Спорт
Почина легендарниот тренер Мирослав (Ќиро) Блажевиќ

Почина Мирослав Ќиро Блажевиќ, легендарниот хрватски селектор и поранешен селектор на фудбалската репрезентација на Хрватска. Тој ја загуби долгата борба со ракот на 88-годишна возраст.
Болеста првпат му беше дијагностицирана во 2011 година, двапати ја победи, но за жал третпат не успеа.
„Тренерот на сите тренери“, како што го нарекуваа во регионот на поранешна Југославија, е роден во Травник, и автор е на еден од најголемите успеси на хрватскиот фудбал и спорт воопшто, светскиот бронзен медал од Мундијалот во 1998 година.
Фудбал играше до 31 година, а ги носеше дресовите на Динамо Загреб, Локомотива, Сараево, Риека и на Сион, а потоа реши да стане тренер во швајцарскиот Мутие.
Тој остана во Швајцарија и ги водеше Вевеј и Сион пред да ја преземе швајцарската репрезентација во 1979 година.
Неговиот подем започна во 1979 година, кога дојде во Ријека, со која стигна до четвртфиналето на Купот на победниците на куповите, каде што беше елиминиран од Јувентус.
Тогаш почна легендата за големиот тренер Мирослав Ќиро Блажевиќ.
Своето име како тренер го прослави со титулата што му ја донесе на Динамо Загреб, по 24 години чекање, во сезоната 1981/82, четврта и што подоцна ќе се покаже како последна титула на шампионот на Југославија. Со „модрите“ следната сезона го освои и пехарот „Маршал Тито“ во Купот на Југославија а подоцна во хрватското првенство освои титула уште два пати (1993 и 2003 година).
Грасхоперс беше под негова палка во сезоната 1983/84 со триумф во првенството на Швајцарија, а во неговите успеси секако може да се вбројат и фактите дека ја задржа Приштина во елитниот фудбалски ранг на СФРЈ и ја внесе и Слобода Тузла во Премиер лигата на Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Барди: Малта само мислеше како да се одбрани, ќе бидеме подобри со Украина и со Англија

„Десетката“ на Македонија, Енис Барди, смета дека нашиот национален тим сосема заслужено стигна до победа од 2:1 на вечерашниот меч против Малта во Скопје. Елмас и Чурлинов беа стрелци на головите.
„Заслужено победивме, постигнавме два гола, можевме и уште некој. Првиот чекор од овие квалификации беше успешен, очекувам да играме уште подобро против Украина и против Англија. Тешко е да се игра против Малта која само мисли како да се одбрани. Ќе бидеме уште подобри во иднина. Сакам да се заблагодарам и на навивачите за поддршката“, изјави Енис Барди.
Македонија на 27 март ја очекува и пријателски натпревар против Фарски Острови на арената „Тодор Проески“.
Спорт
Хари Кејн најдобар стрелец во историјата на Англија

Kапитенот на Англија, Хари Кејн, со 54 гола вечерва стана рекордер во историјата на фудбалска репрезентација на гордиот Албион, откако беше стрелец на натпреварот против Италија во Неапол, во квалификациите за ЕП 2024 година.
Англија ја победи Италија со 1:2 во првото коло од групата Ц, а Кејн за националниот тим го постигна 54. гол на 81 натпревар.
Фудбалерот на Тотенхем го собори рекордот што го делеше со Вејн Руни, кој постигна 53 гола на 120 натпревари за англиската селекција.
Кејн ќе може да го подобри својот рекорд веќе о недела, кога Англија во второто коло ја пречекува Украина на „Вембли“.
Спорт
Милевски: Ваквите мечеви со ривали како Малта се најопасни, важен е триумфот

Фудбалската репрезентација на Македонија со победа од 2:1 над Малта го стартуваше новиот циклус квалификации за пласман на ЕП 2024. Елмас и Чурлинов беа стрелци на головите за нашиот национален тим, кој, сепак, не блескаше.
Селекторот Благоја Милевски доби црвен картон во завршницата од мечот.
„Добив црвен картон затоа што сум го напуштил просторот за водење на тимот крај клупата. За тоа се добива жолт картон, но ете јас поцрвенев. Сакам да им честитам на момците, за енергијата, за желбата и тактичката дисциплина што ја покажаа на овој натпревар. Ваквите мечеви со ривали како Малта се најопасни. Најважно е дека победивме, а од натпревар во натпревар сме сѐ подобри. За жал, имаме повреди. Ѓоко Зајков со итна помош е одведен во болница, а Адеми се повреди на последниот тренинг“, изјави селекторот Благоја Милевски.