Спорт
Навивачите на Атлетико го провоцирале Лунин: Играш додека твојата земја плаче

Андриј Лунин (23) конечно по четврти пат во четири години доби шанса на голот на Реал. Тој бранеше во градското дерби против Атлетико. Во неделата, Атлетико го победи Реал со 1:0, со голот на Караско од пенал, постигнат во 40.минута.
Украинецот нема добро да го памети дербито „Мадрилењо“, не само поразот, туку и поради она што мораше да го слуша од трибините на стадионот на најголемиот ривал.
На загревањето пред натпреварот, водачот на навивачите на Атлетико неколку пати преку мегафон извикнал: „Tú aquí jugando y tu país llorando“, што значи „Ти овде играш додека твојата земја плаче“.
Скандирањето го уловија микрофоните на „Мовистар“, а целата шпанска јавност го осуди овој потег на ултрасите на Атлетико.
Медиумите го нарекуваат „бедно“, „тажно“, „жалосно“, „скандалозен“. На ист начин реагираа и бројни навивачи на Атлетико, кои скандирањето го проследија со свирежи.
Лунин дојде во Реал пред четири години за отштета од 8,5 милиони евра од Зорја, клуб од градот Луганск. Овој украински град е окупиран од проруските сепаратисти и руската армија на почетокот на агресијата во 2014 година.
Откако во февруари оваа година продолжи руската агресија врз неговата татковина, Лунин активно собира помош за Украина.
Cánticos a Lunin en el Wanda de absoluta vergüenza.
Según presentador EDD cantaban: "Tú aquí jugando y tu país llorando" pic.twitter.com/pZLRsiBHDM
— RNMJ TV Real Madrid (@rnmjtv2) May 9, 2022
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ајнтрахт со титулата од Лига Европа по пенал-драмата, Арон Ремзи трагичар на Ренџерс

Ајнтрахт Франкфурт ја комплетираше неверојатната сезона во Лига Европа со освојувањето на титулата во Севилја по пенал-драмата против Глазгов Ренџерс, откако по 120 минути игра беше 1:1. Во пенал-серијата, трагичар на шкотскиот клуб беше најголемото засилување минатата сезона, Арон Ремзи, кој беше единствениот кој не постигна гол во пенал-рулетот.
Титулата, втора европска во историјата на Ајнтрахт по Купот на УЕФА во 1980 година, е сосема заслужена откако бундеслигашот успеа драматично во четврт-финалето да ја елиминира Барселона на „Ноу Камп“, по што во полуфиналето беа подобри и од Вест хем јунајтед.
Ниту андалузиската жештина (32 степени на стартот на мечот), не ги спречи двата клуба кои долго чекаат за европска титула да одиграат возбудлив меч, во кој Ајнтрахт имаше повеќе шанси, но Ренџерс беа тие кои дојдоа први во водство.
Нигериецот Џо Арибо во 57. минута успеа да направи одличен продор и да го совлада Кевин Трап за „лудница“ од страна на шкотските фанови на стадионот. Меѓутоа, во 69. минута, Филип Костиќ му асистираше на Рафаел Боре, за тој да го постигне четвртиот гол за Ајнтрахт во Лига Европа оваа сезона за израмнување. До крајот на мечот, Ајнтрахт повторно имаше неколку поизгледни шанси, но на крајот по 90 минути стана јасно дека ги чека долга ноќ во Севилја.
И продолжението донесе повеќе шанси од бундеслигашот, но најдобрите две шанси ги имаше тимот на Џовани ван Бронкхорст. Во пенал-серијата, до третата серија пеналџиите беа прецизни, пред поранешниот фудбалер на Арсенал и Јувентус, Арон Ремзи да има крајно лош обид, кој заврши во рацете на Кевин Трап. По него, Филип Костиќ беше прецизен за Ајнтрахт, како и Кевин Руф за шкотскиот клуб, по што Рафаел Боре го постигна шампионскиот гол за германскиот клуб.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк
Спорт
Бразилскиот Русин Фернандеш ја стави кариерата во „мирување“

Дефанзивецот на ЦСКА Москва и на руската репрезентација, Марио Фернандеш, објави дека ја „паузира“ својта кариера и дека ќе се врати во Бразил.
31-годишниот Фернанеш, кој е роден во Бразил и доби руско државјанство во 2016 година, вели дека ќе се врати во својата родна земја по крајот на сезоната, но посочи дека одлуката нема врска со војната во Украина.
„Би сакал да се заблагодарам на Бога за овие прекрасни 10 години во Русија. Би сакал да се заблагодарам на моите сакани фанови кои покажаа само респект и топлина кон мене. Но, во последно време чувствувам колосален умор и не можам да го дадам мојот максимум како досега за ЦСКА. Играм фудбал веќе 13 години, од кои 10 во ЦСКА и сега е време да бидам со семејството. Како што знаете оваа година ќе добијам и син. Мојата одлука нема врска со неодамнешните светски случувања“, вели Фернандеш, кој има 328 настапи за ЦСКА со која освои три лигашки титули и 33 настапи за руската репрезентација со 5 гола.
Mario Fernandes has made a personal decision to put his CSKA career on hold after the game against FC Rostov on RPL Week 30#RPL #CSKA #Fernandes pic.twitter.com/5m0ATYVsdG
— Russian Premier Liga (@premierliga_en) May 18, 2022
Спорт
Кјелце пак го растури Монпелје за пласман на Ф4

Кјелце по три сезони се врати на Фајнал фор турнирот во ЕХФ Лигата на шампионите, откако и во реваншот беа убедливи против Монпелје, победувајќи ги со 30:22 (15:8) пред домашна публика, за да се приклучат на Веспрем на завршницата на елитното европско натпреварување.
Исходот не беше неизвесен ниту пред стартот, откако полскиот клуб стигна до 31:28 победа на гости во Франција, за целосно да доминираат и дома, правејќи разлика од седум гола на полувреме (15:8) за да избегнат било каква можност за камбек.
Белорусинот Арцем Каралек беше најефикасен за Кјелце со 7 гола, додека по четири уфрлија Никола Турна, Дилан Нахи и Аркадијуш Морито, додека за гостите Жулиен Бос даде 8 гола.
ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/4 ФИНАЛЕ
Алборг – Веспрем 31:30 (20:21), прв меч 29:36
Кјелце – Монпелје 30:22 (15:8), прв меч 31:28
Кил – Пари Сен-Жермен утре, прв меч 30:30
Барселона – Флензбург утре, прв меч 29:33