Спорт
Рафаел Леао: Саудиските пари? Борбата во Лигата на шампиони вреди повеќе!

Ѕвездата на Милан, Рафаел Леао посочува дека сака да „освојува големи работи“ со „росонерите“ на кои е фокусиран во блиската иднина и дека не го привлекуваат високите плати кои ги добиваат фудбалерите во Саудиска Арабија.
24-годишното португалско крило потпиша нов петгодишен договор со клубот во јули и е во добра форма со три гола и две асистенции во првите шест меча во сите натпреварувања, но италијанските медиуми го критикуваа што ги избегнува дефанзивните обврски и го критикуваат тренерот Стефано Пиоли дека цела игра на тимот се врти околу него.
„Верувам дека клубот е на вистински пат, успеавме да стигнеме до полуфиналето на Лигата на шампионите, и сега целта мора да биде да продолжиме да растеме, да носиме засилувања, да бидеме посилни. Сигурен сум дека Милан ќе се врати на титулите од Лигата на шампиони, што е нашата главна цел. За мене, јас сум млад и сакам да освојувам големи работи со Милан. Имам одиграно над 20 меча во Лигата на шампионите, така што имам искуство“, вели Леао во интервју за магазинот „Џи кју“.
Потоа тој зборуваше за својата иднина.
„Никогаш не вели никогаш, но јас сум во клуб кој ме прими многу добро и затоа го обновив договорот, што немаше да го направам ако мислев на заминување. Сакам следните две три години да освојам големи работи со Милан. Не сум подготвен да одам во саудиската лига. Последните денови парите се погласни, но за мене Лигата на шампиони е поважна од плата од 10 милиони евра, на пример“, вели Леао.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Потпретседателот на Српската федерација: Им кажав на Хрватите и Албанците „само вие да ни се паднете“

Српската фудбалска репрезентација на Европското првенство ќе се натпреварува во Германија.
На вчерашната ждрепка Србија се падна во групата со Англија, Данска и Словенија. Потпретседателот на Српскиот фудбалски сојуз Бранислав Недимовиќ по ждрепката изјави дека сакал Србија да игра против Хрватска и Албанија, но желбата не му се исполнила.
„Искрено, ја сакав групата Б во која се Шпанија, Албанија и Хрватска. Во саботата наутро на сите, вклучително и на претставниците на Албанија и Хрватска, им реков: ‘Само вие да ни се паднете’… Но, добро, мојата желба не се исполни“ ги пренесува зборовите на Недимовиќ српскиот портал „Телеграф“.
Тој смета дека Србија има пристојни шанси ако добро се подготви.
Спорт
Навивач на Нант избоден со нож во грб во дербито на лигата

Навивач на францускиот прволигаш Нант беше убиен во саботата во судир со навивачите на Ница пред натпреварот од француското првенство.
Нант објави дека еден од нивните навивачи бил избоден повеќе пати. Лекарите се обиделе да му помогнат, но не успеале и тој починал.
Престижниот француски спортски весник „Екип“ пишува дека тој бил член на озлогласената навивачка група на Нант која ги собира најжестоките навивачи. Клубот соопшти дека починатиот навивач имал 31 година и дека бил прободен од зад грб.
Истрагата е во тек.
Според некои медиуми, насилникот прво побегнал пред да оди во полициска станица кон крајот на вечерта. Сослушувањата на сведоците се во тек и се очекува да продолжат, рече истиот извор.
Натпреварот заврши со победа на Нант со 1:0. Ница остана на втората позиција, додека Нант е на осмото место на табелата во Лига 1.
Спорт
(Видео) Безидејниот Манчестер јунајтед поразен во Њукасл

Foto/ EPA
Њукасл го победи Манчестер јунајтед со 1:0 (0:0), во 14.коло во Премиер лигата. Натпреварот на „Сен Џејмс Парк“ го реши Ентони Гордон. Њукасл со оваа победа се искачи на петтото место со 26 бода, а Јунајтед кој го доживеа вториот пораз на последните шест натпревари, остана на седмото место со 24 бода. Манчестер јунајтед веќе има шест порази во Премиер лигата.
Избраниците на Еди Хау ја заслужија победата бидејќи доминираа во текот на целиот натпревар.
Јунајтед прв се закани преку Гарначо, кој имаше ситуација еден на еден со Поуп, но репрезентативецот на Англија успеа да го спаси својот гол.
Следеа нападите на „страчките“ и шансите на Алмирон, Исак, односно Трипие кој ја погоди гредата, но резултатот по првиот дел беше 0:0.
Моментот кој го реши прашањето околу конечниот победник се случи во 55. минута, Гимареш комбинираше со Трипие кој му асистираше на Гордон, а на поранешниот фудбалер на Евертон не му беше тешко да го совлада Онана.
Ерик тен Хаг се обиде да го размрда својот тим со две измени, влегоа Хојлунд и Антони, но тоа не донесе напредок во играта на Јунајтед.
Одбраната на Њукасл спаси добар обид на Регуилон, а во 89. минута голот на Антони беше поништен поради офсајд во кој беше Хари Мегваер.
До крајот на натпреварот, Њукасл успешно се справуваше со нападите на Јунајтед и оствари минимална победа.