Спорт
Полош и од Кепа: Ја зел топката од соиграч, дал гол од пенал и тргнал да се тепа со тренерот (видео)
Се потсетуваме на лудориите на Камерунецот Леонард Квеуке како доказ дека имало и полош пример на недисциплина и непочитување од голманот на Челзи, Кепа Аризабалага, за кого зборува фудбалската јавност по одбивањето да излезе од игра на финалето на Карабао клубот меѓу Челси и Сити.
Антијунакот на кој се потсетува фудбалската јавност беше напаѓач на туркиот прволигаш Ризеспор во сезоната 2015/2016.
Од Спарта Прага дошол со репутација на голгетер, но потегот кој го направил на гостувањето кај Генчербирлиги во 2015 година сè уште се раскажува.
На три минути пред крајот Генчербирлиги водел со 2-1, по што бил досуден пенал за Ризеспор. Според договорот, пеналите во тимот требало да ги изведува Каја Серкан, но Квеуке ја грабнал топката, па со низа псости ги истерал сите кои му замериле дека го крши договорот.
Тренерот на Ризе, Хикмет Караман, на аут-линијата лудувал за однесувањето на неговиот играч (слично како и Сари во неделата), па помошниот судија го спречил да не влезе на терен и да се пресмета со напаѓачот.
Сепак, Квауке победил. Го шутнал пеналот и погодил за 2-2. Но тоа не е сè. Тој потоа почнал да го навредува неговиот тренер со зборовите „од е.и“, па тргнал кон клупата да се пресмета со Караман. Тренерот кон него фрлал со шише, но останатите фудбалери спречиле поголем инцидент.
Натпреварот продолжил, па да биде иронијата поголема, Квеуке во 92. минута дава гол за три бода за Ризеспор. Овој гол го прославил со навивачите на една од трибините.
Леонард Квеуке, напаѓач кој на 277 клупски натпревари постигнал 114 гола, а за Камерун на 22 меча двапати бил стрелец сега има 31 година и сè уште нема клуб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
УЕФА ќе го разгледа предлогот секој тим да има по 26 фудбалери на ЕП
Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе разговара за можноста за проширување на бројот на играчи за претстојното ЕП 2024 во Германија на состанок следниот месец.
Според актуелните правила, секоја репрезентација може да има по 23 пријавени фудбалери на ЕП. Српскиот селектор, Драган Стојковиќ Пикси, предложи, секоја селектор да може да пријави 26 играчи. Овој предлог доби поддршка од селекторите на 24 репрезентации кои ќе учествуваат на континеталниот шампионат.
„Добивме неколку пораки од селекторите на репрезентациите во врска со бројот на играчи ЕП 2024. Работната група на УЕФА и претставниците на репрезентациите учесници ќе ги разгледаат предлозите на селекторите на 8 април и ќе ги проучиме сите можни решенија и идеи“, најавија од УЕФА.
На последното ЕП во 2021 година, поради епидемијата на коронавирус, секоја репрезентација имаше 26 фудбалери.
Спорт
Колку заработи Иванишевиќ од соработката со Ѓоковиќ?
Прекинот на соработката меѓу Новак Ѓоковиќ и Горан Иванишевиќ е топ тема кај регионалната спортска јавност.
Ниту една страна не ги откри точните причини за разделбата, освен што Ѓоковиќ изјави дека „достигнале точка на заситеност“.
Ѓоковиќ најверојатно пукна по лошиот почеток на сезоната во која се уште нема освоено трофеј, пред најважните турнири во годината, додека Хрватите пишуваат дека, без разлика на се, Иванишевиќ добро заработил од оваа соработка.
Соработката на ова дуо траеше речиси шест години, во кои Ѓоковиќ освои 12 грен слем титули.
Наводно, Ѓоковиќ му плаќал на Иванишевиќ од 6.000 до 10.000 евра неделно, односно легендарниот Хрват добивал 10 отсто премија од заработката на српскиот тенисер на турнирите.
Иванишевиќ заработил повеќе од 300.000 евра само од плата минатата година.
Ако ја земеме таа бројка како просечна заработка на Иванишевиќ за време на соработката со Ѓоковиќ и процентот од освоените турнири, Иванишевиќ во последните шест години како тренер на најдобриот тенисер во светот заработил помеѓу два и четири милиони евра.
Инаку, Иванишевиќ во кариерата како активен играч заработи околу 16 милиони евра. Кариерата во која освои еден грен слем (Вимблдон), Иванишевиќ ја заврши во 2011 година.
Спорт
Калафиори: Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми
Јувентус бара нови играчи во одбраната, откако е извесно дека Бремер ќе се пресели во Манчестер јунајтед.
Еден од можните наследници на Бразилецот е фудбалерот на Болоња, 21-годишниот Рикардо Калафиори. Барем така сметаат во клубот, бидејќи фудбалерот не е ни најмалку импресиониран од интересот што за него го покажа славниот италијански клуб.
Играчот чија вредност според „Трансфермаркт“, скокна од пет милиони евра на 25 милиони евра од октомври минатата година е под договор со Болоња до летото 2027 година.
Калафиори вели дека сака да го испочитува договорот што го има со актуелниот клуб отколку да се пресели во Јувентус.
„За мене Јувентус би бил чекор назад во споредба со Болоња, клуб кој работи на вистински начин. Попрво би останал овде отколку да го облечам дресот на Јувентус. Татко ми го презира Јувентус, а јас го почитувам татко ми. Нема пари за кои јас би отишол таму“, изјави Калафиори.