Спорт
Пол нема намера да се пензионира
И покрај неславниот крај на сезоната и убедливиот пораз во седмиот натпревар од полуфиналето на Западната конференција од Далас Маверикс, Крис Пол, искусниот плејмејкер на Финикс Санс, изјави дека не го одиграл последниот натпревар во кариерата.
Далас ги декласираа Санс со резултат 123:90 во решавачкиот натпревар од полуфиналето, а во борбата за големото финале ќе се сретнат со Голден Стејт Вориорс.
Во ноќта меѓу среда и четврток на програмата е првиот меч од финалето на „Западот“.
„Кога играте доволно долго и нема да победите, секогаш кога ќе изгубите, луѓето ќе кажат дека тоа била вашата најдобра шанса“, одговори Пол на прашањето дали ова била најдобрата шанса за него да го освои шампионскиот прстен .
„Но за мене и за нас тука е и следната година. Толку можам да ви кажам, утре нема да се повлечам, фала богу. Само се надевам дека ќе бидам здрав за да се вратам следната сезона. Продолжувам да играм“.
Пол, кој на 6.мај наполни 37 години, во првите два меча со Маверикс имаше вкупно 47 поени со 11 асистенции и четири загубени топки, но неговиот тим не успеа да ја одржи предноста од 2-0 во серијата.
Очигледен беше и неговиот пад во играта – просечните поени паднаа на 9,4, асистенцијата на 5,8, додека бројот на загубени топки се зголеми на 3,6 по натпревар. Маверикс успешно ги искористија неговите слабости, што резултираше со доминантен настап во неделата, во решавачкиот меч.
„Мислам дека само не покажавме доволно“, го коментираше Пол убедливиот пораз во седмиот меч.
„Мислам дека Монти (Вилијамс) рече дека одговорноста е на него, но мислам дека е на мене, како плејмејкер и лидер на тимот. . На мене е да се погрижам да се направат вистинските кадри и се што е потребно“.
Во регуларниот дел од сезоната, Пол имаше просек од 14,7 поени на 65 натпревари, со 10,8 асистенции по натпревар, додека во плеј-офот постигнуваше 17,5 поени, со 8,3 скока.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Куртоа се враќа до крајот на сезоната
Tренерот на Реал, Карло Анчелоти денеска изјави дека голманот Тибо Куртоа треба да се врати во тренажен процес за десет дена, пренесуваат шпанските медиуми.
На 20 март Куртоа беше опериран поради скинат менискус на десното колено. Шпанските медиуми потсетуваат дека белгискиот голман требаше да паузира до крајот на сезоната, но Анчелоти тврди дека Куртоа успешно се опоравува.
„Куртоа добро закрепнува, би можел да биде во тимот против Кадиз“, изјави Анчелоти.
Шпанските медиуми пренесуваат дека Куртоа сигурно ќе го пропушти натпреварот против Реал Сосиедад во Ла Лига, како и првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Баерн.
Натпреварот од 34. коло во шпанското првенство помеѓу Реал и Кадиз ќе се одигра на четврти мај во Мадрид.
Спорт
Евролигата нема да го толерира однесувањето на Атаман
Кошаркарската Евролигата се огласи по бурната реакција и изјава на Ергин Атаман по поразот на Панатинаикос од Макаби, во Атина на стартот од четвртфиналната серија.
Во соопштението на веб-страницата на елитното натпреварување, се нагласува дека е недозволиво Атаман да ги етикетира судиите, дека таков приситсок нема да биде толериран и дека е покрената дисциплинска постапка против тренерот на Панатинаикос.
За потсетување, Атаман веднаш по натпреварот потенцираше дека судиите му доделиле шест поени на Балдивин, бидејќи досудиле два непостоечки, смешни фаули при шут за три поени, но во исто време нагласи дека ПАО продолжува понатаму, до завршниот турнир во Берлин.
Атаман на прес-конференцијата отиде чекор понатаму, велејќи дека ќе го напушти Панатинаикос доколку не избори пласман на завршниот турнир.
Макаби води во четвртфиналната серија со 1-0, вториот меч се игра вечерва повторно во Атина, а потоа следуваат два натпревари во Белград – 30 април и 2 мај, а евентуалната мајсторка ќе се игра на 8 мај во Атина.
Спорт
Гвардиола за Жоао Кансело: Ќе видиме на крајот на сезоната
Жоао Кансело е член на Манчестер Сити, а моментално е на позајмица во Барселона до крајот на сезоната. Прашање е дали Барселона сака да го отткупи неговиот договор, откако Португалецот беше означен како еден од главните виновници за елиминацијата од ПСЖ од Лигата на шампионите и поразот од Реал во Ел Класико.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека на крајот на сезоната ќе одлучи дали Кансело ќе се врати во клубот, пренесуваат британските медиуми.
„Се уште не сме разговарале за иднината на Кансело во нашиот клуб. Ќе разговараме на крајот на сезоната“, изјави Гвардиола.
Кансело (29) е член на Манчестер Сити од 2019 година. Тој има договор со англискиот клуб до 30 јуни 2027 година.
Вториот дел од минатата сезона Кансело го мина на позајмица во Баерн, а потоа Манчестер Сити го испрати португалскиот фудбалер на едногодишна позајмица во Барселона.
Кансело оваа сезона одигра 36 натпревари за Барселона и постигна четири гола.