Спорт
Надал го освои својот 35. Мастерс, па се повлече од Синсинати
Рафаел Надал првпат во кариерата одбрани титула од хардкорт турнирите, демолирајќи го Данил Медведев со 6:3/6:0 за да го освои трофејот од Роџерс купот во Монтреал, негов 35. Мастерс 1000 триумф, со што се одвои на вечната листа пред Новак Ѓоковиќ, кој има 33 титули од елитните АТП турнири.
„Беше важно да се стартува добро, бидејќи Данил играше одлично во последно време. Одиграв солидно, можеби најдобро оваа недела“, вели Надал откако Медведев загуби второ финале во низа по поразот од Ник Кирјос во Вашингтон минатата недела.
Надал имаше само три хардкорт мечеви пред турнирот, но го „суреди“ Медведев за само 70 минути правејќи четири брејка. Само неколку часа подоцна, тој потврди дека се повлекува од Мастерсот во Синсинати, каде што беше втор носител зад Ѓоковиќ, но пред Роџер Федерер.
„Има само една причина – морам да внимавам на моето тело и да останам здрав како што се чувствувам сега“, вели Надал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Првиот спринт во сезоната за Ферстапен, Хамилтон втор
Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, триумфираше на првата спринт трка во сезоната, која се возеше како дел од Големата награда на Кина, петта трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.
Трикратниот светски шампион славеше со повеќе од 13 секунди предност пред Луис Хамилтон од Мерцедес, додека на третото скалило на подиумот се најде вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез.
Од пол-позицијата стартуваше Ландо Норис во Мекларен, кој веднаш беше предизвикан од агресивниот Хамилтон, кој не му даде простор да остане во водство. И додека седумкратниот светски шампион го презеде водството, помладиот од двајцата Британци отиде широко и падна на седмото место, додека Хамилтон го следеа Алонсо и Ферстапен.
Бранителот на титулата најпрвин го стигна, а потоа во седмиот круг и го престигна Шпанецот, а два круга подоцна го презеде водството, откако Хамилтон практично не се бранеше, а потоа лесно се одлепи.
Возачот на Мерцедес исто така немаше конкуренција во борбата за второто место, но зад него се одвиваше голема борба за третата позиција. Алонсо најпрво беше предизвикан од Карлос Саинц Јуниор, но возачот на Астон Мартин се бранеше агресивно, што го искористи Перез и ги претекна двајцата.
Во еден момент дојде и до контакт меѓу двајцата Шпанци, поради што Алонсо мораше да се повлече од трката, а потоа дојде до борба меѓу Саинц и неговиот тимски колега Шарл Леклер.
На тој дуел имаше доста искри, а Леклер успеа да се снајде подобро и да стигне до четвртото место со две секунди зад Перез. Саинц беше три секунди поназад, пред Норис и Оскар Пјастри и Џорџ Расел во вториот Мерцедес, кој го освои последниот поен.
Во генералниот поредок сега води Ферстапен со 85 бодови, 15 повеќе од Перез, додека Леклер е трет со 64.
Спорт
Драконска казна во Холандија – клуб исфрлен од првата лига
На фудбалскиот клуб Витезе му беа одземени 18 бодови, по што и официјално испадна од првата холандска лига, соопшти Фудбалскиот сојуз на Холандија (КНВБ).
„Независниот комитет за лиценцирање на КНВБ му изрече санкција на Витезе од минус 18 бодови. Клубот од Арнем ја доби оваа казна затоа што повеќепати не ги исполнуваше барањата од прописите за лиценцирање играчи во подолг временски период“, се вели во соопштението на КНВБ.
Витезе сега има минус еден бод и автоматски го загуби прволигашкиот статус на четири кола пред крајот на првенството.
Најголемиот успех во историјата клубот од Арнем го постигна во сезоната 2016/17 кога го освои Купот на Холандија.
Последен пат Витезе играше во Европа во сезоната 2021/22, кога беа елиминирани од подоцнежниот освојувач Рома во осминафиналето на Конференциската лига.
Спорт
Бакс без Јанис во првото коло од плеј-офот
Милвоки Бакс се соочува со значителен проблем пред почетокот на плеј-оф серијата во која ривал ќе им биде Индијана Пејсерс. Бакс нема да може да смета на Јанис Адетокумбo.
Како што пренесе Шамс Чаранија, Адетокумбо ќе мора да паузира од две до четири недели поради повредата на потколеницата со која се здоби на натпреварот против Бостон Селтикс.
Овие првични проценки за повреди секако значат дека Адетокумбо сигурно ќе го пропушти првото коло од плеј-офот и натпреварите со Индијана.
Плеј-офот за Бакс започнува ноќта помеѓу недела и понеделник, а тие се домаќини во првиот натпревар.