Спорт
Погба во аут до крајот на сезоната, го одигра „своето“ за Јунајтед

Пол Погба можеби го одигра својот последен меч за Манчестер јунајтед, откако преодниот менаџер на тимот Ралф Рангник потврди дека повредата на мускулот на ногата значи крај на сезоната за 29-годишниот Французин.
Погба се повреди во првите минути од дербито со Ливерпул, а од лето е слободен играч без најави дека Јунајтед му понудиле да потпише нов договор.
„Пол Погба е во аут, најверојатно нема да игра до крајот на сезоната. Докторот ми кажа дека се потребни минимум четири недели, а последнио меч е на крајот на мај, така што тешко дека ќе биде во форма да игра“, изјави Рангник пред мечот со Арсенал во сабота.
Иако произлезе од славната академија на Јунајтед додека менаџер беше Сер Алекс Фергусон, тој беше пуштен да замине бесплатно во Јувентус, по што „ѓаволите“ платија тогаш рекордни 100 милиони евра во 2016 да го вратат на „Олд Трафорд“. Додека за француската репрезентација секогаш беше на ниво, времето со Јунајтед беше одбележано со слаба форма и многу повреди. Тој има 226 настапи за Јунајтед со 39 гола, освојувајќи една титул од Лига купот и една од Европа лига во 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
ЕСПН: Нејмар ќе биде ставен на трансфер-листата

ПСЖ заврши одлична работа откако успеа да го задржи во Париз, Килијан Мбапе. Младиот напаѓач го продолжи договорот со клубот до јуни 2025 година.
Откако го решија најголемиот проблем, во следниот период клупските челници ќе треба да изберат нов тренер, но и да го реновираат тимот.
Според „ЕСПН“, во ПСЖ одлучиле на трансфер листата да го стават Нејмар. Бразилецот е една од најголемите ѕвезди на „светците“, меѓутоа во ниту еден момент тој не ја оправда инвестицијата.
Бразилецот во ПСЖ пристигна во 2017 година од Барселона за рекордни 222 милиони евра. Тој одигра 144 натпревари и постигна 100 гола и додаде 60 асистенции. Освои вкупно 12 трофеи.
Според „ЕСПН“, интерес за Нејмар покажале Челси и Њукасл.
Она што ќе биде тешко во овој случај е кој ќе ја плати отштетата, но и огромната плата на Нејмар. Месечно во Париз, Бразилецот заработува 3,4 милиони евра.
Спорт
Милер прогнозира: Ќе биде 2:2, Ливерпул ќе победи на пенали

Фудбалерот на Баерн, Томас Милер, верува дека Ливерпул вечерва ќе стане европски првак. Тој вели дека дуелот помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид може да се реши само со пенали, а на Ливерпул му дава поголема шанса да го освои трофејот.
Милер ќе има по еден поранешен соиграч во секој тим – Тиаго Алкантара во Ливерпул и Давид Алаба во Реал. Иако вели дека верува оти Ливерпул е подобар тим, Милер додава дека не смее да се занемари историјата на Реал во Лигата на шампионите.
„Мојот впечаток е дека Ливерпул е подобар тим. Но, сето она што Реал го направи во Лигата на шампионите го прави тим што никој никогаш не треба да го отпише. Предвидувам дека ќе биде 2:2 и дека Ливерпул ќе победи на пенали“, изјави Милер за германскиот весник „Тз“.
Ливерпул оваа сезона освои две титули на пенали, во Лига купот и ФА купот. Особено впечатлива беше серијата во финалето на Лига купот, која беше решена дури по 11 серии.
Финалето на Лигата на шампионите се игра вечерва во Париз.
Спорт
Официјално заврши ерата на Абрамович во Челси

Роман Абрамович конечно успеа да го продаде лондонски Челзи и сега славниот англиски клуб доби нови сопственици.
Челзи со официјално соопштение во саботата наутро потврди дека преговорите влегле во завршна фаза во петокот навечер и дека клубот е продаден.
Нов сопственик на клубот е Тод Боили, сопственик на безбол клубот Лос Анџелес Доџерс.
Конзорциумот – предводен од Боили, како и Кларк Капитал, Марк Волтер и швајцарскиот милијардер Хансојерг Вис, ќе му плати на клубот околу 4,5 милијарди долари и ќе биде обврзан да инвестира уште 1,7 милијарди долари во него.
Боили, американски инвеститор и бизнисмен, има пријавена нето вредност од 4,5 милијарди долари (3,6 милијарди фунти), според Форбс.
Покрај тоа што е сопственик на Доџерс, тој има удел и во Лос Анџелес Лејкерс, а сопственик е и на женскиот НБА тим Лос Анџелес Спаркс.
„Челзи може да потврди дека е постигнат конечен и дефинитивен договор за продажба на клубот на Тод Боили / Клирлејк Капитал. Трансакцијата се очекува да биде комплетирана во понеделник. Клубот потоа ќе објави дополнителни информации“, се вели во соопштението.
Ова и официјално значи крај на ерата на Роман Абрамович на „Стенфорд Бриџ“. Во ерата на Абрамович „сините“ освоија 19 трофеи од 2004 до 2021 година, меѓу кои пет во Премиер лигата и две во Лигата на шампиони.