Спорт
Почина Александар Јовиќ

Утрово тажна вест ја потресе македонската јавност. На 51-годишна возраст почина македонски репрезентативец Александар Јовиќ.
Александар Јовиќ е роден во Бјелина, Босна и Херцеговина, Јовиќ во кариерата играше во најголемите клубови во земјава: Борец, Јафа Промет, Вардар, Металург, Пелистер. Играше со македонската репрезентација на две големи натпреварувања: Светското првенство во 2009 и Европското првенство во 2012 година.
Последните месеци, Јовиќ беше тренер на Пролет. Претходно во кариерата беше тренер на Металург, Металург 2, Пелистер и Пелистер 2.
Како тренер на Пелистер ја освои шампионската титула во домашното првенство, прва по 2006 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Газдата на Далас за Дончиќ: Џордан и Брајант даваа се од себе

Патрик Думонт, сопственикот на Далас Маверикс, конечно реши да проговори за трејдот на Лука Дончиќ, откако не престануваат критиките и протестите за потегот што го направи франшизата од Тексас.
Зборувајќи за „Далас морнинг нуз“, Думонт ги отфрли тврдењата дека Дончиќ го напуштил Далас поради финансиски причини и ја сподели својата страна од приказната.
„Тимовите победуваат затоа што сите играчи се фокусирани и го имаат вистинскиот карактер, ја носат вистинската култура, ја покажуваат вистинската посветеност кон работата и работат напорно за да придонесат за исходот на шампионатот. Ако не се работи така, поразите се неизбежни“, објасни тој.
Думонт јасно стави до знаење какви вредности очекува од своите играчи, па ги спомна најголемите НБА легенди.
„Ако ги погледнете великаните на оваа лига, луѓето со кои пораснавме вие и јас: Џордан, Бирд, Коби, Шек, тие работеа навистина напорно, секој ден, со единствен фокус на победата. Ако го немате тоа, тогаш нема резултати. И ако го немате тоа, не треба да бидете дел од Далас Маверикс. Тоа е она што го сакаме. Јас сум категоричен за ова. Целата организација го знае тоа. Така работам надвор од кошарката. Ова е единствениот начин да се биде конкурентен и да се победи. Ако сакате да одите на одмор, не правете го тоа со нас“, рече газдата на Далас и дополни.
„Јас сум голем фан на Лука. Моето семејство исто така. Навистина го ценам она што тој го донесе во овој тим, она што го донесе во Далас. Тој е неверојатен играч. Сакам да знаете дека навистина сочувствувам со сите наши фанови кои се разочарани. Видете, што се однесува до мене, Лука ќе биде „маверик“ засекогаш, а јас навистина му посакувам среќ и успех во кариерата“.
Спорт
Роналдо доби нов договор од Ал Наср

Сè уште не е официјално објавено, но според вестите од Саудиска Арабија, Кристијано Роналдо ќе го продолжи договорот со Ал Наср до крајот на 2026 година.
Португалецот пред неколку дена наполни 40 години, се почести со победа и уште еден гол против Ал Фејха, а од клубот на подарок доби нов договорот.
Португалецот пристигна во Саудиска Арабија во декември 2022 година од Манчестер јунајтед, на 90 натпревари постигна 82 гола и забележа 19 асистенции. Оваа сезона на 26 натпревари постигна 24 гола. На последните девет натпревари за Ал Наср во првенството постигна 10 гола.
Роналдо е водечки стрелец во ПРО лигата со 16 гола, Карим Бензема има постигнато два помалку, а зад него се напаѓачите на Ал Хилал Маркос Леонардо и Александар Митровиќ со по 12 гола.
Спорт
Тешки обвинувања: Реал со поддршка од Барселона се обидува да го уништи шпанскиот фудбал

Со денови нема мир на Пиринејскиот полуостров, а нема да има во скоро време. Клубовите се револтирани и згрозени од постапките на Реал Мадрид, а најгласни се градскиот ривали Атлетико, Атлетик Билбао и Севилја.
Од стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ пристигнаа сериозни обвинувања против „кралскиот клуб“, а критики се испратени и кон Барселона.
Реал врши силен притисок, најчесто преку клупската телевизија. Ги критикува судиите, Ла Лига, Шпанската фудбалска федерација. Убедени се дека одредени судии ги опструираат во борбата за титулата.
Претседателот на Севилја, Хозе Марија дел Нико Караско, отворено го искажа својот став за случувањата во лигата, рече дека е ужаснат и загрижен од последните потези на Реал Мадрид.
„Важно е да се направи разлика помеѓу намерата да се направат промени во судискиот систем и неодамнешната изјава на Реал Мадрид, која е неподнослива и неприфатлива. Тоа го доведува во прашање интегритетот на натпреварувањето и чесноста на судиите. Мораме јавно да го осудиме ова, па дури и да преземеме правна постапка против секоја комуникација што го загрозува интегритетот на спортот“, рече Караско, пред натпреварот на Севилја со Барселона, а ден по градското дерби меѓу Реал и Атлетико (1:1), по кое од „кралскиот клуб“ повторно се жалеа на судењето.
Првиот човек на клубот од Андалузија е загрижен и за далекусежните последици од најновите постапки на великанот од „Сантијаго Бернабеу“.
„Она што најмногу ме загрижува е тоа што оваа ситуација изгледа никого не изненадува. Реал Мадрид се обидува да го поткопа шпанскиот фудбал преку своите медиумски канали, да го уништи, а ние не можеме да му дозволиме да го стори тоа. Нема да толерираме никакво доведување во прашање на интегритетот на судиите во јавноста. Она што тие се обидуваат да го направат е да извршат притисок врз судиите и да не им дозволат да судат според нивната слободна проценка“.
На Караско исто така не му се допаѓа односот на Барселона во оваа ситуација, бидејќи не ја разбира пасивноста на најголемиот ривал на Реал.
„Доколку јавно не го искажале својот став, тоа сугерира дека се согласуваат со идејата дека судиите се неправедни кон Реал Мадрид. Дали Барселона навистина смета дека е вредно да го оправда ваквото однесување за да ги собере остатоците зад Реал Мадрид? Ги повикувам да не се обидуваат да го уништат“, изјави претседателот на Севилја и за крај призна дека не вечера со луѓето од Барселона и дека оваа практика нема да се промени додека не понудат одговори за „случајот Негреира“.
„Јавно го кажавме нашиот став во врска со „случајот Негреира“. Сè уште чекаме објаснување од Барселона. Ги поканивме во ложата, тоа е нивно право, но немаше вечера. Нема да седам во ложата со луѓето од Барселона додека не дадат објаснување. Ги прекинавме односите и тука работите не се сменија.“