Спорт
Неизвесна е судбината на Дибала во Рома
Паоло Дибала (32) откри дека Рома сè уште не го контактирала за продолжување на договорот, потврдувајќи дека дербито против Лацио следниот викенд ќе биде неговиот последен домашен натпревар за клубот доколку не се постигне договор.
Неговата изјава следеше по драматичната победа на Рома од 3-2 на гости против Парма, која им ги спаси надежите за пласман во Лигата на шампионите, пишува „Фудбал Италија“.
По натпреварот, Дибала отворено зборуваше за „Скај Спорт“ за својата неизвесна иднина.
„И јас би сакал да знам што ми носи иднината. Мојот договор истекува за два натпревари. Како што стојат работите, дербито ќе биде мојот последен натпревар пред нашите навивачи“, рече аргентинскиот фудбалер.
Кога беше директно прашан дали клубот го контактирал во врска со нов договор, одговорот на Дибала беше краток и јасен: „Не“.
Ситуацијата со Аргентинецот фрла сенка на инаку извонредната вечер за Рома, која губеше во Парма до 93-та минута, но на крајот успеа да победи. Решавачкиот гол го постигна Дониел Мален од пенал во 101-та минута. Со таа победа, Рома се изедначи со Милан на четвртото место.
Дибала, сепак, се обиде да го сврти вниманието од индивидуалните проблеми кон успехот на тимот.
„Ова е тим кој дава сè од себе до самиот крај. Знаеме дека пласманот во Лигата на шампионите не зависи само од нас, но ќе се бориме до последен момент“, рече тој.
За да ги задржи своите шанси за Лигата на шампионите, Рома мора да ги победи своите градски ривали во последното коло. Трката за елитното европско натпреварување е исклучително напната бидејќи тимовите од третот до шестото место: Јувентус, Милан, Рома и Комо ги делат само три бода, а само два од тие четири тима ќе обезбедат место меѓу првите четири.
Foot/ Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дарвин Нуњез како слободен играч се враќа во Ливерпул
Уругвајскиот напаѓач Дарвин Нуњез би можел да се врати во Ливерпул ова лето, што би било едно од најголемите изненадувања во преодниот рок.
Според странските медиуми, на „Црвените“ им е дадена можност да го вратат поранешниот напаѓач без обештетување, откако Нуњез спогодбено се раздели со Ал Хилал на крајот од сезоната.
Нуњез се пресели во саудискиот клуб за 46 милиони фунти минатото лето, но неговиот престој во Ал Хилал не помина како што се очекуваше. По доаѓањето на францускиот голгетер Карим Бензема во февруари, Уругвајецот го изгуби местото во тимот, што дополнително ги поттикна шпекулациите за неговото заминување од клубот.
Новинарот Мартин Чаркеро, тврди дека враќањето на „Енфилд“ е веќе договорено, но дека официјалната потврда сè уште нема да следи.
„Внимание. Дарвин Нуњез се враќа во Ливерпул. Потврдата нема да биде објавена во наредните денови бидејќи играчот побарал целосно да се фокусира на своите обврски со репрезентацијата на Уругвај“, рече Чаркеро.
Нуњез беше доведен во Ливерпул од страна на Јирген Клоп, кој ѝ плати на Бенфика почетни 64 милиони фунти во 2022 година, со бонуси што би можеле да ја зголемат вредноста на трансферот на дури 84 милиони.
Сега англиските гиганти би можеле да го вратат 26-годишниот напаѓач без да платат отштета. Нуњез полни 27 години на 24 јуни и многу фанови веруваат дека тој сè уште е во своите најдобри играчки години.
За време на неговиот претходен престој во Премиер лигата, тој постигна 25 гола и заележа 16 асистенции, но често беше мета на критики за неговиот недостаток на реализација и голем број пропуштени можности, што на крајот придонесе за неговото заминување од клубот.
Сепак, и покрај променливата форма, Нуњез остана еден од омилените играчи меѓу навивачите на Ливерпул, па социјалните мрежи наскоро беа преполни со повици до раководството да ја искористи можноста и да го врати уругвајскиот репрезентативец на „Енфилд“.
foto/ Depositphotos
Спорт
Атаман го напушти Панатинаикос
Ергин Атаман повеќе не е тренер на Панатинаикос, официјално објави грчкиот клуб. Патанаикос и Атаман се разделија по тригодишна соработка.
Како што објавија грчките медиуми, средбата меѓу турскиот стручњак и сопственикот на клубот, Димитрис Јанакопулос, заврши со договор за пријателска разделба, со што заврши една од најуспешните епизоди во поновата историја на атинскиот гигант.
Атаман го презеде Панатинаикос во летото 2023 година како дел од амбициозен тригодишен проект за целосна обнова на клубот, а резултатите пристигнаа многу брзо.
За три години на „зелената“ клупа, тој ја освои Евролигата во 2024 година, во следната играше на Фајнал Фор турнирот, ја освои титулата грчки шампион и два национални купа.
Сепак, сезоната 2025/26 беше оценета како големо разочарување. Панатинаикос не успеа да се квалификува за Завршниот турнир во Евролигата, а изостанаа и резултатите што се очекуваа од тимот составен за самиот врв на европската кошарка.
Атаман претходно навести дека нема да остане во Атина доколку тимот не успее да ги освои најголемите трофеи, па разделбата стана реална опција по завршувањето на сезоната.
И покрај ова, односите меѓу него и Јанакопулос останаа одлични, поради што одлуката беше донесена во пријателска атмосфера, тврдат грчките медиуми.
Патанаикос се збогува со трофејниот тренер со емотивно видео, потсетувајќи се на сите успеси што ги донесе во клубот, вклучувајќи ја и седмата титула на Европското првенство.
Foto/ Depositphotos
Спорт
Пике: Кукуреља не може да очекува поддршка за она што го направи
Левиот бек и поранешен член на Челзи, Марк Кукуреља (27), потпиша за Реал Мадрид, што предизвика многу реакции со оглед на тоа што фудбалски растеше во школата на Барселона, познатата Ла Масија. Ваков трансфер е реткост во шпанскиот фудбал.
Реал Мадрид издвои 55 милиони евра за него. Според извештаите, по овој трансфер, Барселона повеќе не го смета Кукуреља за производ на нејзината младинска школа. Неговото име и детали наводно се избришани од евиденцијата на Ла Масија.
Поранешниот играч на Барселона, Џерар Пике, остро го критикуваше 27-годишниот дефанзивец.
„Тој помина низ Ла Масија, го носеше грбот на Барселона како дете, научи за вредностите на клубот и многу добро знае што значи Барселона за милиони фанови низ целиот свет“, рече Пике и продолжи: „Затоа ова боли уште повеќе. Играч кој доаѓа од Ла Масија многу подобро го разбира соперништвото. Ако пораснете во академијата на Барселона, а потоа го изберете Реал Мадрид, не можете да очекувате поддршка.“
Пике ја нагласи важноста на идентитетот на клубот: „Ла Масија е повеќе од училиште, тоа е идентитет. Можете да ја напуштите Барселона, но да потпишете за Реал Мадрид откако ќе пораснете во Ла Масија? За многу фанови, тоа е преминување на црвената линија. Луѓето можат да изберат што сакаат, но вистинскиот „Кулер“ не заборава од каде доаѓа“, заклучи тој.
Кукуреља не доби вистинска можност во првиот тим на Барселона, за која играше само седум минути. Играше како позајмен во Еибар и Хетафе, тој ја продолжи кариерата во Англија. Најпрвин Хетафе за 10 милиони евра го откупи неговиот договор од Барселона, а потоа за 20 милиони евра го продаде во Брајтон. Две години подоцна од Брајтон замина во Челзи, во трансфер вреден од 65 милиони евра.
Foto/ Depositphotos
