Спорт
Перез: Не е фер, требаше јас да победам

Серхио Перез, возачот на Ред Бул го освои второто место на трката за Големата награда на Шпанија, но Мексиканецот, по завршувањето на трката не го криеше незадоволството од одлуката на тимот и наредбата да го пропушти Макс Ферстапен.
Откако Шарл Леклер се откажа од трката, Перез го зазеде првото место и беше јасно дека со стратегијата, со две застанувања може да триумфира во Барселона. Сепак, челниците на тимот мислеа поинаку.
„Не беше фер. Мислам дека имав шанса да победам. Кога, првиот пат му го препуштив првото место на Макс ми беше кажано дека ќе можам да ја вратам таа позиција. Имав подобар ритам од Макс и Расел, но тоа не беше доволно да бидам прв на крајот“, истакна Перез.
„Мораме да разговараме за некои работи во тимот“, заврши Перез.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Јоги Ферел ќе биде „новиот Мекејлеб“ во кошаркарската репрезентација на Македонија

Американскиот кошаркар Јоги Ферел ќе биде изборот на раководството на КФСМ за нов натурализиран кошаркар кој во иднина треба да го носи дресот на македонскиот национален тим. Селекторот Драган Бајиќ на вчерашната прес-конференција, по шестиот пораз во квалификациите за СП 2023 во исто толку натпревари, најави дека Македонија би била барем за 30% посилна доколку добие нов плејмејкер.
Досега Македонија најчесто носеше „американска помош“ на центарските позиции, со Хендрикс, Вајли, Витингтон, но новиот селектор Бајиќ смета дека на кошаркарската репрезентација најмногу и недостига квалитетен плејмејкер, со оглед на честите отсуства на Ненад Димитријевиќ, кој е член на евролигашот Валенсија и има проблеми да се стави на располагање на националниот тим.
Јоги Ферелк е играч со богато искуство и во НБА лигата, има настапувано за Далас, Сакраменто, Кливленд и за ЛА клиперс, а во Европа пристигна во 2021 година како член на Панатинаикос. Во моментот е член на Цедевита Олимпија.
Разговорите со Американецот се во завршна фаза, па доколку бидат комплетирани документите, тој би можел да го облече дресот на Македонија веќе во август.
Спорт
Баерн Минхен излезе во преден план за Де Лихт
Холандскиот интернационалец Матијс де Лихт и понатаму е упорен во намерата да направи трансфер ова лето и да го напушти Јувентус, но негова следна дестинација нема да биде Челси. Тој подолг период преговараше со раководството на англискиот клуб, но го смени фокусот откако во игра влезе и германскиот првак Баерн Минхен.
Де Лихт имал разговори со тренерот Нагелсман и со спортскиот директор Салихамиџиќ и бил восхитен од проектот на Баерн Минхен.
Холанѓанецот има уште две години од актуелниот договор со Јувентус, а тоа значи дека клубот од Торино ќе заработи многу од неговата продажба. Јувентус бара 80 милиони евра за да му дозволи да се пресели на „Алијанц арена“ додека Баерн Минхен е подготвен да плати 60 милиони евра.
Спорт
Надал „влета“ во четврт-финалето на Вимблдон

Рафаел Надал останува во „лов“ на својата 23. гренд слем титула, откако за нешто повеќе од два часа со 6:4/6:2/7:6(6) го „збриша“ светскиот број 25., Холанѓанецот Ботик ван де Цандшлуп за пласман во четврт-финалето на Вимблдон.
По титулите на Австралија опен и Ролан Гарос, малкумина очекуваа дека шпанскиот ветеран ќе биде во состојба за добар настап на Вимблдон, најмногу поради повредата на стапалото, но Надал уште еднаш покажа зошто е најуспешниот на сите времиња, со втора лесна победа во низа, за да обезбеди дуел со 11. носител, Американецот Тејлор Фриц, кој претходно во три сета го елиминираше Џејсон Кублер. Доколку го мине четврт-финалето, во полуфиналето може да има супер-интересен дуел со „лошото момче“ на австралискиот тенис, Ник Кирјос.
Еден брејк на крајот на првиот сет беше доволен да се направи предност, по што лесно го освои вториот сет, и беше на добар пат експресно да ја комплетира победата, кога сервираше за победа при 5:3 во последниот сет, пред Ван де Цандшлуп да направи брејк и да примора тај-брејк.