Спорт
Поминаа 34 години од најшокантниот кошаркарски пораз на СФР Југославија (видео)
Пред точно 34 години се одигра еден од најшокантните кошаркарски натпревари на Светските првенства, кога репрезентацијата на Југославија имаше +9 предност на 46 секунди пред крајот на полуфиналето против Советскиот Сојуз за да доживее неверојатен 91:90 пораз.
Тимот на Крешимир Ќосиќ имаше предност од 85:76 откако Зоран Чутура постигна два поени на СП во Мадрид и се веруваше дека мечот е завршен со победа за Југословените. Меѓутоа, Арвидас Сабонис не мислеше така – само неколку секунди подоцна од седум метри постигна тројка без никој да го чува (се славеше на клупата на Југославија).
Три секунди подоцна Зоран Радовиќ загуби топка под својот кош, а Тихоненко постигна нова тројка. Иако според тогашните правила постоеше опција тимот под фаул да бира дали ќе изведува слободни фрлања „еден-за-еден“ (со едно погодено се изведува другото) или топка од страна, и Ќосиќ избра топка од страна – клучна грешка.
Топката стигна до 18-годишниот Владе Дивац, тој направи чекори, а Вадим Валтерс од невозможна позиција постигна тројка за неверојатен пресврт, иако подоцна снимките покажаа дека ја гази линијата.
„Во очите на југословенските кошаркари гледав целосна изгубеност, чувство како да не знаат каде се. Сигурен бев дека не можам да промашам“, изјави Валтерс.
Во продолжението, психички паднатата СФРЈ немаше шанси и СССР се пласираше во финалето, каде што со 87:85 загубија од САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Куртоа се враќа до крајот на сезоната
Tренерот на Реал, Карло Анчелоти денеска изјави дека голманот Тибо Куртоа треба да се врати во тренажен процес за десет дена, пренесуваат шпанските медиуми.
На 20 март Куртоа беше опериран поради скинат менискус на десното колено. Шпанските медиуми потсетуваат дека белгискиот голман требаше да паузира до крајот на сезоната, но Анчелоти тврди дека Куртоа успешно се опоравува.
„Куртоа добро закрепнува, би можел да биде во тимот против Кадиз“, изјави Анчелоти.
Шпанските медиуми пренесуваат дека Куртоа сигурно ќе го пропушти натпреварот против Реал Сосиедад во Ла Лига, како и првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Баерн.
Натпреварот од 34. коло во шпанското првенство помеѓу Реал и Кадиз ќе се одигра на четврти мај во Мадрид.
Спорт
Евролигата нема да го толерира однесувањето на Атаман
Кошаркарската Евролигата се огласи по бурната реакција и изјава на Ергин Атаман по поразот на Панатинаикос од Макаби, во Атина на стартот од четвртфиналната серија.
Во соопштението на веб-страницата на елитното натпреварување, се нагласува дека е недозволиво Атаман да ги етикетира судиите, дека таков приситсок нема да биде толериран и дека е покрената дисциплинска постапка против тренерот на Панатинаикос.
За потсетување, Атаман веднаш по натпреварот потенцираше дека судиите му доделиле шест поени на Балдивин, бидејќи досудиле два непостоечки, смешни фаули при шут за три поени, но во исто време нагласи дека ПАО продолжува понатаму, до завршниот турнир во Берлин.
Атаман на прес-конференцијата отиде чекор понатаму, велејќи дека ќе го напушти Панатинаикос доколку не избори пласман на завршниот турнир.
Макаби води во четвртфиналната серија со 1-0, вториот меч се игра вечерва повторно во Атина, а потоа следуваат два натпревари во Белград – 30 април и 2 мај, а евентуалната мајсторка ќе се игра на 8 мај во Атина.
Спорт
Гвардиола за Жоао Кансело: Ќе видиме на крајот на сезоната
Жоао Кансело е член на Манчестер Сити, а моментално е на позајмица во Барселона до крајот на сезоната. Прашање е дали Барселона сака да го отткупи неговиот договор, откако Португалецот беше означен како еден од главните виновници за елиминацијата од ПСЖ од Лигата на шампионите и поразот од Реал во Ел Класико.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека на крајот на сезоната ќе одлучи дали Кансело ќе се врати во клубот, пренесуваат британските медиуми.
„Се уште не сме разговарале за иднината на Кансело во нашиот клуб. Ќе разговараме на крајот на сезоната“, изјави Гвардиола.
Кансело (29) е член на Манчестер Сити од 2019 година. Тој има договор со англискиот клуб до 30 јуни 2027 година.
Вториот дел од минатата сезона Кансело го мина на позајмица во Баерн, а потоа Манчестер Сити го испрати португалскиот фудбалер на едногодишна позајмица во Барселона.
Кансело оваа сезона одигра 36 натпревари за Барселона и постигна четири гола.