциг- Реал Мадрид.
Речиси е сигурно дека ќе суди на ЕП.
Спорт
Интер подготвува нов договор за Инзаги
Интер е апсолутен лидер во Серија А, прашање е само кога и математички ќе ја обезбеди шампионската титула, која ќе биде прва во кариерта на Симоне Инзаги. 47-годишниот тренер досега има освојувано трофеи само во Купот и Суперкупот на Италија.
Она што Инзаги го направи оваа сезона во Серија А, ги натера клупските челници да ја сменат својата стратегија и да му понудат нов договор на тренерот.
Инзаги досега двапати го продолжуваше договорот со Интер, во 2022 и 2023 година, двата пати клубот му понуди едногодишен договор. Овој пат на 47-годишниот тренер ќе му биде понуден двегодишен договор.
Во однос на претходните години, разликата е што на Инзаги ќе му биде понуден нов договор пред да заврши сезоната, а не откако таа ќе заврши.
Интер е на чекор до освојување на шампионската титула во Серија А, откако по 29 кола е прв на табелата со 76 бодови, 14 повеќе од второпласираниот градски ривал Милан.